1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кандидатка за само една недела

Јанис Пападимитриу / Б. Георгиевски4 мај 2014

Грција и на европските избори се бори со својата политика кон малцинствата: опозицискиот лидер Алексис Ципрас кандидираше една ромска активистка за пратеник, но по само една недела ја повлече кандидатурата.

Фотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/Getty Images

Сабиха Сулејман од ромската населба Дросеро во североисточниот грчки регион Тракија добро би се вклопила во профилот на Сириза: левичарска партија, социјална правда и социјална кохезија. 38-годишната Сулејман со години работела како продавачка. Во моментов посетува вечерно училиште и работи во Културното здружение „Елпида“, кое го основала во 2006. година заедно со други жени од нејзиниот роден град. Здружението се залага за правото на ромските деца на образование и поради тоа добива и државна финансиска поддршка. „Во 2006. година само 90 ромски деца од регионот посетуваа настава, а денес ги има повеќе од 800“, вели Сулејман за атинскиот весник „Та Неа“.

Точниот број на Ромите во Грција не е познат. Според проценките на медиумите, ги има меѓу 150 илјади и 250 илјади. Организациите за човекови права говорат за околу 300 илјади. Европскиот суд за човекови права во 2013. година ја осуди Грција поради тоа што многу ромски деца немаат пристап кон владините образовни институции и се сместуваат во гето-училишта. „Кога се приближуваат изборите, политичарите ни ветуваат дека ќе помогнат, но по изборите не нѐ познаваат“, вели Сулејман.

Невладините организации во Грција во 2007 година на Сулејман и’ ја доделија наградата која и’ ја врачи претседателот Каролос Папулјас. Потоа, како прва Ромка говореше и во стариот, историски парламент. Сепак, државата минатата година ги укина средствата за нејзиното здружение.

Ангажман за правата на Ромите

Кандидатурата за Европскиот парламент за левичарската партија Сириза, требаше повторно да го зајакне нејзиниот ангажман за Ромите во регионот на Тракија. Но, таа мораше да се соочи со тоа дека во секојдневната политика не наиде на поддршка. Особено не во Тракија, регион на грчко-турската граница. Тука живеат повеќе од 100 илјади луѓе со муслиманска вера и со грчко државјанство. Официјална Грција вели дека тие претставуваат верско малцинство со турско или бугарско потекло или, пак, Роми како Сулејман. Од друга страна, турската влада смета дека е тоа хомогено турско малцинство на грчко тло.

Сабиха Сулејман во весникот То ВимаФотографија: To Wima

„Грчката влада го промовираше учеството на Сабиха Сулејман со цел зајакнување на својата позиција за различното етничко потекло на припадниците на малцинствата“, вели аналитичарот Ангелос Атанасопулос за неделникот „То Вима“. „Фактот дека е укинато финансирањето веројатно има врска со локалните игри за моќ“, вели Атанасопулос.

Но, минатиот викенд, партијата ја повлече кандидатурата на Сабиха Сулејман, исто така одеднаш како и што ја најави. Извори кои инсистираат на анонимност велат дека за тоа има неколку причини. „Сабиха е активист. Самото нејзино присуство би ја довело под прашање традиционалната тактика на политичките партии да ги влечат конците низ сопствените структури“.

Партиска тактика

Дали левичарската партија се исплаши од сопствената храброст? Тоа не е далеку од вистината, особено што Сулејман не ја критикува само владата во Атина, туку и локалната власт. „Во нашиот регион ни се потребни училишта и болници. Не ни е потребна нова џамија, нив ги имаме доволно“, ќе рече честопати Сулејман. Во интервју за телевизијата „Мега“, Сабиха Сулејман изјави дека во Тракија има 4-5 локални политичари кои под притисок на турскиот конзулат сакаат да ја спречат нејзината кандидатура.

Роми во ГрцијаФотографија: DW/J. Papadimitriou

Алексис Папахелас, уредник на дневниот весник „Катимерини“ смета дека пред сѐ е виновна партијата: во неа се претставени сите струи и тие очигледно, по кандидатурата на Сулејман, тргнаа едни против други. Портпаролот на Сириза, Панос Скурлетис образложувајќи ги причините за повлекувањето на кандидатурата на Сулејман, најави дека партијата пронашла нов, уште подобар кандидат. Тоа е 91. годишниот поранешен партизан Манолис Глезас, кој во Европскиот парламент треба да се залага за германски репарации за Втората светска војна - и тоа уште на првата седница.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми