1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Камерон си даде автогол“

10 декември 2011

По британското „не“ за европската фискална унија, во Германија не стивнуваат критиките на сметка на Лондон. Германскиот претседател Кристијан Вулф, сепак, е убеден: „Британија е и останува голема добивка“.

Symbolbild Ja zur EU
Фотографија: Fotolia/Becky Stares

Германскиот претседател Кристијан Вулф решително се спротивставува на повиците за излегување на Велика Британија од ЕУ. „Треба да знаеме што значи Европпа и не треба никогаш да шпекулираме околу евентуално намалување на Европа“, изјави Вулф денеска (10.12). Според него, односите на Германија со Франција, Италија и Англија се „носечките столбови во ЕУ“.

Претходно, европскиот парламентарец Мартин Шулц изјави дека се „сомнева оти Велика Британија долгорочно ќе остане во ЕУ“. За весникот „Билд ам Зонтаг“, социјалдемократот Шулц оцени дека Британците никогаш не биле толку изолирани во ЕУ. „Камерон си даде гигантски автогол“, вели Шулц, додавајќи: „Во неговата земја сега противниците на ЕУ ќе вршат притисок врз Камерон за излегување на земјата од ЕУ“.

Шулц, кој во јануари најверојатно ќе го замени Бузек на функцијата претседател на Европскиот парламент, дава уверување дека Унијата може да го поднесе евентуалното излегување на Британците од заедницата.

Мартин ШулцФотографија: picture alliance/dpa

И претседателот на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Гунтер Крихбаум (ЦДУ) го критикува ставот на Лондон: „На Велика Британија ЕУ и‘ е попотребна, отколку што ЕУ има потреба од Велика Британија“, рече тој за „Рајнише пост“. И Крихбаум го отвора прашањето за можно излегување на Британија од ЕУ. Британците мора да се одлучат дали се за или против Европа, вели тој.

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле жали што во Брисел не „се согласиле сите“, но оценува дека вратите остануваат отворени. Вестервеле побара заклучоците од самитот на ЕУ да бидат што побрзо спроведени, зашто „време за губење нема“.

Стопанството ги фали заклучоците од самитот

Заклучоците од самитот во Брисел се фалат во германските економски кругови. „Ова е прв кризен самит на ЕУ, по кој финансиските пазари нема да речат: премалку и предоцна“, изјави главниот економ на Дојче Банк, Томас Мајер. Првиот човек на таканаречениот Совет на економски мудреци, Волфганг Франц, смета дека е направен чекор во вистинска насока. Тој оцени дека земјите на Унијата не само што треба да се посветат на консолидирање на буџетите, туку треба и да ги зајакнуваат своите стопанства со реформи.

Автор: Елизабета Милошевска Фиданоска /дпа/ард/ртр

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми