1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Како се станува „суперпроширувач“ на коронавирусот?

Александер Фројнд
5 јуни 2020

Дека само неколку високо-вирулентни лица се одговорни за ширење на заразата и поголемиот дел заразени, звучи драматично. Но тоа исто така може да ја олесни борбата против пандемијата со таргетирана стратегија.

Berliner Nachtleben
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kembowski

Колку поинтензивно научниците го испитуваат Сарс-КоВ-2, толку повеќе дознаваме за начините на зараза од новиот вид коронавирус. Во основа ова е добро, бидејќи значи дека борбата против пандемијата може да се води таргетирано. Но, истовремено сега последователно се чини дека бројните мерки кои беа имплементирани на почетокот од пандемијата биле или непотребни или малку корисни.

Во меѓувреме и истражувањата на „супертрансмитерите“ или „настани со супетрансмитери“ (настани со висок степен на ширење зараза) отвораат и соодветни дискусии за нивната улога.

Како се станува „супертрансмитер“

Епидемиолозите како „супертрансмитер“ го означуваат оној инфициран пациент од кој се заразиле особено голем број луѓе. Притоа заразениот не е свесен за тоа: секој заразен може да биде „супертрансмитер“ ако во погрешен момент има контакт со многу луѓе. Клучно е и времето, бидејќи се покажа дека инфицирана личност може да биде високо заразна и пред да ѝ се појават првите симптоми. Во оваа фаза степенот на вирулентност е особено висок во носот и устата.

Повеќе:

Напната и неизвесна трка по вакцина против коронавирус

Наместо со масовно тестирање, коронавирусот полесно се лоцира преку канализацијата

Коронавирус: новите симптоми и четирите фази на заболување

Студија: Коронавирусот го погодува и невролошкиот систем

Но, многу луѓе имаат лесни или воопшто немаат симптоми, па често не се свесни дека се заразиле ниту дека шират зараза. Покрај тоа, некои луѓе подолго и повеќе ја шират заразата од други. Можно е ова да е поврзано со нивниот имунолошки систем или и со распределбата на вирусните рецептори во нивното тело.

Како се случуваат „настани со супетрансмитери“

Доколу ваков високо вирулентен „супертрансмитер“ има контакт со многу лица, тој може за кратко време и во ограничен простор исто така да зарази многу луѓе. Во основа ваквиот кластер на инфицирани лесно се идентификува. За вакви „настани со супетрансмитери“ се сметаат настани на кои има експлозија на ширење на заразата и висок број заразени, како што беше случајот во Германија со семејна прослава во Гетинген, црквена богослужба во Франкфурт и карневалски прослави во Хајнсберг. Слични настани имаше и во клубови, на зумба танчерски курс во Сеул, Јужна Кореја, во бар во скијачкото место Ишгл и на повеќе крузери.

Ширење преку аеросоли?

При испитувањето на овие настани на кои екстремно брзо се проширила заразата се покажаа неколку фактори кои очигледно придонеле кон брзо ширење на инфекцијата. Во основа ризикот од инфекција во затворени простори е многу поголем отколку на отворено. И колку повеќе луѓе се среќаваат, разбирливо толку е поголем ризикот од зараза. Но зошто?

Во меѓувреме има се поголем број докази дека агресивниот Сарс КоВ-2 вирус се пренесува и преку аеросоли, кои подолго остануваат во воздухот, особено во непроветрена просторија.

Анализата на таканаречените „настани со супетрансмитери“ покажува дека овие аеросоли се предизвикуваат со гласно зборување или викање  - во бар, диско, па дури и во спортските сали. Истото важи и за пеење – на богослужба во црква или во хор. Некои луѓе испуштаат повеќе аеросоли од останатите.

Пресметка на ризик

Колку треба да бидат строги мерките за корона во најголем дел зависи од бројката на новозаразени. Одлучувачки е таканаречениот репродуктивен број Р, кој покажува колку луѓе во просек се заразуваат од еден инфициран. Р-вредност 2 значи дека од еден инфициран се заразуваат уште двајца. Целта на ограничувањата на контактите е токму тоа овој Р број да се држи ниско под 1.

Покрај просечната Р-вредност важен е и факторот на дисперзија – К , кој покажува колку често се развива болеста и каде има потенцијални кластери. И во однос на ова важно е К-вредноста да е што пониска, што значи дека распрскувањето на болеста е помало, а со тоа може да се пронајде изворот на ширењето на инфекцијата кој во таков случај е или помалку луѓе, или само едно лице.

Досега е нејасно, колкав е всушност факторот на дисперзија К кај новиот коронавирус. Во една студија научниците од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, Акира Ендо, Адам Кучарски и Себастијан Функ, дојдоа до резултат дека К-вредноста може да биде 0.1. Според оваа студија која се уште е во првична фаза и треба допрва да биде официјално потврдена, ова ќе значи дека дека 10% од инфицираните луѓе се одговорни за 80% од сите инфекции.

Овој резултат коинцидира со наоди од други студии, вклучително и на главниот виролог на берлинската Шарите, Кристијан Дростен, според кои 20% од заразените се одговорни за 80% од сите заразени.

Какво значење имаат сознанијата за ограничувањата во врска со короната?

По појавувањето на пандемијата научниците низ светот со полна пареа прибираа информации за новиот коронавирус. Врз основа на таквите сознанија политичарите исто така со полна пареа носеа одлуки со далекусежни последици како најдобро да го заштитат населението од вирусот Сарс-Ков-2. 

Дебатата за носењето маски кое прво беше предмет на потсмев, а сега задолжителна мерка, убаво покажува дека одлуките во дадени околности треба да се адаптираат на новите сознанија, дури и ако не сака секој тоа да го разбере. Досегашните сознанија за „супертрансмитерите” на заразата значат дека повеќето инфицирани заразуваат само мал број луѓе - ако воопшто и толку, а мала група други инфицирани заразуваат голем број луѓе. Тоа најпрво е многу добра вест бидејќи мерките за заштита од корона така ќе може да бидат многу поконкретни. За сузбивањето на заразата е многу потешко да ги идентификуваш тие поединечни „супертрансмитери” и да се изолираат, особено што тие инфицирани речиси не покажуваат или воопшто немаат симптоми. Но, може да се контролираат околностите на распрснување кои поттикнуваат настан на супер-брзо ширење на заразата. Ако и натаму останат забранети големи собири на луѓе на затворено и се почитуваат мерките за хигиена и дистанца, веројатно полесно ќе се спречи ширењето на вирусот. 

Значи општествата не мора да бидат по секоја цена „затворени” со познатите драматични последици по економијата и социјалниот живот. 

Додека не се најде лек или вакцина против Ковид-19, ограничувањата за контакти може да бидат постепено укинувани и компаниите, училиштата и градинките да се вратат во одредена нормала.

Што ако не?

Секако одговорните во политиката и општеството може да забранат големи настани или заедничко пеење, да воведат правила за фирмите и гастрономијата или да притискаат за почитување на мерките за држење растојание. Но, на крајот сѐ се сведува на социјалното однесување на секој поединец. И секако дека преку забави или заеднички средби - особено кога заради временските прилики ќе се одржуваат претежно на затворено - ќе дојде до многу ситуации во кои на пример нема да се почитуваат хигиенските или прописите за растојание. Ако има само еден единствен „супертрансмитер“ на вирусот, многу брзо може да предизвика настан со супер-брзо ширење на вирусот. За вирусот да не се прошири веднаш, мора на такви ризични настани новите инфекциски кластери да бидат најдени во најскоро можно време и сите контакт лица да бидат веднаш изолирани, а дури потоа сите контакт лица да бидат тестирани што ќе го ограничи ризикот за пренесување и ќе заштеди скапоцено време.

Јапонија на пример со таквата метода го спречи ширењето на вирусот бавно, но споредбено успешно, а спречи и драстични мерки на карантин. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми