Камерон бега од „Панамапејперс“
7 април 2016 Огромниот пакет доверливи материјали кои беа отворени со аферата „Панамапејперс“ покажаа дека таткото на Камерон бил клиент на адвокатска фирма и дека неговиот инвестициски фонд „Блермор Холдингс“ бил администриран на Бахамите заради избегнување данок.
Британскиот премиер досега одбива да одговори за детаљите кои произлегоа од скандалот, а негов портпарол најпрво само кусо соопшти дека се работи за „приватна работа“. Во средата (06.04) ваквата изјава беше дополнета со став дека „Премиерот Камерон, неговата сопруга и нивните деца во иднина нема да профитираат од ниту еден оф-шор фонд или фирма“ ниту пак дека поседуваат таква фирма.
Според тестаментот на Иан Камерон, тој во наследство оставил имот вреден 3,4 милиони евра, од кој актуелниот премиер добил 300 илјади фунти во кеш. Но, во тој документ не се наведуваат имот или пари кои ги поседувал постариот Камерон во странство, ниту неговата функција во „Блермор Холдингс“. Познато е дека Камерон постариот бил на чело и на втор оф-шор фонд во Џерзи.
Вредноста на овие фондови, како и нивното актуелно раководство, се непознати, поради тајноста на податоците за нив.
Повторно јавениот интерес за финансиските зделки на неговиот татко како и поделбата на наследството се непријатни за премиерот кој инвестираше многу време и напор во борба против даночната евазија преку оф-шор компании. На самитот на Г8 во Северна Ирска во 2013 година, Камерон побара од другите лидери да прифатат нови мерки кои ќе им помогнат на земјите „во борбата против злото на даночното затајување“ барајќи од мултинационалните компании да споделуваат информации за плаќањето на даноците.
Непријатност за Камерон
„Многу е непријатно за Камерон да презема водечка улога во борбата против даночните оази кога неговиот покоен татко живеел од даночни оази“, вели Изабел Оукшот, која е ко-автор на авторизирана биографија на Камерон.
„Притоа, тој не може да биде сметан за одговорен за финансиските одлуки на неговиот татко. Но опасноста е голема доколку тој самиот крие некакви финансиски интереси. Тоа ќе биде многу отровно. Во таков случај тој презема огромен ризик“, вели таа за ДВ.
Во 2012, Камерон најави дека јавно ќе ги објави неговите лични даночни податоци како гест на транспарентност. Тие сѐ уште не се објавени. Таквите податоци нема да откријат евентуални оф-шор интереси, вели Оукшот, но чудно е што не го исполни ветувањето. „Тоа создава впечаток, иако можеби не е фер, дека нешто крие“.
Ричард Марфи, економист и активист за даночна правда за ДВ вели дека иако премиерот вложувал големи напори за борба против меѓународното затајување данок, „тој испорача извонредно малку. Дали е можеби така поради тоа што тој има семејни причини за тоа? Можеби тој лично не профитира (од оф-шор имот), но претпоставете неговиот брат да има такви акции? Или негови роднини? Дали е и тој компромитиран? Мораме да знаеме“.