1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како што јавуваат медиумите, на Балканот сѐ е во ред

Немања Рујевиќ
1 ноември 2016

Југословенскиот простор во светските медиуми своите пет минути ги имаше во време на војните во деведесетите години. Денес за регионот се пишува малку и во голема мера површно.

Medien über Westbalkan
Фотографија: DW/N. Rujevic

„Ветер во грб за проевропскиот курс на премиерот Вучиќ" – вака германскиот јавен сервис АРД во април извести за изборите во Србија. Порталот „Шпигел“, врз основа на информациите од новинските агенции пренесе: „Убедлива изборна победа за проевропската Напредна партија“. Пред последните избори во Хрватска медиумите на германски јазик, од виенскиот весник „Пресе“, до левичарскиот „Тагесцајтунг“ од Берлин, коалицијата Мост ја претставуваа како „протестна“ партија помеѓу левицата и десницата, иако имаа доволно време да дознаат дека тука не се работи за протест, туку за фотелји и апанажи. Пред изборите во Црна Гора угледниот „Асошиетед прес" напиша: „Русија и Западот се судирааат на изборите во малата Црна Гора“, додека подоцна, Ројтерс и Радио Слободна Европа на англиски јазик известија дека на изборите победила „прозападната“ ДПС.

Во последните години имаше бројни извештаи на глобалните медиуми и угледни весници за просторот кој се нарекува Западен Балкан. Сепак, кога има новинарски текстови, повеќето се темелат на штури агенциски вести без заднинска приказна. Во извештаите, балканските феномени често се толкуваат единствено во геополитичка смисла – кој е надмоќен, Западот или Русија? – па и политичките партии и актери се сместуваат во познатите фиоки. Така, германските или американските читатели можат да дознаат дека Вучиќ е прозападен политичар или дека народот на Црна Гора на изборите го поддржа НАТО. Оваа последна епизода на известување го испровоцира Ерик Горди, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон и одличен познавач на поранешна Југославија, на Твитер да напише:

Гребење по површината

„Известувањето пред сѐ е плитко", вели Горди за ДВ. „Сите тие земји од Југоисточна Европа веќе не се толку интересни за глобалните медиуми како што беа во деведесетите години. Никој не би сакал и натаму да траат војните. Тоа значи дека имаат низок приоритет и добиваат малку простор. Тогаш новинарите бараат начин да и објаснат на неупатената публика, која е суштината на политичкиот конфликт и да понудат нешто што е разбирливо на јазикот од земјата од која доаѓаат. Проблемот, е во тоа што, тоа е толку вон политичкиот контекст во тие земји, што всушност ништо не значи“.

Со оваа оценка се согласува и Дејан Анастасијевиќ, новинар во неделникот „Време“. Тој за ДВ вели дека темите како изборите во Црна Гора нема да добијат многу внимание, телевизиски секунди или новински простор во моментот кога во водечките европски весници, насловните страници се резервирани за бегалската криза, тероризмот, затегнатите односи со Русија, а во американските за острата претседателска кампања. „Медиумите го гледаат само она што е на површина на Балканот, а таму е тоа што сакаат да го видат. Да речеме, дека победил кандидат кој ја води земјата во НАТО и ЕУ. Тоа што се наоѓа под површината малку ги интересира. Тоа важи и за Црна Гора, но и за останатите земји од регионот, вклучувајќи ја и Србија“.

Како на германски читател да му се објасни оваа сцена со Вучиќ?Фотографија: youtube/RTS

Зашто премиерот е без капа во снегот?

Норберт Мапес Нидик е еден од ретките западни новинари кои длабински го согледуваат регионот и еден од уште поретките кои за тоа редовно пишуваат. Тој работи за најугледните германски и австриски весници и течно говори српскохрватски јазик. За плакативното известување на поголемиот дел од медиумите тој за ДВ изјави: „Проевропски, проруски, про-било што: никој од моите колеги дописници не би ги користел тие безмислени формулации. Таквите етикети потекнуваат од новинарите од редуцирани редакции кои го покриваат целиот свет. Дури и кога се затрупани со работи тие би обратиле повеќе внимание да се пишува за Сирија или Русија. Балканот полека се изгуби од фокусот на меѓународното внимание. Со бегалскиот бран минатата зима, тоа на кратко се промени. Интерес за регионот ќе има повторно само ако пак потече крв“.

Треба да се признае дека ни малку не е лесно да се објасни Балканот на публика која чита на англиски или германски јазик. Тоа го знае и авторот на овој текст кој во една прилика на дежурниот уредник – Германец, со часови му објаснуваше дека кога Вучиќ без капа вадеше дете од наносите со снег кај Фекетиќ не беше скриена камера, туку речиси рутинска изборна кампања во една постјугословенска република. „Но јас никогаш не би можел да замислам Ангела Меркел да направи такво нешто ", повторуваше колегата.

Таквите регионални специфичности – според кои партиската книшка е поважна од дипломата – тешко може да се разберат без многу добро познавање на земјата за која се пишува. „Станува уште потешко ако се земе предвид дека вистинските политички разлики помеѓу партиите се многу мали, тие имаат слични или исти програми“, вели Ерик Горди. „Разликите се на неформално ниво: која партиска мрежа луѓето ја користат да ги постигнат своите цели? Или, кој добива бенефиции кога некоја партија доаѓа на власт?“.

Лесно е, додава Мапес Нидик, да се падне во заблуда дека малите земји, како на пример Црна Гора, можат едноставно да се објаснат: „Точно е, впрочем, спротивното. Колку е помала некоја земја, толку е потешко да се разбере. Големите земји функционираат според апстрактни правила кои сите можат да ги научат. Во малите држави, меѓутоа, сите се познаваат, практично од мали нозе. Некој Црногорец може да пукне од смеа ако неговиот премиер го дефинирате како проевропски, а опозицијата како проруска“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми