1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

До крајот на неделава извештај за пожарот во Тетово

ДТЗ
20 септември 2021

До крајов на неделава треба да пристигнат извештаите за причината за пожарот во тетовската болница кој одзеде 14 животи.

Nordmazedonien Brand in einem Krankenhaus in der Stadt Tetovo
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Како може цел објект да изгори за само неколку минути? Ова е главното прашање околу коешто се фокусирала истрагата на германските истражители, коишто минатата недела ја посетија Северна Македонија. Тие имаат средба со колегите од тетовското обвинителство коишто ја водат истрагата. „Со нас ги споделија истите прашања и дилемите коишто го имавме и ние за истрагата, а главното прашање, е како успеал да изгори целиот обект за само неколку минути“, вели првиот човек на тетовското обвинителство, Бесир Алиу за ДВ.

Според неофицијални најави, прелиминарниот извештај на германските експерти за причините за пожарот во Тетово се очекува да биде готов до крајот на неделава. Но, според Алиу не може да се зборува за конкретни рокови, ниту пак да се прејудицира дали тоа ќе биде за 10 или 15 дена. „Со оглед на спецификата на случајот, очекуваме брзо да ни биде доставен извештајот“, додава тој. 

Германските истражители минатата недела извршија увид на местото на пожарот на ковид-центарот во Тетово, во којшто загинаа 14 и беа повредени 12 лица. Увидот траеше само еден ден. На нив им била предадена целосната документација околу случајот, од местото на несреќата биле земени примероци коишто се вештачат во лаборатории во Германија, како и копии на записниците и разговорите со лицата коишто биле сослушани вечерта на 8 септември, кога се случи пожарот. 

Ковид-болницата во Тетово се уште се обезбедува 24 часа во случај да бидат потребни дополнителни вештачења.Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Извори од истрагата за ДВ велат дека доколку има потреба од дополнителни докази, можно е повторно да се извршат форензички анализи на местото на трагедијата. Ковид-болницата во Тетово се уште се обезбедува 24 часа во случај да ни бидат потребни дополнителни вештачења“, вели Алиу.

Не се исклучува можноста германските истражители повторно да допатуваат во Тетово. „Претходно им ја обезбедивме целокупната документација, така што кога дојдоа на терен германските истражители знаеја точно какви информации им се потребни и какви истражни дејствија треба да спроведат“, велат извори од истрагата.

Премиерот Зоран Заев до крајот на неделата ги очекува извештаите за пожарот во Тетово. „Германските вештаци својата експертиза се очекува да ја достават во рок од 10 до 15 дена“, рече Заев одговарајќи на  новинарско прашање. 

Долга листа на сведоци  

На листата на тетовското обвинителство се наоѓаат десетици сведоци, родинини на починатите, пациенти во ковид-центарот коишто интензивно се сослушуваат во рамките на истрагата којашто ја водат петмина обвинители. Се разговара и со проектанти, комисии и други лица поврзани со изградбата на модуларните ковид-центри

Истражните дејствија се одвиваат без прекин веќе десетина дена. Се чекаат и вештачењата коишто беа побарани од страна на обвинителите и се разгледува обемната документација за изградбата на модуларните болници.

Надзорите не утврдија неправилности

Модуларните ковид-центри деновиве се најдоа под лупа и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој извршил вонреден инспекциски надзор во 18 модуларни болници. Од извршените надзори не се констатирани недостатоци, соопшти Инспекторатот.

Инспекцијата не затекнала недозволена посета на роднини на пациенти, а во сите модуларни болници било истакнато на видно место дека е забранета посета. Секаде имало истакнат распоред на дежурства на здравствен персонал, лекари и медицински сестри чија бројка е различна согласно капацитетот и бројот на хоспитализирани пациенти. „Вработените во модуларните болници се имунизирани, а дел имаат прележано Ковид-19“, се наведува во извештајот на инспекторатот.

Инспекцијата не затекнала недозволена посета на роднини на пациенти, а во сите модуларни болници било истакнато на видно место дека е забранета посета.Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Но, во меѓувреме дел од модуларните болници се празнат и пациентите се префрлаат во инфективните одделенија. Од почетокот на наредната недела болните од Ковид-19 ќе се селат и од штипската модуларна болница. Сите ќе бидат преместени во зградата на инфективното одделение, поради поставувањето на нов современ систем за гаснење пожар. 

Одговорност и оставки 

Дали извештаите на македонските истражители да бидат готови за брзо време, најмногу ќе зависи од Обвинителите и од комплементирањето на документацијата од страна на форензичарите. „Не само затоа што јас ги чекам одговорите за да дадам свој став, по повод поднесените четири оставки, поважно е што граѓаните бараат одговори – што всушност се случило, кои се причините “, порача денеска Заев. Премиерот додаде дека најпрвин ќе почека истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница да се заврши, заедно со резултатите од вештачењето, по што ќе одлучи за поднесените оставки од страна на министерот за здравство Венко Филипче, неговиот заменик и од раководните лица во тетовската болница.

-повеќе на темата: Филипче: Без модуларните болници ќе ни се случеше италијанското сценарио

„Ако ги вратиме животите на овие 14 луѓе, не само што би дале оставка, туку би заминале од политиката и не би се вратиле. Но не можеме да ги вратиме! Модуларните болници се за пациентите да не седат по паркинзи. Целта беше исполнета, таму се сместуваат граѓани заболени од Ковид-19. Ние не градевме болници, тоа се модуларни контејнери. Тие се секаде во светот така поставени“, вели премиерот. 

На новинарско прашање околу начинот на изградба на модуларната болница во Тетово, истакна дека ваквиот вид на болница не се поставуваат со дозвола, туку со решение за поставување. „Сите знаеме дека државата не градеше со одобрение за градба, статики, локациски услови како што се градат сите болници. Овде имаме времени модуларни контејнери и за нив има примопредавање, а не употребна дозвола“, рече Заев.

Тој го оцени како банално прашањето за неговата оставка, откако деновиве порача дека нема да се повлече за Христијан Мицкоски да дојде на власт.  „СДСМ е демократска партија со квалитетни кадри кои можат Заев да го заменат и веќе банално е ова прашање сиве овие денови“, вели Заев.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми