Изолацијата влијае на психичката состојба и го слабее имунолошкиот систем, вели за ДВ професорот по психијатрија Манфред Шпицер. Она што го зајакнува системот, вели тој, е излегувањето надвор, особено во шума.
Реклама
Во борбата против ширењето на коронавирусот многу земји воведоа забрани за движење или контакти и на различен начин го ограничија социјалниот живот. Дури и таму каде седењето дома не е пропишано со закон, луѓето од страв ретко или воопшто не излегуваат од дома.
„Знаеме дека карантинот- како ултимативен облик на забрана за движење- навистина може да води до психички пореметувања дури и кај сосема нормалните луѓе“, вели Манфред Шпицер, професор по психијатрија на Универзитетот во Улм и шеф на тамошната психијатриска клиника.
Постојат долгорочни истражувања кои покажуваат дека по карантинот е поголема зачестеноста на анксиозноста, пореметувањата на сонот или дури и посттрауматски пореметувања. Тука нема разлика меѓу стари и млади, или мажи и жени. Сите можат да страдаат од тоа“, вели Шпицер.
„Затоа е препораката таквите мерки да се воведуваат само кога се неопходни“.
Во разговор за ДВ, професорот вели дека најважното оружје кое човекот го има во борбата против коронавирусот е сопствениот имунолошки систем. „Знаеме што го зајакнува имунолошкиот систем- едно од тие нешта е излегувањето надвор. Секако најдобро е таму каде што нема никој, на пример, во шума. Знаеме дека прошетката во шума во траење од еден, најдобро два часа, докажано го зајакнува имунолошкиот систем. Седењето во домот му штети на имунолошкиот систем. Тоа е особено важно за семејства со деца“.
#Stayathomechallenge#: Физичка активност и во домашна изолација
Шпицер е автор на книгата „Осаменост- непризнаена болест: болна, заразна, смртоносна“. На прашањето дали деновиве социјалните мрежи можат да бидат замена за социјалниот контакт, вели:
„Критички гледам на социјалните мрежи, но тие во овие времиња секако се начин да се одржи контакт. Ве молам, само немојте деноноќно да ги следите будалаштините кои се шират таму“.
Угледниот психијатар вели дека, во моментов, телефонот е веројатно „најдобриот социјален медиуми“ кој го имаме затоа што вообичаено телефонираме со луѓе кои ги познаваме. „Твитер и Фејсбук не се толку добри. Непознатите луѓе со кои таму се среќавате не се толку пријатни“.
Во изолација поради коронавирус? Нема проблем
Со малку креативност можете да ја претворите изолацијата во инспирација. Еве неколку идеи како да го искористите времето во карантин, и да продолжите нормално да живеете дури и затворени во четири ѕида.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schickert
Бидете креативни со конзервираната храна
Претворањето на конзервираната храна во нешто вкусно можеби бара малку магија, но сигурно не е невозможно. На пример, експериментирајте со лакса која ги прочистува синусите или пак измешајте конзерва туна со малку пченка и свеж ѓумбир за да го зајакнете вашиот имунолошки систем.
Фотографија: Miguel Medina/AFP/Getty Images
Затворената вежбална не е изговор
Имате доволно начини да ја одржите добрата форма на вашето тело дури и ако не можете да ја посетите вашата вежбална. Загрејте го телото со фитнес вежби или јога со онлајн упатства, а доколку ви е многу здодевно искористете ги и конзервите со храна во вашиот магацин за да ги развиете вашите бицепси и трицепси.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-D. Gabbert
Време е за пролетно чистење
Искористете ја можноста, засукајте ги ракавите и употребете го вишокот енергија за да го светнете секое ќоше во домот. Ова може да биде најдобриот момент за расчитување на нередот. Можете дури и да ослободите место во плакарите и да зачистите во подрумот.
Целодневното гледање на ТВ серии е гарантиран начин за опуштање на умот и телото. Можеби мини-серијата „Чернобил“ и не е најдобриот избор доколку сте во мрачно расположение. Алтернативата би било нешто полесно, како „Пријатели“. Доколку секој ден потрошите 6 часа и 20 минути на оваа серија, ќе ги изгледате сите 236 епизоди за 14 дена.
Покрај сето слободно време можеби е добар момент да ја избришете прашината од некои постари игри и да се забавувате со оние со кои го споделувате карантинот. Доколку сте сами во изолација, повеќе класични игри денес имаат и онлајн верзии па можете да играте со пријателите преку интернет.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache
Научете нешто ново
Во денешно време можете да научите речиси се онлајн. Можеби секогаш сте сакале да научите некоја нова вештина или дури и јазик. Германски можеби? На интернет ќе најдете многу можности и за бесплатно изучување јазици, па со оглед на слободното време, нема никаков изговор зошто тоа да не го сторите.
Фотографија: Colourbox
Јавете и се на бабата
Вашите роднини секогаш се жалат дека ве гледаат само за празници. Сега е добар момент да им се јавите. Иако веројатноста дека ќе заглавите на телефон 1-2 часа е голема, сепак ќе ви се израдуваат. Притоа, ќе покажете грижа и за нив и за нивното здравје во оваа тешка ситуација, особено за постарите луѓе.
Фотографија: Heike Brauer/Fotolia
Планирајте го следниот одмор
Планирањето одмор е добар начин да избегате од вашата соба, макар и само во мислите. Исполнете го денот замислувајќи си како се релаксирате на Бали или уживате во чистиот планински воздух некаде на Алпите. Само не заборавајте да си купите и патничко осигурување бидејќи никогаш не се знае кога ќе дојде следната криза.