1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Камерон ја бие битката на својот живот

Габи Бизингер / Е.М.Фиданоска8 април 2016

Британскиот премиер Камерон призна дека имал удел во офшор фирмата на својот починат татко. Тој удел, меѓутоа, го продал во јануари 2010 година. Сега Камерон мора да објаснува, и тоа во најнепогоден момент за него.

Фотографија: Getty Images/AFP/A. Dennis

Дејвид Камерон во телевизиско интервју призна дека имал удел во Блермор Инвестмент Траст, фирма која ја основал неговиот починат татко Иан.

Заедно со соспругата Саманта тој до 2010 година имал удел во фирмата од околу 30.000 фунти, односно околу 37.000 евра, објасни Камерон. Четири месеци по стапувањето на премиерската функција, го продал својот удел: „Саманта и јас имавме 5000 акции на заедничко конто, кои ги продадовме во јануари 2010 година. На дивидендата плаќав данок на приход, но профитот потпаѓаше под оданочување на капитал, така што тоа не го платив. Сите британски даноци се платени како што треба.“

Премиерот од пред неколку дена е под огромен притисок на опозицијата и медиумите, откако името на неговиот татко се појави во т.н. „Панама документи“. Во вторникот, кабинетот на премиерот сѐ уште зборуваше за приватна работа, а Камерон објасни дека не профитирал од офшор-акции: „Беше тешко да се чита дека деловните практики на човекот кој го сакам и ми недостига секој ден, беа така критикувани.“ Освен тоа, како што се велеше, недоразбирање е тврдењето дека Блермор Траст - наречена по поранешниот семеет имот на семејството Камерон во Шкотска - е создадена за да се штеди на данок. Според Камерон, станува збор само за инвестиција во странска валута. Преку Блермор Траст, како што напиша „Гардијан“, во даночните оази се средувале документи за да се избегне плаќање британски данок. Деловниот модел не бил илегален.

Опозицијата сега има многу прашања

Лабуристичката опозиција во текот на изминатите денови постојано вршеше притисок врз Камерон да ја обелодени својата даночна пријава. Сега дел од лабуристичките пратеници бараат оставка од Камерон. Заменикот шеф на Лабуристичката партија Том Вотсон сепак кочи и вели дека има сѐ уште отворени прашања: „Имал ли Камерон како лидер на опозицијата и премиер удел и во други офшор-фирми? Мислам дека британската јавност очекува целосна транспарентност.“

Камерон во меѓувреме изрази подготвеност да ја објави својата даночна пријава. Но, со тоа нема да одговори и на сите прашања. Многумина се чудат поради неговата тактика на задржување. Зошто уште првиот ден не кажа за што се работи, па тој не сторил ништо што е илегално, се прашува на пример новинарката Луси Кавендиш.

Неповолен момент за Камерон

Моментот на откритијата за Камерон е најлош што може да се замисли. Прво, тој во повеќе наврати се изјаснуваше за борба против даночните оази и во мај во Лондон треба да биде домаќин на еден антикорупциски самит. Второ, на речиси три месеци пред референдумот за останок на Велика Британија во ЕУ тој се обидува на секој начин да ги увери своите сонародници дека земјата треба и натаму да е член на европскиот клуб. Каква било криза на веродостојноста тука претставува проблем.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми