1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Календарот на Груевски застанат на 9 јануари

20 март 2017

Груевски пробува процесот да го врати на почеток за да обезбеди место во власта, коментираат аналитичари по декларираните очекувања на ВМРО-ДПМНЕ од еврокомесарот Хан и најавениот партиски „документ“ за излез од кризата.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Nikola Gruevski Ex-Regierungschef
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

ВМРО-ДПМНЕ поставува барања кои тенденциозно го игнорираат фактот дека веќе постои парламентарно мнозинство и дека не е 9-ти јануари, денот кога Груевски го доби мандатот за состав на влада, но и по 20 дена не успеа во тоа. Вака коментираат политичари и аналитичари, по обидот на Груевски процесот да го врати на почеток со нови барања до еврокомесарот Јоханес Хан, кој утре доаѓа во Скопје. Во декларираните барања тие препознаваат обид на ВМРО-ДПМНЕ да издејствува преговарачко столче на зелена маса, со цел да спречи формирање нова влада или барем да биде дел од неа. Како што најави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, партијата очекува Хан да ја осуди Тиранската платформа и мешањето на странски држави во внатрешните работи на Република Македонија, да се почитува правилото „победникот во македонскиот блок да коалицира со победникот во албанскиот блок“ и еврокомесарот Хан да ги земе предвид протестите против албанската платформа.

Груевски е контрадикторен

Каква смисла има реобновување на барањето на принципот „победник со победник“ откако е формирано ново мнозинство?

Никаква, вели потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи.

„ДУИ како партија ги немаше бројките за да функционира тој принцип и ние сме ги завршиле тие дебати. Донесовме одлука да одиме со ова мнозинство, кое се залага за реформска и проевропска влада. Сега треба да зборуваме за формирање на институциите - да се одржи собраниска седница, да се избере претседател на Собранието, а потоа и да се даде мандатот за состав на нова влада“, вели Арифи. Таа додава дека „ставовите на ЕУ се јасни и по последните дискусии за земјите од Западен Балкан: во Македонија мандатот за состав на влада треба да се даде на парламентарното мнозинство“.     

Календарот на Груевски е застанат на денот кога го доби мандатот за состав на владаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Повикувањето на принципот „победник со победник“ е спорно не само пост-фестум, туку и генерално, а уште повеќе ако се има предвид дека Груевски и со партискиот Проглас најави дека ќе се спротивстави на хибридни решенија кои не функционираат во ЕУ, потсетува професорот и поранешен министер, Ненад Новковски.

„Тој принцип е спротивен на основното барање што по изборите го постави Груевски, а тоа е да не се применуваат никакви решенија што не се стандардни во Европа. Не постои никаков принцип 'победник со победник' ни во меѓународната практика, ни во нашите важечки акти. Се работи за таен договор применет во 2008 година, со цел да се оправда формирањето на коалиција со ДУИ и исфрлањето на стратегискиот партнер ДПА и сродната ВМРО-НП од власта, што беше почетниот генератор на политичката криза. Можно е ова барање да има за цел враќање на процесот на конституирање на власта на почеток, но со оглед дека тој процес е во одмината фаза, најверојатно ова е само притисок да се издејствува најповолна можна позиција, односно најголемо можно учество во владејачките структури кои се пред конечно формирање“, оценува Новковски.

На слична намера пред две недели укажа и заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, која изјави дека министерот за надворешни работи, Никола Поповски, „два дена лобирал во Брисел објаснувајќи ја неопходноста ВМРО ДПМНЕ да остане на власт или во власта“.

ВМРО-ДПМНЕ деновиве до сите партии ќе достави политички документ за излез од кризата, најавува ГруевскиФотографија: DW/P. Stojanovsk

Документот на ВМРО-ДПМНЕ

Нов, сличен „крик за спас“ и обид за сопствено факторизирање, аналитичарите препознаваат и во синоќешната најава на Груевски во интервју за ТВ „Канал 5“, дека ВМРО-ДПМНЕ деновиве до сите партии ќе достави политички документ за излез од кризата откако ќе биде усвоен од Извршниот комитет. Како што рече Груевски, тој документ не фаворизира никого ниту како партија ниту како етничка заедница и нема да ја наруши унитарноста на државата.

„Никола Груевски може да се подготви единствено за опозиција и за соочување со правдата“, реагираше СДСМ за најавениот документ.

„Сега пред целата домашна и меѓународна јавност е конкретен документ зад кој стојат околу 700.000 граѓани. Тоа е Програмата на новата реформска влада на унитарна Македонија, која гарантира квалитетен живот за сите граѓани независно од каква било различност, правда за сите, заедништво и реформи за евроатланските интеграции. Таа Програма го разобличува Груевски и тоа го потресува, бидејќи му ги одзема сите лажни вести. Груевски мора веднаш да се повлече од насилната реторика, да шири немир и поделби кај граѓаните за непостоечки теми и да ги малтретира луѓето да ги бранат неговите криминали“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Пред доѓањето на Хан, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека „државата е во опасност и само народот може да ја одбрани, бидејќи може да ја снема“. Тој рече дека неговата партија ќе се однесува во рамките на законите и деловникот, но го остави отворено прашањето како ќе се однесува „народот кој протестира“.

„Никој не може да предвиди што ќе прави народот. Народот е над политичарите. Нека му ја мисли тој што оди против волјата на народот“, рече Груевски.

А иницијативата „За заедничка Македонија“ веќе повика на масовен протест со 200.000 луѓе за утре, кога во Скопје доаѓаат еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан. Иницијаторите бараат средба со Хан за тој да ги слушне нивните барања.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми