1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Караѓорѓево for dummies

5 август 2021

Најпогубното во сета приказна околу Отворен Балкан е доколку таа биде отфрлена како идеја поради сегашните карактери кои ја форсираат и нивните скриени, деструктивни замисли. Колумна на Арсим Зеколи.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Како да уништиш добра идеја на која и се ближи времето? Предај ја во рацете на корумпирани автократи поврзани со криминал кои од неа ќе направат помпозна фешта на – ништо! Токму онака како што на лидерите на Србија, Албанија и Македонија им успеа иницијативата за соработка да ја превртат некаде во мотив за сомнеж, другде како повод за кавга и најмногу како причина вредна за игнорирање. Профитерите од фондовите на Сорос од Белград, Тирана и Скопје на кои им успеа  филозозофијата на Попер за отворено општество да ја пресвртат во ругло и потсмев, сега се обидуваат да истата ја надградат и прошират во регионален Отворен Балкан. И што повеќе се обидуваат, сѐ повеќе напорите на А. Вучиќ и Е. Рама наликуваат на пантонимни мимикрии на Караѓорѓевските средби на Туѓман и Милошевиќ. Потврдувајќи дека авантурите со салфетни прецртувања на границите сѐ уште циркулираат низ клоаките на политиката.

Доколку судиме според медиумските машинерии на трите автократи, приказната е дека тие тројца се за регионална соработка, додека останатите се зачаурени во своите државички. Но доколку загребеме малку подлабоко зад таа површност, ќе увидиме дека тоа е едноставно невистина. Приштина, Подгорица и Сараево сакаат регионална соработка и поврзување. Разликата е во инсистирањето на триото Рама-Вучиќ-Заев за форсирање политички недефинирано, институционално нетранспарентно, од нив диктирано поврзување, додека пак останатите инсистираат на административно контролирано, институционално транспарентно и демократски консензуално исцртани рамки во контекст на постоечките форми на соработка и во координација со заеднички споделената цел – членство во ЕУ. И во тоа е суштинската разлика помеѓу двата кампа. 

Фотографија: Boris Grdanoski/AP Photo/picture alliance

Наместо добивање ветар во грб и подршка од ЕУ, во неделата по состанокот во Скопје на адреса на Вучиќ, Рама и Заев се струполија редица медиумски непријатни пораки и одговор на Брисел во форма на молк за побаран дипломатски агреман. Ден по неговата колумна во која ургираше да ЕУ ја подржи иницијативата Отворен Балкан, српскиот претседател доби брутална анализа од парискиот Ле Монд во која неговата влада и владеење се сведува на мозок на српската мафија и криминал како закана за регионот – и пошироко. Медиумот во кој се објавува колумнава, ќе излезе со неколку нијанси поблага, но за Вучиќ подеднакво поразителна анализа за хаосот кој го произведува неговото владеење во Србија. Атинскиот Екатимерини ќе ја сумира сета иницијатива во прашалната порака до лидерите во Белград, Скопје, Тирана дали нивната иницијатива цели да ја уценува ЕУ? Проследено со став дека ЕУ не ја интересира какви проекти се предлагаат во регионот, туку како Вучиќ, Рама, Заев ги спроведуваат потребните реформи за членство во Унијата во нивните земји. Интерпретирано во слободен дух, пораката е – не се глупирајте регионално туку реформирајте домашно. 

Други колумни од авторот:

-Чудо во Скопје!

-Нашите „засновано на вистина” настани

-Промена на ветриштата

Судејќи според настаните во соседството, очигледно е дека Аца, Еди, Зоки не се сметаат како доволно привлечни ликови за дружба. Ставот на Подгорица останува ист, пренесен од Дритан Абазовиќ дека „Црна гора преферира ЦЕФТА, не Мини Шенген”. Во соседната Босна и Херцеговина, претставниците на Босанците и Хрватите резолутно ја одбија поканата и се фокусираа на доаѓањето на новиот Меѓународен претставник Христијан Шмит, зајакнат со мандат на директна подршка од Џо Бајден и од Анџела Меркел. Неколку дена подоцна, САД ќе објават дека наскоро носителите на хрватски пасоши (не само од Хрватска) ќе можат да патуваат без визи. Грогиран по дефилето на силите на НАТО по улиците на Бања Лука и нокаутиран по усвојувањето на Законот за негирање на геноцидот, дежурниот бунтовник Мирослав Додик се откажува од заканите со оружје, но инсистира на одвојување на неговата Република Српска. За  од Вучиќ да добие одговор дека „Србија го подржува територијалниот интегритет на БиХ и на Република Српска во БиХ”. И со тоа, фамата за „српски свет” се врати во рамките на политиката на компартменализација на Србија како на сите други земји и народи во регионот.       

Најинтересните реакции, очекувано, се одвиваа во триаголникот Приштина-Белград-Тирана. Обидите на Рама приштинското резолутно „не” да ја сведе во рамки на неговата лична пизма и љубомора со Албин Кути само ја нагласија не помалку острата и одбивна реакција на претседателката Вјоса Османи. Интересно е што унисоната и  резолутна порака од Приштина упатена на адреса на Рама означи и неславен крај на неговата постизборна порака дека се смета како премиер на сите Албанци. Но она што е уште поболно како за него лично и така и за соработниците е што по три децении, службена Тирана за првпат ја изгуби аурата на конструктивен актер во регионот (посебно во однос на Албанците) и консултант партнер од доверба на Западот во пренесувањето и интерпретирањето на барањата на Албанците од Косово, но делумно и од Македонија.

Фотографија: Boris Grdanoski/AP Photo/picture alliance

Ставовите на Подгорица и Сараево ја демантираа пропагандата на Рама за изолираноста на Курти и ја подриваат севкупната стратегија за „приведување на Приштина преку давење на Косово”. Наместо сатанизација на Курти, пристапот на Рама и на Вучиќ (со терцирање од Заев и Ахмети) вродија со за нив неочекувана промена на улогите. Имено, појавата на Курти е помалку битна во етнички димензии, отколку што е во културолошко-политички споредбен аспект во кој неговата елоквентност, имиџ и идеологија ја нагласуваат ориентално-чорбаџиската суштина на парадното про-европејство на лидерите од Белград, Тирана и Скопје. Притоа, не е квалитетот на Курти од толкав висококаратен карактер, колку што нетранспарентниот, манипулативно-емотивниот ориентализам на останатите е не само излитен за современието, туку и репулсивен за Европа. Во таквата состојба, европскиот модернизам на Курти е безмалку статичен, можеби дури и незаслужен, но секако не и проблематичен. За разлика од комичната апсурдност на неговите опоненти, кои во обидите да наликуваат на Исмаил Ќемали (Рама), Никола Пашиќ (Вучиќ) и Маршал Тито (Заев) завршија како пародични политиканти кои недостатокот на автентичност ја компензираат преку клонирање на минатото. А притоа, благодарение на сопствената коруптивност, ги компромитираат и ликовите кои ги имитираат.

Но кои се мотивите на домашните лидери за нивното беспоговорно прифаќање на иницијативите на Вучиќ и Рама? Во случајот со ДУИ и Али Ахмети, тој пристап е дел од неговата поранешна идеја за Балкански Бенелукс. Но одбивноста на Косово и Црна Гора за сегашната иницијатива ја руши концепцијата на Ахмети. Мотивот сепак лежи некаде на друго место. Домашната јавност, пумпана со вести за апсењето на командантите на УЧК, нема поим за подлабоките струења и промени како последица на победата на Курти и тивкото заминување на организацијата Движење за Косово која беше „темната материја” која ги поврзуваше поствоените водства во Косово и во Македонија. Во таа нова констелација, Ахмети е лишен од благодетите на службената и не толку службената подршка на старите другари од Приштина и воедно ја губи моќта на дискретен посредник помеѓу Приштина и Тирана. Улога од која тој црпеше најголема добивка. Што се однесува на Алијансата и Алтернатива, нивните оправдувања дека молкот во однос на Отворениот Балкан е бидејќи  „странците така им кажале” е само потврда дека нивната политичка школа е есенцијално само имитација на ахметовизмот и мендухизмот. Која најлесно со разоткрива низ прашањето  „А, кои странци поточно?”  и одговоро: „Па види ... странци.”

Фотографија: Boris Grdanoski/AP Photo/picture alliance

Пристапот на Заев кон Отворениот Балкан не е аналитички посебно интересен бидејќи е едноставно составен дел на неговиот модус операнди на некритичко залетување во Договори и задоцнети памети, токму според примерот со Преспанските и Софиските договори. Таа комотност на Заев не би била така лесно изводлива да не е партнерската подршка на Мицкоски во улога на „ривал по мерка” во критични моменти. Како и да е, настрана потребата за дружење со регионални лидери како компензација за игнорирањето од европските и светските колеги, пристапот на Заев и Мицкоски кон иницијативата е, во недостаток на подобар израз, несфатлива. Дури и колку и да е добронамерна. Доколку мотивот за некритичкото прифаќање на авантуризмите на Рама и Вучиќ е ставањето контратежа на барањата од Софија, тој пристап е ништо повеќе од современа варијација на веќе видената погубност на своевремените повици „да го признаеме Северен Кипар за инает на Грција”. Она што е сепак евидентно е дека ваквиот пристап на Заев и Мицкоски е сосема реално да вроди со дополнителни компликации за самите Македонци. Отворен Балкан не може да биде субститут за лековитоста евроинтеграциите за духовните предизвици со кои се соочуваат како народ и идентитет. Наклонетоста кон Белград поради стари љубови е прашање на носталгичност лишена од одговорност за иднината. Пристап кој неминовно ќе вроди со процут на македонизмот кај клиентелистичката патриотска и граѓанска елита на СДСМ и на ВМРО, но по цена на засилен интерес за бугарски пасоши кај сиромаштијата во потрага за корка леб низ белиот свет. Заев и Мицкоски се на добар пат со сплотено Ура! да ја остварат замислата за Македонија како Швајцарија на Балканите. И Македонците како ретро-романци среде поголеми нации.

Најпогубното во сета приказна околу Отворен Балкан е доколку таа биде отфрлена како идеја поради сегашните карактери кои ја форсираат и нивните скриени, деструктивни замисли. Би требало да е обратно. Да се отфрлат актерите и се спаси идејата. И да се започне од почеток. Онака како што треба, низ парламентарна дебата на рамноправни актери, домашни реформи како темел на промените во регионот и како придонес, а не инает, кон Европа. Симпатиите на Рама, Вучиќ кон остатоците на трампизмот во регионот укажуваат од кој правец дува ветерот на поддршка за нивните авантури. Прашање е, дали Заев,  Мицкоски, Ахмети воопшто знаат каде плови тој број? 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми