Претседателот на Судскиот совет демантира дека на дневен ред била одговорноста на судијата, за кој медиумите објавија дека гласал „за“ притвор за осомничените во „Титаник“. Но, остануваат неодговорени клучни прашања.
Реклама
Не е точно дека на дневен ред експресно било ставено разрешување на судијата Дарко Тодоровски од Основниот суд Скопје 1, изјави за ДВ претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, демантирајќи ги таквите медиумски тврдења. Името на овој судија го привлече вниманието на јавноста, откако по барање на одбраната на осомничените во предметот „Титаник“ тој беше изземен од тричлениот кривичен совет, што требаше да одлучува за предлогот на СЈО за мерки притвор за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер и Кирил Божиновски. Како што изјавија тогаш за ДВ судски извори, откако расположението во кривичниот совет било 2 спрема 1 „за“ прифаќање на мерката притвор, (Тодоровски бил „за“ со уште една судијка), експресно стигнало барање од одбраната на осомничените тој да биде изземен од одлучувањето, со образложение дека „за него пред Судскиот совет е поведена постапка за разрешување од судската функција, на барање на Советот за утврдување на факти“. По изземањето на Тодоровски и негово заменување со нов член во кривичниот совет, гласањето завршило со отфрлање на барањето за мерки притвор за осомничените.
Тајната што не е тајна
Караџовски ги демантира медиумските наводидека веднаш по таа епизода како точка на дневниот ред 259. седница на Советот на Судскиот совет било вметнато и утврдувањето на одговорноста на Тодоровски.
„Ниту Тодоровски бил ставен на дневен ред, ниту му било спомнато името. Тие што ја знаат процедурата, знаат дека нема ад-хок расправа и одлука. Тоа се фази. Доколку Советот за утврдување на факти оцени дека има основа за утврдување на одговорност за одреден судија, по претходно спроведена постапка (сослушување на судијата, негово право на адвокат, на одговор, доставување докази...) тогаш барањето го доставува до Судскиот совет. И тоа барање не се става веднаш на дневен ред“, објаснува претседателот на Судскиот совет.
Според процедурата, прво се одредува судија известител, кој подготвува извештај дали барањето е навремено, дозволено и целосно. Ако тие услови се исполнети, потоа судијата се повикува на распит.
„Може тоа да биде тоа на јавна седница, но не мора, а судијата има право на адвокат и на доставување на докази. Потоа на седница се одлучува дали ќе се прифати или запре постапката за утврдување одговорност за судијата. Доколку има основа за негово разрешување, се подготвува писмено решение, а судијата има право на жалба до жалбен совет на Врховниот суд“, потенцира Караџовски.
Тој вели дека е спротивно на законот да зборува за конкретни имиња на судии за кои Советот за утврдување на факти утврдил дека има основа за барање одговорност, односно за нивно разрешување. Единствено потврдува дека „во Судскиот совет има 5-6 барања за разрешувања на судии заради нестручно и несовесно работење“. Но и покрај тајноста на постапките според законот, до денес останаа неодговорени прашањата: Како одбраната на осомничените во „Титаник“ дознала дека за Тодоровски е поведена постапка пред Судскиот совет, и како одбраната дознала кои судии ќе решаваат за предметот „Титаник“, штом побарала Тодоровски да биде изземен?
„Титаник“ беше капиталниот предмет на СЈО што ги истражуваше изборните измами, во кои е осомничен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и неговите најблиски соработници, заради составување на избирачки список по волја на интересите на партијата, за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по ниедна основа не смеат да бидат таму.
Опструкции на реформите
Поради сомнежи и докази за двојните аршини во судско-обвинителскиот систем, деновиве парламентот расправа за барањето на разрешување на Републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски. Тој пред пратениците во Собранието образложи дека добро ја вршел работата, дека неговото разрешување нема да биде никаква реформа и дека тој немал никаква врска со политика.
„Во предлогот се наведува дека незаконито и нестручно сум ја извршувал функцијата и дека со неповедувањето на кривични постапки сум до довел во прашање угледот на функцијата. Ништо од ова не е точно. Дека тоа е така, потврдува и предлогот каде што нема ниту една точка каде што се објаснува како и кога нестручно сум ја извршувал функцијата (...) И Советот на јавни обвинители не кажа ни зошто ни како ни врз основа на што дал позитивно мислење на барањето на Владата за мое разрешување“, рече Зврлевски.
Петре Шилегов од СДСМ реплицираше дека неспособноста на јавниот обвинител не е само политичка констатација и квалификација од страна на нивната партија, туку дека е констатација која државата ја добивала во скоро сите извештаи на Европската комисија, ОБСЕ и Стејт департментот.
„За жал, Јавното обвинителство заедно со дел од судството претставуваа, и сѐ уште во сегменти претставуваат дел од криминалната спрега која раководеше со институциите на нашата држава. Дали тоа некој го направил свесно или несвесно, не можеме и не смееме да даваме оправдување“, рече Шилегов, додавајќи дека Зврлевски е човек кој не успеа да ја одбрани Македонија од криминалците, кој служел на криминалците и ја изместил позицијата на ЈО од орган кој раководи со истрагата - до послушник на МВРО-ВМРО.
Според аналитичари со кои разговараше ДВ, обидот за реформи во правосудството ќе биде најтешкиот предизвик, бидејќи на површина веќе излегуваат сите подземни и надземни обиди за опструкција на тој процес, но и индивидуални обиди за брзо „престројување“, само со цел да се избегне одговорноста за претходните спреги со извршната и законодавната власт, што исто така може да негативно да се одрази на планираните реформи.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.