Камерон: Велика Британија останува полноправна членка на ЕУ
12 декември 2011
Велика Британија останува полноправна членка на ЕУ, порача британскиот премиер Дејвид Камерон денеска (12.12.2011) попладне во британскиот парламент каде го образложуваше британското „не“ за промени на ЕУ-договорите со цел поголема буџетска дисциплина. Камерон истакна дека членството на неговата земја во Унијата е од клучно значење за националните интереси.
„Ние сме во ЕУ и сакаме да бидеме во Унијата“, порача Камерон. „Ние сме трговска нација и потребен ни е единствениот европски пазар за трговија инвестиции и работни места“
Британскиот премиер меѓутоа порача дека заминал во Брисел на Самитот на ЕУ на крајот од минатата недела за да се постигне договор меѓу сите 27 земји членки на ЕУ, истакнувајќи притоа дека тој не се обидувал да издејствува нефер предности за Велика Британија.
Затоа , порача Камерон нема да има извинувања за тоа што тој побарал заштитни механизми за британскиот финансиски сектор во ЕУ.
Одлуката на Камерон да не учествува во промената на ЕУ договорите за зајакнување на фискалните регулативи за земјите-членки се претвора во прв голем тест за коалицијата на конзервативците и либералдемократите во Лондон. Вице-премиерот Ник Клег вчера го критикуваше ставот на Камерон на самитот на ЕУ како „штетен за Велика Британија“. Најважните конзервативни политичари, наспроти тоа, застанаа зад Камерон.
Автор:СН/БГ/ртр/афп
Редактор: Симе Недевски