1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Канческа во кец, Вељаноски во двојка, Диме Спасов - ау

12 ноември 2016

На листите ги нема Диме Спасов, Спиро Ристовски, Зоран Ставрески, Владимир Пешевски...Техничкиот премиер Димитриев е втор во „тројката“, Трајко Вељаноски втор во „двојката“, каде на осма позиција е Јохан Тарчуловски

Wahlveranstanstaltung VMRO DPMNE Skopje Nikola Gruevski
Фотографија: Petr Stojanovski

За прв пат на парламентарните избори на 11-ти декември директно ќе се соочат лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев во Изборната единица (ИЕ) 4. Ова стана извесно откако владејачката партија синоќа соопшти кои ќе бидат носителите на нејзините кандидатски листи. Во првата изборна единица ќе се соочат Никола Поповски од ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски од СДСМ. Во двојката се Никола Тодоров и Оливер Спасовски, во тројката Илија Димовски и Љупчо Николовски, во петката Антонио Милошоски и Радмила Шеќеринска, а во шестката Влатко Ѓорчев и Петре Шилегов. Рамазан Мифтароски од Венеција, по потекло од селото Могорче, Дебарско, е носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во седмата изборна едница, во дијаспората.

Кои се кандидатите на следните позиции? Како што неофицијално дознава Дојче веле, на листите ги нема Диме Спасов, Спиро Ристовски, Зоран Ставрески, Владимир Пешевски... Од ударната постава на ВМРО-ДПМНЕ единствено министерката за култура Елизабета Канческа Милевска е на втора позиција во кецот, по неа се Борис Змејковски, Драган Данев и претседателката на Унијата на жени, Даниела Рангелова. Трајко Вељаноски е втор во „двојката“, каде се и коалициските партнери Иван Стоиљковиќ и Амди Бајрам, а изненадување на осмата позиција е Јохан Тарчуловски. Техничкиот премиер Емил Димитриев е втор во „тројката“. Во четворката зад Груевски е Ванковер Манчев од Струмица, Ане Лашкоска, Панчо Минов, Весна Пемова... Васил Пишев е на шестата позиција. Во петката на втора позиција е Зоран Илиоски, потоа Лилјана Затуроска, Љубен Арнаудов, Благоја Деспотовски... Крсто Мукоски е на седмата позиција. Во шестката на втора позиција е Јусуф Хасани од Врпчиште, потоа Дафина Јовановска Стојанова, Горан Манојловски, Фатмир Имероски од Могорче, Валентина Стефановска од Тетово...

Голем дел од досегашните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ повторно се на листите, а покрај претходно споменатите, на нив повторно се најдоа и Драган Цуклев, Димитар Стевананџија, Нада Ципушева, Светлана Јакимовска, Владанка Авировиќ и други...

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ќе решаваат кецот и четворката!

Каква изборна битка се очекува?

„Во недостиг на службени информации за кандидатските листи на ВМРО-ДПМНЕ, не е возможна целосна споредба на кандидатите на двете опции“ вели аналитичарот Сашо Клековски. 

Но, веќе е јасно дека главниот фокус на изборите ќе биде насочен кон „четворката“. Груевски таму ќе се соочи и со поранешниот лидер на партијата, Љубчо Георгиевски, кој сега ја предводи ВМРО-Народна партија, но неговиот главен противник останува Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ се одлучи да го предизвика Зоран Заев, во неговата ИЕ 4, со кандидирањето на Никола Груевски. Тоа создава впечаток дека Зоран Заев сакал да избегне лидерски натпревар, а Никола Груевски го предизвикува. Истовремено со кандидатурата на Никола Груевски во ИЕ 4, ВМРО-ДПМНЕ ќе парира и на кандидатурата на Љубчо Георгиевски и ќе се обиде да спречи позначаен одлив на гласови, а ќе се избегне ИЕ 1, во која можеби ВМРО-ДПМНЕ не ќе може да ги повтори резултатите од претходните избори“, оценува Клековски.

Според него, Влатко Ѓорчев и Илија Димовски, како носители на изборни листи се утврдуваат во нова генерација на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

„Впечатлива е кандидатурата на Антонио Милошоски во ИЕ 5, кој има голема поддршка во својата изборна единица, со што се потврдува внатрешната кохезија на ВМРО-ДПМНЕ, наспроти сите шпекулации за негово повлекување. Поповски и Тодоров, за кои во кулуарите се шпекулира дека би можеле да бидат наследници на Никола Груевски, се во ИЕ 1 и 2. Никола Поповски е најдобриот можен одговор на ВМРО-ДПМНЕ на кандидатурата на Стево Пендаровски од СДСМ. Дали дуелот во ИЕ 1, вклучително со Артан Груби, е дуел на идните претседатели на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ (и ДУИ)? Дали исходот на дуелите во ИЕ 1 и во ИЕ 4 ќе одлучи за иднината на раководствата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ?“, реторички прашува Клековски.

Составот на коалицијата, во однос на учеството на партиите на малите заедници, тој го оценува како стабилен.

„Од друга страна, дека коалицијата не е идеолошка, се потврдува со присуството на 'Титови леви сили'. Што бараат титоисти на листа на ВМРО? Секако, прагмата дека 'Титовите леви' сили имаат одредено гласачко тело во Скопје и Штип, била пресудна“, вели тој.

За неофицијалните информации за отсуство од листите на повеќегодишните министри, како Ставрески, Пешевски и Ристовски, Клековски смета дека тоа е можеби најава за можни позначајни промени во ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата не се достапни за информации и одговори на овие прашања.

Ништо ново со стари решенија

Во недостиг на официјални информации, аналитичарите се осврнуваат само на она што е потврдено - носителите на кандидатските листи.

„Ништо невообичаено. ВМРО-ДПМНЕ и на овие избори настапува со конвенционални персонални решенија за паратеници, а главен принцип и овој пат е послушноста и сервилноста кон лидерот“, оценува аналитичарот Сефер Тахири. „Се работи за имиња кои не претставуваат никаква новост, но за волја на вистината и кои одразуваат монолитност и единство во партијата. Но, од друга страна, констатираат дека ВМРО-ДПМНЕ останува централизирана, тоталитарна партија, која одлуките ги носи 'од горе' и дека нема многу простор за внатрепартиска демократија и дебата. Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ залудно се обидува да се води од максимата 'тимот кој победува не се менува', бидејќи народот веќе десет години ги гледа и слуша истите личности, за некои од нив се слушаше и во 'бомбите' на Заев, па убеден сум дека на овие избори граѓаните ќе гласаат за поголема политичка свежина и иновативност“, вели Тахири.

Фотографија: MIA

Дуелот почна!

Веднаш по поднесувањето на кандидатските листи, Груевски синоќа објави дека заради Заев се преселил од ИЕ 1 во ИЕ 4.
„Како кандидат за премиер, го очекував во ИЕ 1. Не дојде. Во 2014-та го немаше на ниту една листа. Сега ја одбра четвртата изборна единица. Затоа јас решив да ја предводам изборната единица која тој ја одбра. Освен што цела Македонија ќе треба да се одлучи за премиер помеѓу нас двајцата, граѓаните во четворката ќе имаат можност и директно да одберат помеѓу мене и него. Време е, заедно со народот, да го соочам со реалноста и директно да го победам. После се’ што се случи, да го добие одговорот од народот за тоа што и го направи на Македонија“, напиша Груевски на Фејсбук.

А за тоа што и го направил Груевски на Македонија, веднаш стигна потсетување од СДСМ. Опозициската партија ноќеска објави видео спот со пораката „Никола Груевски, носител на криминалот во Република Македонија. Изборна единица 4. Тој го создаде криминалот. Зошто нема да гласате за него?“ Во спотот се користени и аудио-сегменти од „бомбите“, во кои Груевски зборува за провизии, за набавка на „мерцедес“, за купување плацови на Водно, нарачува уривање на објекти со динамит и „врзување шамари“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми