1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесните граѓани на БиХ полека се будат

Даниел Хајнрих/Н. Домазетовиќ9 јули 2016

Граѓанска иницијатива во Босна и Херцеговина- тоа е мислена именка. Но, една невладина организација успеа да направи сензација. Спречи градење на православна црква во земја каде што СПЦ е една од најмоќните институции.

Фотографија: DW/D. Heinrich

Миодраг Дакиќ е во својот елемент. Со раширени раце овој 43 годишник стои на една пространа зелена површина во срцето на Бањалука. Граѓанскиот активист и борец за заштита на животната средина зборува за вложените напори, непреспиените ноќи, неуморната акција на граѓаните и негови колеги од „Центарот за животна средина Бањалука“. Српската православна црква токму на тоа место сакаше да изгради уште еден храм, иако во непосредна близина веќе има три цркви, а оваа зелена површина, една од последните, ќе станеше жртва на нелегална градба.

Претставниците на црквата не се навикнати на отпор, вели Дакиќ. „Позицијата на црквата во нашето општество е многу, многу силна“. За тоа има историски причини, објаснува Дакиќ во разговор за ДВ. „До деведесетите години црквата навистина не беше забранета, но беше запоставена. Потоа почна војната и се издигнаа националистички струи“. Црквата како претставник на православните Христијани, односно на Србите во оваа земја, доста добро профитираше од тоа. „Денес во принцип никој не се спротивставува на нејзините одлуки“, раскажува Дачиќ.

Миодраг ДакиќФотографија: DW/D. Heinrich

Црквата и државата – (не)света алијанска

Дејтонскиот договор од 1995 ја подели Босна и Херцеговина на два ентитети. Бањалука е главен град на Република Српска во која денес главно живеат Срби. Црквата не е само дел од идентитетот, во заедничка игра со политиката формира конгломерат на моќ на кој е тешко да се спротиставиш. Еден пример за тоа е и градежниот проект на јавна површина. Да се дискутира јавно за тоа во Европа и Германија е нормална работа, но не и во Бањалука, во градот во кој одлуките се носат зад затворени врати. Така, она што некогаш беше исклучок, денес стана правило.

Шарлот Хермелинк е раководителка на Гете институтот во БиХ, која на на Дакиќ му оддаде почит за неговите напори, со оглед на (не)светата алијанса помеѓу црквата и државата. „Овде е врежано мислењето дека политиката е нешто лошо, корумпирано, а не нешто против чии одлуки не може ништо да се стори“. Луѓето тука воопшто не се навикнати на тоа дека нивното мислење се важи и смеат да учествуваат во одлучувањето, објаснува Хермелинк.

Српска православна црква во БањалукаФотографија: DW

Земјата како „Заробена држава“

Миодраг Дакиќ и неговите колеги на почетокот на кампањата ги искусија ваквите „културни специфичности“ на своите сонародници. И покрај големиот сомнеж на поголемиот дел од популацијата дека плановите за изградба на црква се во ред, малкумина сакаа да се приклучат на протестите. Но Дакиќ и неговите колеги не запреа. Лепеа плакати, организираа трибини, јавни расправи, собраа повеќе од 5.000 потписи против овој проект и на крајот завршија на суд. Судот одлучи во нивна корист. Пресудата беше огромен успех за активистите, воедно и преседан во поновата историја на градот. Во БиХ постои голем број на правни средства со кои може да се води борба против „непријатните“ одлуки. Но, во пракса скоро и да нема примери бидејќи поголемиот број на граѓани не си ги знаат своите права.

За Марион Краске раководител на на Хајнрих Бел фондацијата во БиХ, тоа е пред се, прашање за менталитетот. Политичките елити во земјата се целосно дискредитирани. „Ние тука се среќаваме со феноменот на „освоена држава“, како што истакна една политичка активистка на маргините на една конференција за ангажманот на граѓанското општество во балканските земји: „Политичката елита смета дека земјата и припаѓа на неа, вклучувајќи ги медиумите и другите ресурси“, објаснува Краске за ДВ. „Така граѓаните кои сакаат да се ангажираат, ги сметаат за фактор на попречување или како криминалци, бидејќи им пречат во работењето“.

Марион Краске раководител на на Хајнрих Бел фондацијата во БиХФотографија: DW/D. Heinrich

Берлин – Париз- Бањалука

Големи граѓански протести како што беа на пример „Штутгарт 21“, кога илјадници граѓани протестираа поради изградбата на нова железничка станица и планираното сечење на повеќе од 300 стебла се незамисливи во Босна и Херцеговина. Доста споро се развива чувство за одговорност за јавниот простор, односно чувство за тоа како градовите би можеле и требале да изгледаат. Шарлот Хермелинк се надева на наредните години. „Погледнете ги новите генерации. Тие се угледувааат на Западна Европа. Тие знаат како се живее во Берлин, како во Франција. Тие сакаат да вложат напор и да остварат право на таков живот“.

Но, на Миодраг Дакиќ не му е толку важно за Берлин и Париз. За него Баљалука е на прво место. Тој е горд Босанец, горд е на својата земја, природа менталитет. Само понекогаш, објаснува тој, неговите сограѓани пребрзо се откажуваат. „Ние постојано се обидуваме да им објасниме на луѓето дека истрајноста се исплати, како и да се информираат што ни овозможуваат нашите закони, барем во теоријата“. Ако овие фактори се усогласат тогаш „и во нашиот систем може нешто да се промени“ објаснува активистот и задоволно гледа кон недопрениот тревник кој го спасија од нелегално градење. Сега го чека нов проект. Овој пат се работи за план за изградба на уште еден трговски центар.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми