Како побегнав од неонацистите
1 јуни 2014
Пред единаесет години Сабине (името е сменето од редакцијата) реши да направи чекор за кој долго не се осмелувала: по долгогодишно активно учество таа ја напушти десно-екстремната сцена. Таа стапи во контакт со организацијата EXIT со чија помош потоа успеа да исчезне во анонимност.
Сабине е родена во северна Германија пред околу четириесет години. Точните податоци не сака да ги објави од безбедносни причини. Таа сѐ уште е многу внимателна, особено кога станува збор за контакт со новинари. И нам ни беше потребно подолго време додека не стапивме во контакт со неа и успеавме да разговараме преку телефон за нејзиниот живот и причините зошто ја напушти десничарската сцена.
Влијание на семејството
„Татко ми беше политички активен, меѓутоа за ЦДУ. Политиката изврши влијание врз целиот наш семеен живот“, вели Сабине. Десничарскиот начин на размислување од секогаш бил присутен во нејзиниот родителски дом. „Кон ова се надополнува и тоа што дедо ми во војната беше војник на Вермахтот. Всушност, идеолошки погледнато, тој ме зарази“, вели Сабине за својот пат кон десно-редикалната сцена.
Повеќе од две децении таа беше активна на сцената. Сабине беше член во деснорадикалната партија НПД и уште една друга, која во меѓувреме е забранета. Таму имала и раководна функција како и титула „водител на другарите“. На прашањето дали дошла во контакт со оружје, таа појасни дека познава мажи и жени во организацијата, кои користеле оружје. „Меѓу нас имаше поранешни платеници. Исто така имаше стари нацисти, специјализирани за експлозив и тие преземаа различни атентати. Се разбира тие располагаа со вистинските контакти и можеа да снабдат оружје и екслозив“.
Анонимноста штити
Кој сака да ја напушти десно-екстремната сцена, не му е потребна само силна волја, туку и поддршка од надвор. Имено тој мора да смета на закани и уцени и честопати да се крие од старите истомисленици. За нив да се истапи од сцената е еднакво на предавство. Соодветна поддршка во Германија од 2000 година нуди EXIT, невладина организација формирана од правникот Бернд Вагнер. EXIT денес брои пет вработени соработници и се финансира од фондации и средства од германската влада.
Но, како протекува истапувањето на еден поединец? На почетокот мора да се испита веродостојноста на оној кој сака да истапи од сцената, преку телефонски разговори, писма или и-мејлови, при што името најчесто не се споменува. „На почетокот лицето мора да се однесува многу внимателно. Колку помилитантна и поагресивна е групата на која и‘ припаѓал дотогаш, толку е поголема милитантноста и агресивноста кон внатре“, појаснува експертот за политички екстремизам Бернд Вагнер. Кај партиите тоа не било толку драматично, но и во овој случај улога игра степенот на милитантност. „Кој сака да ја напушти сцената, на почетокот мора да го задржи тоа за себе, а потоа да ги надмине пречките, да и‘ се обрати на организација како нашата. Тоа е всушнот пресвртниот момент“.
Сѐ повеќе оружје
Зголеменото радикализирање на сцената кај Сабие предизвика сѐ повеќе да се дистанцира од НПД. „Се‘ позасилено во игра доаѓаше оружјето и се размислуваше за можни атентати. Во тоа не можев и не сакав повеќе да учествувам“. Во меѓувреме таа имаше и деца, и не сакаше тие да растат во такво опкружување, вели Сабине. „Кон тоа се надополни домашното насилство, кое во наци-круговите честопати се врши врз жените. Тогаш се одлучив да ја напуштам сцената“.
Дотогаш таа веруваше дека странците треба да се протераат од Германија или на трговците со дрога да им се изрече смртна казна. Денес е убедена дека „диктатура и екстремизам водат до војна“.
Сцената дефинитивно ја напушти во 2002 година и тогаш започна повеќегодишен пат исполнет со страдања. Сопругот, десен екстремист кој остана во тоа миље, се закануваше дека ќе ги убие нејзе и децата и дека ќе ја дигне куќата во воздух. Таа беше принудена да се пресели во друг град, да ги смени името и сите документи. На почетокот побарала помош во Сојузната служба за заштита на уставот, но не наишла на подршка каква што очекувала. Подоцна ѝ помогнала невладината организација EXIT.
Пари има доволно
Иако десноекстремните организации не пливаат во пари, во никој случај тие не се без средства, вели Сабине. Има доволно луѓе, кои ги ставаат на располагање неопходните средства. Има и пензионери кои во наследство оставаат недвижнини или пари. Кон ова се надополнуваат јавните средства, на пример преку субвенции за сѐ уште легалната НПД. Неофицијално пари се влевале и преку организираниот криминал. Десно-екстремните групи, вели Сабине, имале врски со кругови, кои се занимавале со трговија на оружје и дрога како и проституција.
Сабине наведува дека било мит да се верува дека само сиромашни и очајни луѓе барале прибежиште во десноекстремната сцена. Многу повеќе станувало збор за лекари, адвокати и воопшто образовани луѓе, кои се приклучувале од убедување. Тоа честопати се заборава. Исто така таа укажува дека опасноста од десниот екстремизам во Германија е значително повисока отколку што претставуваат германските политичари.
Нов живот
Денес Сабине не се плаши повеќе. Таа делува уверливо кога појаснува дека нејзиниот живот, и покрај загубените години, е подобар. Сега самата се обидува да им помогне на оние кои сакаат да ја напуштат десно-радикалната сцена, како што тогаш нејзе ѝ помогна EXIT.
Експертот Бернд Вагнер за Дојче веле изјави дека EXIT до денес пружил поддршка на 500 лица.,Речиси сите случаи биле успешни, само во 11 случаи резултатот не бил задоволителен. Од овие единесет лица, некои се вратиле назад во сцената, неколкумина станале исламисти, другите левичарски радикали и двајца завршиле како трговци со дрога. Сите други можеле да почнат нов, многу подобар живот, далеку од екстремизмот и нетолеранцијата.