1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како функционира изборниот систем во САД?

Кимбал Спенсер
8 ноември 2016

На претседателските избори во САД гласачите го немаат последниот збор. Делегатските гласови на избирачкиот колегиум се оние кои навистина го избираат претседателот, еден месец по изборите.

Symbolbild Wählerverzeichnis
Фотографија: picture-alliance/dpa

Секои четири години САД избираат претседател, но гласачите го немаат последниот збор. Делегатските гласови на т.н. избирачки колегиум се тие кои навистина го ибираат претседателот - еден месец подоцна откако граѓаните ќе го дадат својот глас.

Многумина Американци не го разбираат системот за избор на претседател. Граѓаните на САД, постари од 18 години, денеска го даваат својот глас за избор на следниот претседател на САД. Сепак, изборот на граѓаните нема директно да го определи исходот на претседателските избори.

Институцијата позната како избирачки колегиум (electoral college), односно делегатските гласови го имаат последниот збор за тоа кој ќе ја освои највисоката функција во САД. Избирачкиот колегиум е составен од 538 делегати.

Секоја од 50 држави во САД има удел во делегатите кој се определвува според репрезентацијата на одредена држава во двата домови на американскиот Конгрес, т.е. Куќата на претставниците и Сенатот. Во Куќата на претставниците, бројот на претставници, односно репрезентацијата на земјата, се добива врз основа на големината на нејзината популација, додека во Сенатот, секоја земја има по два сенатори.

На пример, државата Њујорк има 27 претставници во Куќата на претставници и двајца сенатори во Сенатот. Врз основа на формулата, Републиканската и Демократската партија во Њујорк ќе номинираат 29 делегати за претседателските избори.

„Обично, тоа се личности лојални на партијата, на кои им се дава симболична награда“, објаснува за ДВ, Џорџ Едвардс Трети, експерт за избирачкиот колегиум од Универзитетот АиМ во Тексас.

Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Nelson

Индиректна демократија

Кога американските граѓани гласаат за претседател, тие всушност одлучуваат кои делегати од двете политички партии во нивната држава ќе можат да гласаат во избирачкиот колегиум.

Кон крајот на декември, повеќе од еден месец по изборите, делегатите се собираат во главните градови на сојузните држави и гласаат за претседател на земјата. Потоа, во јануари, Конресот на САД ги добива гласовите на делегатите од 50-те сојузни држави и Вашингтон.

Кандидатот кој ќе добие 270 делегатски гласови станува претседател. Вообичаено, мнозинството гласови на граѓаните во ноември и делегатските гласови во декември го бираат истиот кандидат. Но не секогаш, а кога не се согласуваат, делегатските гласови го имаат последниот збор.

Како последица, три претседателски кандидати во историјата на САД не го добија мнозинството гласови од граѓаните, но сепак беа избрани за претседател. Последен пат тоа се случи во 2000 година. Кандидатот на деморкатите, Ал Гор го победи републиканецот Џорџ Буш со 500.000 гласови повеќе. Но, Буш доби 271 делегатски глас и стана претседател.

Незадоволство на гласачите

Избирањето на претседател преку изборен колегиум е последица на компромис направен помеѓу авторите на уставот на САД кој бил ратификуван во 1788 година. Во тоа време, концептот за демократија бил редок и не бил „тестиран“, па затоа дел од нив се плашеле дека директни претседателски избори може да доведат до владење на толпата.

Низ вековите кои следеа САД доживеа драстични промени, но начинот на избирање ан претседател на државата остана ист и покрај фактот дека мнозинството Американци би сакале да биде променет. Според истражување на Галуп спроведено во 2011 година, повеќе од 60% од гласачите од целата земја сакаат директни претседателски избори.

Во 48 држави, избирачкиот колегиум се базира на систем „победникот добива се“. Тоа значи дека партијата која ќе добие мнозинство на гласови од граѓаните ги добива сите делегатски гласови во земјата. Во Калифорнија, на приер, мнозинството гласачи верно гласаат за демократите, што значи дека сите делегатски гласови на таа држава секогаш одат за кандидатот на демократите. Малцинството на подржувачи на Републиканската партија воопшто не се претставени кај делегатските гласови.

Како последица, демократите ја сметаат Калифорнија за своја „здраво за готово", а републиканците не се ни обидуваат да им се спротивстават на тој терен. Истото се случува и во Тексас, но обратно. Републиканците со сигурност ќе ги добијат тамошните гласови. Ова остава малку место за агресивна кампања во земјите кои традиционално се верни на една партија.

Наместо тоа, фокусот на партиските кампањи се става на неколкуте држави кои се сметаат како отворено поле за војување. Овие држави се нарекуваат „свинг“ гржави. Во нив, и двата кандидати имаат можност да освојат мнозинство од гласовите на граѓаните и на тој начин да ги добијат и делегатските гласови. Според интернет порталот Политико, на овие избори има седум „свинг“ држави: Колорадо, Флорида, Невада, Охајо, Вирџинија, Ајова и Њу Хемпшир.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. D. Franklin/ G. Herbert

Туркање реформи

Иако повеќето Американци сакаат да видат промени во системот, реформите се тежок потфат. За да се донесат измените на Уставот со кои би се укинал изборниот колегиум, потребна е согласност од две третини од Конгресот и три-четвртини од државите.

„Политичарите се често игнорантни", вели Едвардс. „Тие имаат тенденција да се фокусираат на своите краткорочни политички цели. Мислат дека ако отстранат нешто од системот, нема да го променат“.

Иницијатива наречена „Национално гласање на граѓаните" се обидува да го заобиколи овој процес. Десет држави и главниот град на САД, Вашингтон, се заложија секогаш во иднина да ги доделат своите делегатски гласови на канидатот кој ќе ги свои мнозинството граѓански гласови.

За да успее „Националното гласање на граѓаните", државите кои заедно сочинуваат 270 делегатски гласови треба да дадат поддршка. До сега, кампањата има обезбедено 61% од потребните држави.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми