Карневалистите им се потсмеваат на Меркел, Шулц и Трамп
ЕМФ /агенции
12 февруари 2018
Стотици илјади карневалисти во Рајнската област денеска ги „зедоа на заб“ политичарите и со многу хумор и сатира ги критикуваат за (не)постигнатото.
Реклама
Карневалот во Рајнската област денеска, на Розенмонтаг, го доживува својот врв. Стотици илјади карневалисти во Келн, Диселдорф и Мајнц со извиците „Алаф“ и „Хелау“ ги поздравуваат карневалските поворки, кои секогаш на мета ги имаат политичарите.
И овојпат омилена цел за критика и потсмев е американскиот претседател Доналд Трамп: во Келн дел од поворката е карневалската кола со Трамп како валјак кој ја тапка Америка, во Диселдорф врз него е качена руската афера претставена во облик на дебела мечка, а во Мајнц тој со палка за голф со сета сила удира во Договорот за климата.
Германската канцеларка Ангела Меркел на карневалот во Диселдорф е претставена како пајак „црна вдовица“ под кој има коски и черепи на одамна избледените политички величини во земјата, како некогашниот СПД-кандидат за канцелар Пер Штајнбрик и нејзиниот интерен противник од ЦСУ, Едмунд Штојбер. Во Мајнц, пак, канцеларката е претставена како желка која со главата клима во сите насоки. Кон тоа е додаден текстот: „Ако се заканува непријатност и неволја, таа едноставно си ја вовлекува главата навнатре.“
Дел од карневалските поворки се и колите со фигури на севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун, кој во поза од филмот „Dirty Dancing“ танцува со нуклеарна ракета, потоа британската премиерка Тереза Меј, како и францускиот претседател Емануел Макрон, кој облечен како Наполеон повикува да се тргне напред, а притоа се вози со стар спачек. Пораката гласи: попусто сите големи пози, ако возилото (француската економија) не оди како што треба.
Сепак, најтажната фигура на карневалот годинава е лидерот на германската СПД, Мартин Шулц. Во Диселдорф самиот се „меле“ во машина за месо, а во Мајнц е прикажан како муниција која експлодира предвреме и претставува опасност за оние кои се во непосредна близина.
Инаку, во карневалската поворка во Диселдорф учествуваат околу 6 илјади луѓе, а низ улиците се движат околу 100 карневалски коли. Во Келн, пак, според податоците на раководството на карневалот, во поворката има дури 11 илјади луѓе, а поворката овојпат е долга 7,5 километри.
Освен политичките пораки и укажувањето на аномалиите во општеството и годинава на карневалот во Рајнската област на насобраните луѓе кои ги следат поворките ќе им бидат поделени стотици тони слатки. Само колите во поворката во Келн се натоварени со над 300 тони слатки, од кои 700.000 чоколада, 220.000 бонбониери и 300.000 букети со цвеќе.
Од Рио па до Рајна: Kарневали ширум светот
„Петтото годишно доба“ се ближи кон својот врв, карневалските поворки се веќе почнати или се подготвуваат, луѓето се костимираат, излегуваат на улиците и слават... до изнемоштеност!
Фотографија: Reuters
Рио де Жанеиро, Бразил
Многу разголени тела, штрас и самба - тоа се состојките на најпознатиот светски карневал. Речиси 90.000 гледачи седат шест вечери на трибините и ја следат парадата на карневалските школи за самба. Потоа се продолжува со славје - на улиците, во кафеаните, а и приватно.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Citypress24
Мајнц, Германија
Во Германија е обичај во карневалскиот четврток жените да се нафрлат на мажите, да им ги сечат вратоврските и да ги бакнуваат (главно во образ). Уличниот карневал во градовите по течението на Рајна е шарен, весел, опуштен. Во поворките во карневалскиот понеделник сѐ станува политизирано - низ градовите проаѓаат карневалски возила со сатирични мотиви. А во т.н. Среда пепелница сѐ се смирува.
Фотографија: picture alliance/dpa/A. Arnold
Венеција, Италија
Првпат овој фестивал на скапоцени маски се споменува во 1286. година. Дали во карневалски поворки или на различни маскенбали во палатите на Венеција, секој може под маската, инкогнито, да се препушти на трансот.
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Seckin
Базел, Швајцарија
Граѓаните на Базел за време на карневалот излегуваат на улици со историски маски, труби и пиколо-флаути. Сѐ трае 72 часа - од понеделник во четири часот утрото, па до четврток.
Ова е карневал со бројни фолклорни обележја. Во Мохач, во јужна Унгарија, со векови е обичај зимата да се „истерува“ со помош на дрвени маски и костими од овча кожа. Од 2009. година Мохачкиот карневал е дел од Културното наследство на УНЕСКО.
Фотографија: picture-alliance/dpa/MTI/T. Soki
Оруро, Боливија
Овој карневал се одржува таму каде потешко се дише: провинцискиот град Оруро се наоѓа на надморска височина од 3700 метри. Рачно изработените маски и традиционалните костими се заштитен знак на поворката која се движи низ градските улици цели три дена, а обично симболички ја претставува борбата меѓу доброто и злото.
„Мрсен вторник“ е кулминација на карневалот во Њу Орлеанс. Посебно во францускиот кварт, каде се слави под оригиналното француско име „Марди грас“. Дречливите шарени костими и џез-музиката се главни обележја на поворката.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Anderson
Порт оф спејн, Тринидад и Тобаго
Лесна е претпоставката дека на карневалот во земјите на Карипскиот архипелаг се гледа доста голотија, се пие многу рум и се слуша многу калипсо.
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/A. De Silva
Квебек, Канада
Карневал на минус 30 степени! Тука помага единствено „карибу“, односно мешавина од бренди, вотка, шери и вино. „Карибу“ како традиционален пијалок спаѓа во заштитните знаци на карневалот во Квебек, а неговата постојана маскота е фигурата од снег Боном Карнавал. На овој карневал се одржуваат и разни спортски натпревари во снег.
Фотографија: picture-alliance/empics/J. Boissinot
Боноа, Брегот на Слоновата Коска
Карневал во Африка? Да, секоја година во април десетици илјади луѓе пристигнуваат во малиот град Боноа на јужниот дел од Брегот на Слоновата Коска за да слават „Попо-карневал“, односно „Карневал под маски“. Во него учествуваат и хомосексуалци, иако хомосексуалноста инаку е табу-тема.