Ромите се најбројното етничко малцинство на Стариот континент. Тие во Европа живеат над 7 века.
Реклама
8. април е Меѓународен ден на Ромите. Токму на овој ден во 1971 година во Лондон беше одржан првиот Светски конгрес на Ромите. На конгресот е усвоено официјалното име - Роми. Дотогашниот назив „цигани“ е отфрлен како навредлив и дискриминирачки.
Денес во Европа живеат околу 12 милиони Роми и тие се најбројното етничко малцинство на Стариот континент. Половина од нив во земјите од Европската унија. Во Романија, Бугарија и во Унгарија живеат најмногу Роми, додека во Хрватска и во Полска ги има релативно малку.
Ромите- најбројно малцинство во Европа
01:47
Во прашање се само проценки, бидејќи многу Роми го премолчуваат своето вистинско потекло поради страв од дискриминација. Во Србија, например само 108.193 од вкупно 600.000 Роми така и се изјаснуваат. Во Македонија пак, процентките велат дека живеат 197 илјади Роми, додека на последниот попис како припадници на оваа етничка заедница се изјасниле 53 879 луѓе.
Ромите во земјите од средна и од југоисточна Европа главно живеат во сиромаштија. Шансите за работа им се минимални, речиси никакви, а често се изложени на дискриминација и на физички напади.
Затоа Ромите од Македонија, Србија и од Албанија постојано се обидуваат да дојдат да живеат на Запад. Во Германија веќе со години голем број од нив безуспешно поднесуваат барања за азил. На Ромите од Бугарија и од Романија им е полесно. Тие од 2014 година можат да работат легално во ЕУ. Оттогаш само во Германија дојдоа неколку десетици илјади.
Кај Ромите во Асеновград
Во Асеновград, во јужна Бугарија, живеат шест илјади Роми. Како и во многу други бугарски градови, Ромите и овде живеат во свој свет. Марија Илчева беше во посета на Ромите во Асеновград.
Фотографија: DW/M.Ilcheva
Живот во квартот на Ромите
Асеновград во јужна Бугарија е град со 60 илјади жители. Како и во другите бугарски градови, Ромите и во Асеновград живеат во посебен кварт. Дрвени колиби или лимени бараки меѓутоа овде речиси нема, освен на периферијата на населбата, каде живеат најсиромашните.
Фотографија: DW/M.Ilcheva
Дали се Роми или не?
Според последниот попис, во Асеновград живеат само 663 Роми. Но, ако влезете во ромската населба Лозница, веднаш ви е јасно дека статистиката не е точна. Неофицијалните податоци велат дека тука има повеќе од шест илјади Роми. Зад противречените бројки се крие познатиот факт: најголем дел Роми се изјаснува како Турци или Бугари.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Градење без дозвола
Речиси половината од куќите во Лозница се без градежна дозвола. Во источниот крај на квартот, кој граничи со гробишта, стојат повеќе дрвени бараки, изградени на туѓо земјиште. Планот за интеграција на градот предвидува овде во следните десет години изградба на социјални станови за Ромите, наместо дрвените бараки. Идејата е спорна.
Фотографија: DW/M.Ilcheva
Дом со седум деца
Овој човек гордо го покажува портретот на својата жена: „Ја сакам, имаме седум деца“. Семејство со само едно дете овде е речиси незамисливо. Мајките често се малолетни кога ќе го добијат првото дете. А со 25 години проширувањето на семејството е речиси завршено. Многу баби и дедовци во населбата немаат ни 40 години.
Фотографија: DW/M.Ilcheva
Ромско училиште
Во Асеновград сите ромски деца одат во училиште. Во 99 проценти тоа е училиштето „Никола Вапцаров“, т.н. ромско училиштево Асеновград, кое се наоѓа непосредно во близина на ромската населба. Во годините пред демократските промени, 1989-1990, училиштето го посетуваа и бугарски и турски деца. Денес сите 720 ученици во „Никола Вапцаров“ се Роми.
Фотографија: DW/M.Ilcheva
Прекин на школувањето
Т.н. ромско училиште во Асеновград пружа општо осумгодишно образование. 70 проценти од учениците го завршуваат осмото одделение. Останатите 30 проценти го напуштаат училиштето без диплома, најчесто поради слаб успех на предавањата на бугарски или зашто рано стапуваат во брак и добиваат деца. Секоја година во последнава група има по четири или пет девојчиња.
Фотографија: DW/M.Ilcheva
Во потрага по среќата во странство
Во последната година училишната управа констатира нов тренд кај ромските ученици: се‘ повеќе деца го напуштаат училиштето на неколку месеци за да си ја пробаат среќата со родителите во странство, претежно во Германија и во Франција. Најчесто децата се враќаат со семејството по два или три месеци и мораат да го повторуваат одделението.
Фотографија: DW/M.Ilcheva
Горди матуранти
Бројот на матуранти во ромската населба е мал, затоа тие уживаат посебно внимание. Ромите-матуранти најчесто потекнуваат од побогатите семејства, кои на големата завршна матурска прослава го канат целото соседство. Малкуте матуранти од Лозница посетувале насочено образование и се квалификувани козметичарки, фризерки, механичари или електротехничари.
Фотографија: DW/M.Ilcheva
Половината се невработени
Според податоците од Агенцијата за вработување, половината од жителите Роми во Асеновград се невработени. Околу 85 проценти од примателите на социјална помош во градот се Роми. Најчесто вработените Роми работат како помошници во градежништвото или чистат улици. Некои од нив имаат сопствени фирми, пред се‘ трговци на пазарот.
Фотографија: DW/M.Ilcheva
Сопствена фирма
Некои Роми во ромската населба имаат свои продавници. Но, тоа во Лозница често не значи повеќе од поставена тезга на улица на која се нуди стоката: пијалоци, мастики за џвакање, цигари, кекси. На трговците со облека дури не им треба ни тезга, ја нудат обесена на закачалки.
Фотографија: DW/M.Ilcheva
Децата и парите
Децата сакаат сами да заработуваат пари. За тоа се потребни идеи и талент за импровизација, како кај овие момчиња, кои продаваат сладолед. Но, многу деца се принудени да питачат или тоа го прават доброволно. На секоја свадба, на секој погреб пред општината или на гробиштата стојат група Ромчиња-питачи - сомнителен „бизнис“ со емоциите на луѓето.