1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како функционира евакуацијата од Кабул 

Томас Лачан
26 август 2021

150 слетувања и полетувања на ден и над 70.000 евакуирани – спасувачката акција на аеродромот во Кабул со полна пареа и пред крајот.

Узбекистан | Кабул Евакуација
Авганистански бегалци во Ташкент, УзбекистанФотографија: Marc Tessensohn/Bundeswehr/Handout/REUTERS

Ситуацијата на аеродромот во Кабул е сè подраматична, а евакуацијата од Авганистан продолжува. Под координација на американската војска, повеќе од десетина земји учествуваат во спасувачките летови од авганистанскиот главен град. Меѓу нив е и  германскиот Бундесвер  со повеќе транспортни авиони Ербас А400 М кои се стационирани на аеродромот во узбекистанскиот град Ташкент. 

Колку луѓе се евакуирани досега? 

Од почетокот на акцијата за евакуација, од 14 август до сега, над 70.000 луѓе се извлечени од Авганистан, од кои поголемиот дел со асистенција на американската војска. Но, во спасувачката акција учествуваат и голем број други држави меѓу кои и Велика Британија, Франција, Италија, но и Индија, Јапонија и Канада. 

Германскиот Бундесвер само во вторникот евакуираше 983 луѓе во Ташкент, напиша на Твитер Министерството за одбрана во средата наутро, со што бројот на евакуирани лица од Кабул само со помош на германската авијација се искачи на 4600. Според министерството за надворешни работи тоа се претежно германски државјани или граѓани на други земји, но и околу 3700 Авганистанци. 

Сепак илјадници лица сè уште чекаат да бидат евакуирани од Авганистан. Според офицерот на Бундесверот, Маркус Гроциан од Мрежата за поддршка на локалните авганистански сили, само оние кои работеле за германски организации и нивните семејства се околу 8000 лица. Освен тоа има бројни поборнички за женски права, новинари како и над 200 германски државјани. 

Авионите за евакуација на аеродромот се задржуваат најкратко што можеФотографија: Taylor Crul/US AIR FORCE/AFP

Како функционира логистички евакуацијата? 

Евакуацијата се одвива исклучиво преку меѓународниот аеродром во Кабул. Има само една писта. Целата операција е под координација на американската војска. „Ние таму само пружаме услуги“, вели портпарол на Командата на Бундесверот, на прашање на ДВ. Секоја земја вклучена во акцијата добива точна временска рамка за слетување и полетување на нејзините авиони. Така само во понеделникот успешно беа спроведени над 150 слетувања и полетувања. Бундесверот на пример има пет такви термини дневно. Летот од Узбекистан до Кабул е околу час и половина. Слетувањата и полетувањата од Кабул важат за доста ризични. Со специјални маневри за пристап пилотите се обидуваат колку што е можно подоцна да дојдат и колку што е можно покусо да останат во дострелот на евентуални противвоздушни ракети. Авионот на аеродромот во Кабул останува помалку од еден час. За ова време мора да се растовари хуманитарната помош и да се качат лицата кои се евакуираат. На авионот може да се качат само оние кои се на аеродромот со дозвола за излез. Тоа не се само авганистански сили и германски државјани, туку може да бидат и граѓани од други земји, појаснува портпаролот на Бундесверот. 

Како воопшто влегуваат луѓето на аеродромот во Кабул? 

Ситуацијата околу аеродромот и понатаму е хаотична, па патот на своја рака до таму е екстремно опасен. Десетици илјади Авганистанци сè уште чекаат пред портите на аеродромот со надеж дека ќе бидат пуштени внатре. Талибанските борци поставија контролни пунктови, а тајните служби стравуваат од самоубиствени напади на терористичката организација „Исламска држава“. 

Голем број земји во соработка со американската армија почнаа со воени ресурси да ги преземаат лицата кои треба да ја напуштат земјата од тајни собирни места и да ги превезуваат до аеродромот во Кабул со оклопни армиски возила и со поддршка на борбени и транспортни хеликоптери. „Западните влади имаат обврска луѓето кои ги ставиле на листите за евакуација и да ги извадат од земјата, односно да си го одржат ветувањето,“ вели Томас Рутиг од Авганистанска аналитичка мрежа. Експертот за Авганистан сепак стравува дека „до крајот на воениот воздушен коридор веројатно нема да може сите да бидат безбедно евакуирани.“ 

Уште колку долго ќе издржи „воздушниот мост“ ? 

На оние кои ја вршат евакуацијата де факто им истекува времето. Во моментов аеродромот во Кабул го обезбедуваат околу 6000 американски војници. Но, американскиот претседател Џо Бајден повторно изјави дека повлекувањето на американските војници од Авганистан мора да се заврши до 31 август. Последните денови Американците ќе бидат фокусирани на тоа да ги натоварат воената опрема и сопствените војници за напуштање на земјата. 

Пред портите на аеродромот во Кабул - илјадници луѓе со желба да заминат од земјатаФотографија: Wakil Kohsar/AFP

Затоа многу земји веќе најавија дека летовите за евакуација ќе ги прекинат неколку дена пред повлекувањето на Американците. Франција во четврток ќе го изведе последниот лет, а Велика Британија најави дека нивниот последен лет е закажан за петок. Уште колку долго кон Кабул ќе летаат германските авиони за сега не се знае. Војската за сега не ги потврдува информациите дека последниот лет ќе биде в петок, може тоа да биде и денеска. 

Што следи по целосното повлекување на американската армија? 

Според информации од германската влада, тие преговараат со претставници на талибанците евакуацијата да продолжи и по 31 август. Се преговара за тоа да се дозволи понатамошно користење на аеродромот во Кабул за евакуација на цивили, или пак да се дозволи транспорт по копнен пат во околните земји на Авганистан. Според вицешефот на талибанците, мула Јакуб, на Авганистанците и во иднина ќе им било дозволено да ја напуштат земјата. „Ако сакаат да заминат во странство по работа или подобар живот, ќе можат подоцна да побараат пасоши, да добијат визи и така по легален пат да ја напуштат земјата,“ вели тој во едно аудио интервју. За сега е нејасно дали може да им се верува на ваквите изјави. Експертот за Авганистан, Томас Рутиг, смета дека е „реално сценарио обидот талибанците да се обврзат, а тоа и да го сторат”, вели тој за ДВ. Тој смета дека талибанците ќе мора да ја понесат и одговорноста која им се наметнува. „Сметам дека талибанското раководство навистина стои зад исказите. Тие се сега на власт и мора видно да покажат дека никој не смее да биде непослушен во однос на нив. Тие мора да покажат дека ја контролираат земјата.“

Нов живот за Авганистанецот кој побегна од Кабул

02:19

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми