Секојдневно стануваме свесни дека повеќе не можеме слободно да ја планираме иднината. Тоа е едно од најмачните искуства во карантинската изолација. Колумна на Кица Колбе.
Реклама
Стравот ја блокира човечката способност да сонува за иднината. А човекот е суштество што си поставува секогаш нови цели. Неговата енергија на копнежот е жедна по иднината. Во пандемија тешко се планира иднината. Притоа, не мислам на соништа, кои порано беа реалност, а денес се чинат фантазија. Имено, кога ненадејно во умот ќе ви долеташе мирисот на зимата во Рим, па веднаш правевете планови со која нискотарифна авионска агенција ќе можете за викденот да отпатувате во Италија. Така беше порано, пред карантинските правила. А како сега да отпатуваме за три дена некаде, кога штом ќе стигнеме на целта, прво ќе мора да бидеме во карантин од две недели? Тогаш сфаќаме дека во пандемиски услови патувањата долго ќе бидат невозможни. Самите сега ја ограничуваме слободата на движењето. Се прашуваме каде да го поминеме летниот одмор во најблиската околина. Така сознаваме дека тоа и не е голема жртва. Долго време за многу луѓе тоа беше најнормалното нешто. Долго време не одевме секоја година на одмор. Кога патувањето со авион беше скапа работа, не беше замисливо во една година да се оди на летен одмор на Канарските острови, на зимување во Швајцарија, а барем секои три месеци на викендите на кратко патување во европските метрополи. Одеднаш неволјата станува, без да сакаме, сила на разумот. Најкритичните меѓу нас се прашуваат која беше цената за тој луксуз.
Ама дури и да се откажеме доброволно од летниот одмор во далечни земји, сепак, пандемијата го нагризува и односот кон најблиските нешта. Стануваме секојдневно свесни дека повеќе не можеме слободно да ја планираме иднината. Тоа е едно од најмачните искуства во карантинската изолација. Притоа не мислам само на иднината на стопанството. Мислам повеќе на плановите за иднината како ритуали на секојдневието. Тие нешта што не‘ исполнуваат со радост кога мислиме на нив и, очекувајќи ги нестрпливо да дојдат, ги броиме деновите. Како што чинат децата. Ритуалите на заедништво сме научени да ги повторуваме секоја година. На празниците, на семејните слави, на свадбите и крштевките, на родендените. Празниците се деновите на кои раскошно го празнуваме заедништвото, припадноста на една култура и стил на живот.
Коронавирус: Туристички атракции без посетители
Поради коронавирусот морничава тишина владее на многу туристички знаменитости, особено во Италија, но и во други земји. Погледнете како изгледаат овие места сега без вообичаените турканици..
Туристичките атракции во Италија се особено погодени од кризата со коронавирусот. Целата земја е во карантин. Продавниците се затворени, туристите ја напуштија земјата. Плоштадот Свети Петар во Рим е затворен, музеите и знаменитостите веќе не се отворени за јавноста.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Zuma/G. Galazka
Тивкиот Милано
На северот на Италија, само големи групи гулаби се осмелуваат да излезат на улиците. Катедралата во Милано се извишува осамена и напуштена кон небото. Во Италија има полициски час на национално ниво. На луѓето им е дозволено да ги напуштат своите домови само кога одат на работа или кога одат да купат неопходни намирници.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/L. Bruno
Празни места во Мадрид
По Италија, Шпанија е втората европска земја која е најпогодена од кризата со коронавирусот. Досега нема прогласено полициски час. Плоштадот Махор, обично пулсирачкиот центар на Мадрид е празен. Огромниот плоштад обично го посетуваат стотици илјади туристи секоја година. Во околината има повеќе од 3.000 ресторани, барови, кафулиња и таверни.
Жителите на Австрија, исто така, не можат веќе слободно да се движат. Од вторникот (18. март 2020) сите пабови и ресторани, покрај останатото, се затворени. Обележјето на Виена - катедралата Свети Стефан- е затворена за посетители, црковните служби се одвиваат без верници и се емитуваат на радио. И вообичаено многу посетениот плоштад пред катедралата е празен.
Карловиот мост во Прага вообичаено е преполн. Обележјето на градот сега е тивко. Чешката Република прогласи вонредна состојба поради кризата со коронавирусот и воведе широка забрана за влез и излез од земјата. Сите прекугранични транспортни врски со возови и со автобуси, исто така, се запрени. Слободата на движење на жителите е строго ограничена.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/D. Josek
Франција во вонредна состојба
Претседателот на Франција рече дека земјата е во војна против коронавирусот. А министерот за внатрешни работи ги нарече „воени сојузници“ сите оние кои сега остануваат дома. Онаму каде што обично се разминуваат илјадници луѓе - Ајфеловата кула или Лувр во Париз - деновиве ретко може да се види некој.
Фотографија: picture-alliance/abaca/E. Blondet
Берлинските знамениости затворени
Берлин е сѐ попразен, иако сè уште не е прогласен полициски час. Знаменитостите како Рајхстагот се затворени. Театрите и музеите, исто така. Туризмот е ставен на пауза во Германија. Хотелите и останатото сместување сега можат да се користат само за „неопходни и исклучиво нетуристички цели“.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler
Туризмот во режим на спиење
Дури и јавните знаменитости се празни. На улиците има само неколку туристи, како кај Бранденбуршката порта. Но, дури и ако сега има целосно чист поглед на обележјето на Берлин, посетата и не е баш забавна.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken
8 фотографии1 | 8
Како ќе го обликуваме секојдневието, доколку пандемијата продолжи до крајот на годината? Како ќе издржиме во пандемиското секојдневие ако тоа трае подолго од година? Ако трае, не дај Боже, цели две години, а можеби и подолго? Ваквите прашања му го одземаат здивот и на најголемиот оптимист. Се прашувам како ќе го славиме Божиќ во услови на пандемија? Сега е пролет, а не е далеку ни летото. Сега ние, постарите генерации во изолација, не мислиме толку на летниот одмор во далечни земји, а најмалку на Божиќ. Мислиме повеќе на тоа дека сега би можеле да се сретнеме со децата и внуците - барем само на еден, два часа. На отворено, во градината, во паркот. Додуша, и тогаш ќе бидеме разделени едни од други. Ќе седиме на маси поставени на безбедно растојание. И иако не ќе смееме да се поздравиме со роднините. А бабите и дедовците ќе ги гушкаат внуците само со погледот, додека ќе им трепери срцето од тага. Сепак, се радуваме што ќе бидеме кусо време заедно со најмилите. На растојание, но, под исто небо!
Ама како ќе биде кога ќе дојде зимата? Навистина, како ќе биде за Божиќ? Нема друг празник за христијанскиот свет кој толку силно ја изразува поврзаноста со фамилијата, со пријателите, како празникот на Христовото раѓање. Просечната големина на становите, на одаите во куќите, не дозволува да се собере целата фамилија, а притоа средбата да се одвива според пандемиските мерки. Не живееме во замоци со големи сали за балови, во кои без проблем би можеле да се постават неколку маси на безбедно растојание. Како на децата ќе им објасниме дека нивните баби и дедовци не ќе можат да бидат со нив токму на Божиќ? Како ќе изгледа семејниот ручек за Бадник и Божиќ во услови на пандемија? Добро, подароците ќе си ги подаваме од растојание и со маска. Но, како ќе јадеме заедно? Како ќе пееме Божиќни песни во затворена мала просторија? Пак со маски? Или само една песна, колку да се стори адетот? И ќе ни‘ стане ли јасно, кога ќе тагуваме за времето пред пандемијата, колкава среќа беа досега ритуалите на заедништвото кои ги сметавме за најобична работа? Кога пред Божиќ, барем во Германија, уште во Адвент, во четирите недели пред празникот, се собиравме во радосна толпа на божиќните панаѓури, пиејќи топло, благо вино и слушајќи божиќни песни. Божиќен панаѓур, на растојание од два метра еден со друг? Незамисливо!
Со секој нов ден со пандемиски мерки, станува се‘ појасно колку сеприсутниот вирус ја нагризува најважната особина на човекот – вербата во поубава иднина, надежта дека се‘ ќе биде добро. На што тогаш да се надеваме? Само на тоа дека нема долго да чекаме на вакцина против коронавирусот. Или дека ќе се случи чудо и вирусот ќе исчезне сам од себе. Само што овој вирус е многу чуден. Тој ни‘ ја одзема силата дури и да си замислиме поубава иднина. Затоа што го блокира тоа, од кое ние досега црпевме сила. Пред стравот и загрозата, порано се сплотувавме. Ја баравме близината на другиот човек. Во неволјата ни‘ треба топлата прегратка што утешува. Раката на пријателот која не‘ крепи кога снеможуваме. Бакнежот во образот на внучето, на пријателот и пријателката при секоја средба. Сето тоа денес е невозможно. И не знаеме колку долго ќе биде така. А тоа буди во нас исконски, одамна заборавен страв. Затоа што овој вирус го загрози токму јадрото на заедништво. Тој ги раздели фамилиите. Застана како невидлива ограда помеѓу генерациите. Стравувајќи од инфекција, стравуваме од близината со другиот човек.
Алтернативни поздрави во време на пандемија
За да го намалат ризикот од заразување со новиот коронавирус, луѓето ширум светот ги менуваат навиките за поздравување. Можеби ќе ве инспирира некоја од овие културни навики.
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Hosbas
Ракување
Тоа е еден од најраспространетите поздрави во светото. Ќе излезе ли сега ракувањето од мода? Здравствените експерти препорачуваат да се избегнува за да се намали ризикот од зараза. Германскиот министер за внатрешни работи ја зема таа препорака сериозно па одби да се ракува со канцеларката Ангела Меркел. Двајцата потоа слатко се изнасмеаја.
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Hosbas
Двоен бакнеж во образ
Француската влада ги советува своите граѓани да го избегнуваат традиционалниот бакнеж на двата образа. Но францускиот претседател Емануел Макрон во знак на поддршка го бакна италијанскиот премиер Џузепе Конте во Неапол неделава, давајќи до знаење дека не се плаши од коронавирусот.
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/P. Manzo
Да пукне!
Тоа е гест кој беше популаризиран во бејзболот и кошарката во САД. Преку него се пренесуваат околу 50% помалку бактерии одошто со ракување, но сепак, тоа не го прави целосно безбеден.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Drew
Судир на тупаници
Најчесто користен во спортот, овој поздрав го популаризираше и поранешниот претседател на САД, Барак Обама, на сликата со шведската климатска активистка Грета Тунберг. Освен „кул“ факторот, тупаницата пренесува далеку помалку бактерии одошто ракувањето- над 90%.
Фотографија: picture-alliance/dpa/The Obama Foundation
Прегратки
Прегратката е уште еден начи на ширење микроби, но истражувањата покажуваат дека прегратката на саканиот може и да го зајакне имунолошкиот систем, а во некои случаи- и да ги подобри дипломатските односи. Прегратката меѓу претседателите на Јужна и Северна Кореја Мун Џае Ин и Ким Џонг Ун во 2018 предзивика различни реакции на двете страни на границата. Дотогаш тие само се ракуваа.
Фотографија: Reuters
Тапкање по рамо
Австралиските власти на своите граѓани им го препорачуваат токму овој гест: „Време е Австралијанците засега само да се тапкаат по рамо- без ракување“, изјави еден министер. Иако со овој поздрав речиси и не се пренесуваат бактерии, сепак во некои култури тоа може да се смета и за навреда.
Фотографија: Colourbox
Мавтање
Кралицата Елизабета и принцот Филип често им мавтаат на своите поданици од балконот на Бакингемската палата. Гестот потекнува од традицијата од 18-век кога витезите се поздравувале со вадење шлемовите за да го откријат својот идентитет и да покажат дека доаѓаат во мир. Мавтањето е исто така и навредливо во некои земји.
Фотографија: Reuters/K. Doherty
Тупаница и дланка
Во Кина, каде започна појавата на Ковид-19, традиционалниот „гонг-шу“ поздрав се препорачува во актуелниот момент. Поздравот на фотографијата го демонстрира кинеската актерка Мија Мучи.
Мал наклон со дланките споени една до друга во позиција како за молитва. Таи ваи поздравот е раширен во бројни земји на југоистокот на Азија- а уште е познат и како индиски „намасте“ или бурмански „мингалар пар“.
Фотографија: Imago Images/ZUMA Press/J. Kurtz
Јапонски наклон
Исто така безбеден, традиционалниот јапонски поздрав се уште се практикува во секојдневието. Учењето на елегантниот наклон е важен дел од општествениот статус. На фотографијата, вработени во еден трговски центар во Токио го вежбаат поздравот пред почетокот на новогодишната распродажба.
Фотографија: picture-alliance/dpa/MAXPPP/Kyodo
„Ногување“
Едно вирално видео од Кина неодамна ни покажа и нов начин на поздравување: „ногување“ или "footshake", кое некои го нарекуваат и „Вуханско ракување“. Триењето на валканите чевли, сепак е посигурно од ракувањето.
Фотографија: DW/S. Bartlick
Насмевка
Веројатно најлесниот начин да поздравите некого без да ризикувате размена на бактерии или да го навредите е да го погледнете во очи, да се насмевнете и да кажете здраво.
Фотографија: picture-alliance/PhotoAlto/E. Audras
12 фотографии1 | 12
Првата жртва на вирусот е нашата увереност дека се‘ мора да се одвива така како што сака човекот. Затоа што досега бевме уверени дека тој е круната на творението. Затоа што тој е мерата на сите нешта. Затоа што за него нема ништо и никој, кому треба да му благодари. За секој нов ден, за секоја нова пролет, за првиот плач на новороденчето. Уверени бевме дека, до крајот на светот, секој ден ќе се одвива обично и до здодевност секогаш исто. Затоа што ние, луѓето, така сакаме. Не помислувавме дека токму таа увреност еден ден ќе мора да ја принесеме како жртва. Ограничувајќи се самите себеси - ако не од разум и самокритичност, тогаш од страв по сопствениот живот. Тоа ни‘ се случува токму сега! Затоа што сме присилени, за сопствената заштита, да се затвориме во својот најличен свет – домот. Најскапоценото нешто за сите кои немаат повеќе дом. А колкумина од нас затвореноста во домот денес ја чувствуваат како затвор? Затоа што мислат дека некој друг ги присилува на тоа.
Тие луѓе не разбираат дека на тоа се присливме ние самите. Затоа што самите предолго сметавме дека за човекот нема никаква граница во неговото самоостварување. Сега болно разбираме дека сите зависиме еден од друг. И дека без другите не е возможно нашето самоостварување. Дека другите се нашиот живот. Дека без нив тој не е убав. Дека без нив тој не е целосен. Човекот не е создаден да биде сам, велиме сега се‘ почесто. Само што ретко кога ние, луѓето, сознаваме толку јасно дека токму тоа е најскапоцениот дар. Луѓето со кои во роднинска, пријателска и каква годе друга поврзаност го обликуваме, го поминуваме човечкиот век. Тој беше со векови основниот ритуал на животот – заедницата со неколку генерации. Сонот на модерната индивидуа – нејзината затвореност во себе како монада – во пандемијата стана нејзиниот затвор. На кој таа, дури ниту поради сопственото здравје, понекогаш не сака да биде ограничена.
Животната средина зема здив во време на короната
Луѓето се дома, фабриките прават пауза - тоа се одразува и на животната средина. Промените во животната средина се забележливи на најразлични начини ширум светот.
Фотографија: Getty Images/C. Furlong
Во Велс козите го заземаат просторот
Онаму каде што човекот се повлекува, животните си го враќаат животниот простор. На речиси сосема празните улици во британското крајбрежно место Ландидно, си се шета стадо диви кози. Тоа не им е првпат, но сега не им пречи никој. Додека луѓето се затворени дома, козите слободно може да се нафрлат на своето омилено јадење: грмушките крај патот.
Фотографија: Getty Images/C. Furlong
Планета на мајмуните?
Во тајландски Лопбури луѓето се навикнати на мајмуните. Но, во моментов животните се невообичаено напрегнати. Причина за нивните борби е можеби тоа што немаат доволно храна, поради тоа што нема туристи. За мајмуните во Лопбури и други за другите животни кои се навикнале да добиваат храна од луѓето, корона-кризата е голема промена.
Фотографија: Reuters/Soe Zeya Tun
Во Катманду се дише подобро
Чист планински воздух во главниот град на Непал е само желба. Катманду се вбројува во градовите со најзагаден воздух во светот. Градот лежи во долина, во која смогот е „заклучен“ од околните планини. Но, откако владата на 23 март објави забрани за излегување, градскиот сообраќај речиси замре. Оттогаш квалитетот на воздухот е значително подобар.
Помалку возила на улиците, помалку авиони на небото, помалку фабрики кои работат - корона-пандемијата и во Германија донесе намалување на штетните издувни гасови. Според прогнозите, Германија со тоа може дури и да ги постигне климатските цели за 2020 година, се разбира доколку по кризата не се испуштаат што е можно повеќе штетни гасови.
Фотографија: Reuters/Soe Zeya Tun
Кога гондолите се покриени ...
Каналите во Венеција, кои вообичаено се полни со бротчиња и гондоли, сега се празни, а водата е толку бистра, што може да се види дното. Но, тоа нема врска со подобрен квалитет на водата, објасни портпарол на градот за Си-Ен-Ен. Поради намалениот сообраќај, сега само талогот е на дното. Но, она што и овде е дефинитивно подобрено е квалитетот на воздухот.
Фотографија: Reuters/M. Silvestri
Паузата заврши?
Додека во многу земји економијата е во застој, во Кина повторно се почнува со работа, како во оваа фабрика за батерии во Анхуи. Со тоа завршува и паузата за земање здив на животната средина.
Фотографија: Getty Images/AFP
6 фотографии1 | 6
Најдрагоцен досега ни‘ беше станал нашиот самозаборав во конзумирањето на светот. Затоа што не го гледавме како тајна, како дар. Туку само како евтина храна и мртва материја во процесот на човечката технологија. Живеевме без мерка во трошењето на природата, затоа што верувавме дека се‘ ни‘ припаѓа само нам. На самовљубениот субјект на модерното време, кому природата му служи само уште како мртов материјал. Го стеснивме само за половина век животниот простор на животните. Ги уништивме шумите. Градовите ги претворивме во бетонски тврдини. Го загадивме воздухот. Ги затрувме реките. Морињата ги преполнивме со пластичен отпад. Не оставивме ниту парче недопрена природа. Се однесуваме кон природата како да не сме дел од неа. Човекот се однесува кон останатата природа и кон другите животински видови многу одамна како најопасниот вирус кон луѓето. Само што тој критички поглед кон нештата долго сите го одбивавме. Заради човечката волја за моќ и контрола, заради неговата жед и глад да ја поседува природата. Се‘ до појавата на овој чуден вирус. И сега ни‘ се присторува дека небаре некој невидлив голем драматург да ја „режира“ оваа драма. За да не присили конечно да разбереме дека така, како што досега се однесувавме, со природата и со другите човечки суштества, јуришавме со сигурност кон иднината како слепа улица. Сите знаевме дека, кога-тогаш, ќе дојде до катастрофата. Затоа сега во нас се буди нов страв, кој, сепак, ни‘ се чини како најархаичен. Стравот дека повеќе не можеме да ја планираме самите својата иднина. А тоа, впрочем, никогаш не можевме, иако не бевме свесни за тоа. Иднината е секогаш можна само заедно со сите луѓе, со сето човештво. Кога не сакаме да ја делиме со сите светлата иднина, тогаш ќе бидеме присилени да ја делиме катастрофата. И стравот од иднината!