Како се менуваат Законот за грб, знаме и химна или Законот за организација на органите на државната управа? Кои закони се носат со просто, апсолутно, двотретинско или двојно мнозинство и што значи тоа?
Реклама
Собранието на Република Македонија е носител на законодавната власт во државата. Тоа претставува собир на народни избраници – пратеници кои се избираат на општи и непосредни парламентарни избори со мандат од 4 години.
Од конституирањето на собранискиот состав, Собранието е во постојано заседание, а неговата работа се одвива преку пленарните седници и седниците на собраниските тела. Една од главните задачи на Собранието е носењето на закони, но, сите закони не се носат на ист начин.
Како се менуваат Законот за грб, знаме и химна или Законот за организација на органите на државната управа? Кои закони се носат со просто, апсолутно, двотретинско или двојно мнозинство и што значи тоа?
Како функционира Собранието?
Собранието е носител на законодавната власт во Македонија, а една од основните задачи на собранискиот состав е донесувањето на законите.
Фотографија: Petr Stojanovski
Законодавна власт
Носител на законодавната власт во Македонија е Собранието. Пратениците кои го сочинуваат се избираат на општи и непосредни парламентарни избори и нивниот број може да биде од 120 до 140, но од првите избори досега, нивниот број е 120. Пратениците во Собранието се избираат со мандат од 4 години. Предвремено распуштање пред истекот на мандатот е можно доколку мнозинството пратеници гласаат за тоа.
Фотографија: Petr Stojanovski
Постојано заседание
Собранието е во постојано заседание и по конституирањето на пратеничкиот состав претседателот само ги известува пратениците за терминот и дневниот ред на седниците. Пратениците ја извршуваат својата функција преку учеството во пленарните седници и седниците на собраниските тела. Собраниските комисии немаат право да донесуваат одлуки, туку само да даваат мислења и предлози.
Фотографија: MIA
Надлежности
Надлежностите на Собранието и основните правила за неговото функционирање, се дадени во Уставот. Затоа тоа што не постои Закон за Собрание, деталите околу постапката за неговата работа и неговите тела се регулирани со Деловникот за работа на Собранието.
Фотографија: MAKFAX
Како се носат законите?
Една од главните задачи на Собранието е носењето на закони. Законите ги претставуваат правилата во општеството и со нив на граѓаните им се гарантира некое право, им се забранува некое поведение, или им се наредува да постапуваат на одреден начин. Во зависност од видот на законите, тие можат да се донесат со просто, апсолутно, двотретинско (квалификувано) или двојно мнозинство.
Фотографија: Petr Stojanovski
Просто мнозинство
За законите кои се донесуваат со просто мнозинство потребно е позитивно да се изјаснат мнозинството од присутните пратеници во Собранието, но најмалку една третина од вкупниот број на пратеници, односно најмалку 41.
Фотографија: Petr Stojanovski
Апсолутно мнозинство
За да се донесе закон за кој е потребно апсолутно мнозинство, потребна е поддршка од страна на мнозинството од вкупниот број на пратеници во Собранието, односно најмалку 61 пратеници.
Фотографија: Petr Stojanovski
Двотретинско (квалификувано) мнозинство
Двотретинско или квалификувано значи дека за одреден закон е потребно позитивно да се изјаснат две третини од вкупниот број пратеници во Собранието. Ова значи дека законот е донесен кога за неговото донесување гласале 80 пратеници.
Фотографија: MIA
Двојно мнозинство
Двојно мнозинство е потребно за законите што се однесуваат на правата на заедниците (употреба на јазици, лични документи, употреба на симболи и сл.), Собранието одлучува со мнозинство гласови, при што е потребно да се изјасни и мнозинството од пратениците што припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија, т.н. Бадентерово мнозинство.
Фотографија: Petr Stojanovski
Дефинирани со Уставот
Во Уставот на Република Македонија се точно прецизирани законите за кои се бара двотретинско мнозинство. Тоа се: Законот за грб, знаме и химна; Законот за организација на органите на државната управа; Законот за судови; Законот за локална самоуправа; Законот за одбрана и законите за судски постапки.