1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Карло Котарели треба да ја извади Италија од криза

ЖА / агенции
28 мај 2018

Италијанскиот претседател Серџо Матарела му додели мандат на поранешниот директор во ММФ, Карло Котарели, за формирање преодна влада, а наскоро се можни и нови избори.

Italien Treffen Carlo Cottarelli mit Präsident Sergio Mattarella
Фотографија: Reuters/Italian Presidential Press Office

Економскиот експерт Карло Котарели доби налог од италијанскиот претседател Серџо Матарела за формирање техничка, експертска влада, која би ја предводела земјата до нови избори. Ако добие доверба од Парламентот, ќе предложи буџет и на почетокот на 2019 година може да се одржат нови парламентарни избори. Доколку не добие парламентарна доверба, тој ќе инсистира на итни нови избори, тие може да се организираат уште во август, изјави Котарели денеска во Рим.

Претходно пропадна обидот за формирање нова влада од страна на еврокритичката алијанса составена од движењето Пет ѕвезди и деснопопулистичката партија Лега. Претседателот Матарела одби назначување на критичарот на еврото и на Германија, Паоло Савона за министер за финансии. Движењето Пет ѕвезди и Лега најавија спротиставување на избор на техничка влада. Шефот на Лега, Матео Салвини, за разлика од Лега, се изјасни против покренување импичмент за Матарела, а двете партии размислуваат околу заеднички настап на евентуалните нови избори.

Повеќе:

Неуспех на популистите во Италија

Популистите за првпат владеат со една голема ЕУ-држава

Котарели, кој е роден во 1954. година, од 2008. до 2013. година беше директор во ММФ, а во владата на премиерот Енрико Лета извршуваше задача „комесар за штедење“.

Италијанскиот претседател со својот потег се надева да ги стабилизира разбрануваните финансиски пазари и да ја врати довербата во Италија. Но, неговата намера не е без ризик, со оглед што Лега и Пет ѕвезди располагаат со мнозинство во Парламентот и планираат да гласаат против Котарели.

Партнерските држави од ЕУ пак се полни со надеж во проевропски развој во Италија. „Отсекогаш можевме да се потпреме на Италија како на одговорна членка со која имавме тесна и доверлива соработка. Се надеваме на што поскоро создавање стабилна проевропска влада“, изјави германскиот европски министер Михаел Рот на маргините на ЕУ-средба во Брисел.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми