1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кандидатите ги трчаат последните кругови

30 април 2019

Остануваат уште неколку дена од изборната кампања. На терен доминира мобилизација на гласачите во битката за цензус и успешен изборен процес.

Nord-Mazedonien Skopje Präsidentschaftswahl
Фотографија: picture-alliance/AA/H. Gina

Мобилизација на гласачите со повици да го искористат гласот за иднината на државата, се пораките на двајцата претседателски кандидати во последните денови од кампањата пред вториот, финален изборен круг. Во нивните штабови се надеваат дека тесната разлика меѓу кандидатите ќе ги мотивира гласачите кои од разни причини не гласале во првиот круг, да излезат помасовно на гласање на 5-ти мај. Резервоарот на гласови на кои се надеваат и двајцата кандидати е и во кампусот на неопределените, но уште повеќе кај гласачите кои во првиот круг го дадоа гласот за кандидатот Блерим Река, поддржан од партиите Алијанса за Албанците и Беса. Тие деновиве треба да одлучат дали ќе ги повикаат нивните поддржувачи да излезат на гласање.

Ако нема цензус

Токму тесната разлика го зголемува уверувањето дека ќе биде постигнат цензус во вториот круг. Премиерот Заев веќе изјави дека ако не се постигне цензусот или ако Пендаровски загуби, ќе се оди на предвремени парламентарни избори.

Заев и Пендаровски по првиот круг од изборите на 21 априлФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Претседателот на Собранието Талат Џафери во настап на ТВ21, ги повика граѓаните да излезат масовно и да гласаат. Доколку не биде постигнат цензус од 40 отсто, тогаш на 12-ти мај кога завршува мандатот на Ѓорге Иванов, тој ќе треба привремено да ја преземе функцијата на претседател на Република Северна Македонија. Според член 81 став 8 од Уставот „доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка“. Таму не се наведува во кој рок треба да се повтори постапката, но членот 14 став 2 од Изборниот законик прецизира дека „во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот“. Член 137 став 2 од Изборниот законик регулира дека претседателот на Собранието донесува акт за распишување избори за избор на претседател на Република во рок од 48 часа од објавувањето на актот на Уставниот суд, со кој се утврдува настанување на условите за престанок на функцијата. Но, со оглед дека и евентуално повторени избори би можеле повторно да бидат неуспешни, бидејќи според законскиот рок би се одржале во неповолен период - среде летни одмори, не се исклучува можноста за поведување постапка за намалување на цензусот или за избор на шефот на државата во парламентот.

Повеќе: 

Слики од македонската изложба

Сугестии до Заев: Збогувајте се со ДУИ!

Метла за втор круг

Средби со граѓаните

Засега никој не посакува таков епилог и сите се посветени на успешно звршување на изборниот процес. Кандидатот на владејачката коалиција Стево Пендаровски вчера ја прифати поканата за учество на дебатата „На мегдан“, по барање на претставници на „Шарената револуција“, кои поканата ја доставија до двајцата кандидати, и сега очекуваат одговор и од Гордана Сиљановска Давкова.

По Велигден, и двајцата кандидати вчера ги продолжија средбите со граѓаните. Пендаровски од Штип и Струмица - родните градови на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски најави дека како иден претседател ќе иницира воведување на ордени кои ќе го носат нивните имиња. Орденот „Киро Глигоров“ ќе се доделува на заслужни граѓани кои дале придонес кон мирот и безбедноста во државата, а орденот „Борис Трајковски“ на граѓани кои придонеле во развојот на мултикултурното демократско опшество.

„Глигоров и Трајковски ни оставија голем залог. Ни го покажаа патот и начинот на кој треба да се води државата. Нам ни останува да ги оправдаме нивните очекувања и да ја оствариме нивната визија, да го продолжиме патот кон држава за каква што тие сонуваа и работеа“, порача Пендаровски, повикувајќи ги граѓаните да излезат и да гласаат за европската иднина на земјата.

Неговата противкандидатка Гордана Сиљановска Давкова испрати пораки од Охрид, Кичево и Струга.

Сиљановска Давкова за време на гласањето во првиот круг од претседателските избориФотографија: Reuters/O. Teofilovski

„Во вториот круг очекувам граѓаните без оглед на етничка, верска, јазична и друга припадност, сами да одлучат кому ќе му го доверат гласот, бидејќи гласот е нивен, а не партиски. Мислам дека доволно нешта сум направила во животот за да докажам дека не ги разликувам луѓето по етничка, верска или јазична припадност. Доколку го дадат гласот за мене, ќе го дадат за некој кој што цел живот се водел и ќе се води и раководи од еднаквоста на сите пред правото и правдата“, порача таа од Струга.

Таа потенцираше дека ќе се обиде да придонесе за демократизацијата на земјата.

„Ако најдобрите се најдат на највисоките позиции верувам дека има живот за Македонија и се надевам дека тоа што цел живот го правам на универзитетот, сега ќе се обидам, а сигурна сум дека ќе бидам успешна и во рамки на претседателската функција“, рече Сиљановска.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми