1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балон што постојано се дува но редовно издишува

Костадин Делимитов
27 септември 2016

Зошто власта во Македонија постојано се „преценува“ во проекциите со капиталните инвестиции? Експертите предупредуваат од свесна манипулација, но и незнаење што предизвикува големи штети на економијата!

Mazedonien Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Власта милува да најавува но не и во целост да ги реализира капиталните инвестиции кои во секој буџет добиваат епитет на рекордни. И за наредната година летвичката е поставена на уште едно највисоко ниво, но ретко кој верува дека таа повторно нема да се урне неколку скалила подолу. Од година во година овој тренд се повторува и речиси да нема ниту една во која планираните капитални расходи се реализирани во целост, или како што се првично предвидени. Веќе стана правило со секој ребаланс средствата за оваа намена да се префрлаат за други, главно непродуктивни трошења, или воопшто да не се реализираат. Ваквиот рецепт редовно го продлабочува дефицитот и го зголемува долгот. Експертите предупредуваат на свесна манипулација од страна на власта: 

„Карактеристика на оваа власт е намерно да се пумпааат капиталните трансфери на почетокот на секоја година и со тоа да го оправдуваат дефицитот во проектираниот буџет. Ако се погледне во образложенијата за сите буџетски години, секогаш дефицитот расте заради наводните капитални трансфери. Тоа е чиста политичка манипулација, стапката за капиталните трансфери ја користат за политичка манипулација за оправдување на високиот дефицит и на задолжувањето на државата кое постојано расте", предупредува економскиот аналитичар Слободан Најдовски. 

Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Неспособност кај дел од институциите

Експертите предупредуваат дека мотивите на ваквата политика се јасни. Редовно се стартува со повисоки перформанси главно заради позиционирање на повисoки стапки на раст на БДП и создавање на перцепција дека економијата и стопанството се во добра кондиција.  Сепак освен пропагандниот ефект, дел од вината за редовниот неуспех се лоцира и во неспособноста кај дел од институциите:

„Очигледно е дека во рамки на владата и буџетските корисници немаат капацитет да направат проекти од капитално значење, ниту пак доволно капацитет за целосно да ги остварат дури и оние капитални трансфери кои остануваат и по направените ребаланси на буџетите. Еве гледаме и со буџетот што го планираат за догодина, акој сакаат набрзина да го протуркаат во собранието повторно планираат историски највисока стапка на капитални инвестиции. И тоа внимавајте во година во која не се реализирани ниту половина од планираните инвестиции. Очигледно дека повторно сакаат само да го оправдаат дефицитот кој што сум убеден дека ќе биде многу повисок", предупредува Најдовски.

Дел од експертската јавност која со години го критикува начинот на кој власта ја води фискалната политика спори не само околу штетноста од малиот процент на искористеноста на капиталните расходи, туку и намената на парите кои се искористуваат. Предупредуваат дека е крајно време за коренити промени во економските политики: 

„Треба добро да се дефинираат и детерминираат инвестициите кои што носат раст и развој на македонската економија. Само дувањето на потрошувачката не треба да претставува основа врз која би се потпирале во очекување на идниот раст на БДП. Многу е важно да се смени концепцијата и да се мотивираат приватните инвестиции кои би ја влечеле македонската економија. Затоа е потребна измена на економскиот модел кој го форсира оваа Влада. Крајно време е основата на инвстициите да бидат кај приватниот сектор, а не капиталните проекти на државата кои по правило се први на удар кога се крати и ретко кога се реализираат во целост", сугерира универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ниту една година според планот

Ваквата состојба според Најдовски може да се постигне, а освен политичка волја за тоа е потребен и соодветен институционален капацитет:

„Ваквата ситуација би се надминала ако во рамките на Владата, во буџетските корисници и воопшто во министерствата има луѓе кои што имаат капацитет да испланираат максимално искористување на капиталните трансфери. Да подготват проекти кои што ќе бидат и функционални. За жал досега кај нас тоа не е случај. Дополнително и проектите во кои се вложува, а кои во добар дел гледаме дека се без повратен ефект, како на пример проектот Скопје 2014 и редица други кои немаат долгорочен бенефит за економијата", смета Најдовски.

Анализите на податоците од буџетите покажуваат дека ниту една година капиталните инвестиции не се реализирани во износот во кој се планирани. Отстапувањата редовно се движат околу 100, па и 150 милиони евра, односно толкав е кусокот  во планираните приходи што редовно се надополнува со трупање на нови долгови. Најголемо промашување или отстапување имаше во 2009 година кога првично во буџетот биле планирани 476 милиони евра, за потоа по два ребаланси годината да заврши со повеќе од двојно пониска реализација или вкупно 218 милиони евра. И годинава состојбата не е ништо подобра. Податоците за првите шест месеци покажуваат дека се реализирани само 128 милиони евра капитални расходи или 31% од планираните. Но затоа пак редовно се реализираат, па дури и натфрлаат проекциите во расходите за плати и социјални трансфери кои од година во година се зголемуваат. Само за илустрација, во буџетот за 2017 годинасредствата за плати изнесуваат 435 милиони евра или за 3 милиони помалку од вкупните средства за инвестиции во гасификација, железницата и други капитални проекти. Проблемите на државата да ги финансира планираните трошоци и годинава се одрази врз дефицитот кој порасна на 4% од БДП. Ваквиот тренд е спротивен на препораките на сите релеванти меѓународни финансиски институции кои сугерираат трендот да биде обратен, односно по ниту една цена дефицитот да не ја пробива границата од 3% од БДП.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми