1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Карлова награда за папата Франциско

Бернд Ригерт/ Ж.А.6 мај 2016

Постојат многу награди, но Карловата важи за „ексклузивна“. Денеска му беше врачена на папата Франциско во Ватикан. Зошто токму нему?

Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Карловата награда, почнувајќи од1950. година ја доделува едно здружение од Ахен. Досегашни добитници на наградата се бројни водечки европски политичари, германски канцелари, американски претседател, народот на Луксембург, еврото и еден папа. Посебна Карлова награда за улогата во соборувањето на комунистичките режими во Источна Европа во 2004. година доби тогаш тешко заболениот папа Јован Павле Втори. Меѓународната Карлова награда на градот Ахен ужива голем углед зашто е најстарата германска награда за европска политика и зашто секоја година собира круг проминентни политичари и општественици.

Статуа на Карло ВеликиФотографија: picture alliance/R. Goldmann

Втемелувач

Ахенскиот трговец со текстил Курт Фајфер, еден од првите градоначалници на Ахен по Втората свтеска војна, развил идеја за доделување награда за европско обединување. Тој основал друштво и за својот проект придобил голем број ахенски политичари. Британските окупациони сили не биле претерано одушевени, зашто Фајфер и некои негови соработници биле бивши членови на Хитлеровата Национал-социјалистичка работничка партија. Благодарение на угледните добитници, Карловата награда брзо привлекла внимание кај јавноста.

Името

За втемелувачите на наградата, средновековниот цар Карло Велики бил татко на европското обединување. Иако користел и сила, во крвавите војни - меѓу другото и против паганската Саксонија - Карло создал големо царство со ефикасна управа, кое се простирало на голем дел од Западна Европа. Тој создал некој вид европски идентитет. Ахен бил седиште на царството. Се‘ до 16. век, тој бил град во кој биле крунисувани германските кралеви. Трговецот Фајфер затоа наградата ја нарекол по него, сакал да изгради мост меѓу минатото и иднината.

Избор

Добитникот на наградите зад затворени врати го избираат 17 членови на Друштвото на Карловата награда. Ним им се доставуваат писмени предлози за кандидати. По кои критериуми се избира добитникот и какви дебати се водат, не е познато. Документите околу тоа се држат во тајност најмалку 30 години. Левоориентираните партии во ахенскиот Градски совет постојано критикуваат што наградата по правило ја добиваат конзервативни политичари. Социјалдемократските канцелари Вили Брант и Хелмут Шмит не ја добија, додека сите демохристијански канцелари, вклучувајќи ја и Ангела Меркел, се почестени со наградата. За време на доделувањето на наградата се случуваа и демонстрации пред ахенското собрание, на пример против наградувањето на Хенри Кисинџер, кој како американски министер за надворешни работи сносеше вина за Виетнамската војна.

Папата во посета на Лезбос, од каде се врати со 12 бегалциФотографија: Getty Images/AFP/F. Monteforte

Годинешниот добитник на наградата

Папата Франциско е добитник на Карловата награда за 2016 година поради својот, како што наведува Советот за доделување на наградата, „исклучителен авторитет кој истовремено не‘ опоменува и како посредник не‘ потсетува дека Европа има задача и обврска да продолжи да работи на остварување на идеалите на своите втемелувачи во изградбата на мир и слобода, право и демократија, солидарност и зачувување на интегритетот.“ Во својот говор во Европскиот парламент, папата предупреди- ЕУ е заспана. Франциско со зборови и со дела ја критикува немилосрдната европска бегалска политика на Европејците. Тој ги посети бегалците на Лампедуза во 2013. година, а неодамна и на Лезбос, кога дванаесет од нив поведе со себе во Ватикан.

„Тој е оној кој деновиве повикува на зачувување на Европа, кој пред Европскиот парламент одржа импресивен говор, порачувајќи им на Европејците да ги сочуваат своите вредности и да не потонат во национализам, оној кој на Европа и‘ упати тешки по важност зборови во време на бегалската криза. Сметам дека е тоа причината да му се додели Карловата награда“, вели за Дојче веле Армин Лашет, кој беше пратеник во Европарламентот и министер за интеграции во покраината Северна Рајна Вестфалија. Ахенскиот политичар е член на Ахенското друштво за доделување на признанието. Лашет, инаку католички верник, истакнува дека папата на многумина Европејци mоже да им служи за пример како прв „гlобален папа“. „Мојот впечаток е дека тој далеку ги надминува конфесионалните граници и оти на многумина, токму во овие денови, им е потребен таков морален авторитет. Затоа сум убеден - Карловата награда дополнително ќе ја потенцира важноста на неговата порака.“

Во Рим

Со оглед што папата сакаше да ја прими наградата, но немаше време на дојде во Ахен, Советот за доделување на наградата од Ахен отиде во Ватикан, заедно со бројни проминентни Европејци, меѓу кои претседателот на ЕП- Мартин Шулц, претседателот на ЕК- Жан Клод Јункер и претседателот на Европскиот совет - Доналд Туск.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми