1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каталонија: Гласање како фарса

Карлос Делгадо Превод Жана Ацеска10 ноември 2014

Вчера каталонските сепаратисти ја навредија демократијата. Сега, по завршувањето на оваа тажна претстава, време е повторно да се дозволи да управува разумот, смета Карлос Делгадо.

Фотографија: picture-alliance/dpa/Toni Albir

Замислата беше - да се констатира желбата на Каталонците. Барем така иницијаторите на проектот за отцепување го аргументираа вчерашниот (09.11.2014) алтернативен референдум, „9-Н“. Она што требаше да биде тренирање слобода на мислењето, се покажа како флеш-моб (манифестација на која во одреден момент со одредена цел се собираат група луѓе, изведуваат необичен и наизглед бесмислен перформанс и потоа се разотидуваат, н.з. ), оркестриран од сеператистите, колективна театарска претстава во која сите се правеа дека гласаат. Народното изјаснување, кое претходно беше суспендирано од Уставниот суд, загуби секаква демократска легитимност. Непостоењето никакви правни гаранции, како и изборните листи во кои можеа сите да се регистрираат и да гласаат два, трипати или колку сакаат, покажува дека ова гласање не ги исполни ни основните услови за да може да се смета за репрезентативен резултат, уште повеќе што мнозинството Каталонци, кои се придржуваа на законот, меѓу кои мнозинството ненационалисти, воопшто не ни излегоа на изјаснување.

Нема играње со гласање

Но, она што се чини како шега, во суштина не е тоа. Излегувањето на гласање, очигледно е столбот на секоја демократија. Оној кој од него прави пантомима, ја фалсификува и самата демократија. Ревноста на претседателот на североисточната шпанска провинција Каталонија, Артур Мас и каталонските националисти, да спроведат референдум наспроти сите закони на демократското уредување, се покажа како голема грешка, која му наштети на угледот на Каталонија и на цела Шпанија.

Карлос ДелгадоФотографија: privat

На заговорниците на независноста одамна им беше јасно дека „9-Н“ веќе не е референдумско изјаснување, туку акт на милитантност во војна на сликите. Дали шпанската држава би се решила насилно да го спречи „големиот демократски собир“ во Каталонија? Координаторот на сепаратистичката платформа Хоан Риљол неодамна предупреди во интервју за шпанскиот весник „Ел Паис“: „Знаете дека против вас може да бидат употребени сите средства, ако лакот биде презатегнат. Полицаец кој конфискува гласачка кутија би претставувал мизерна слика“. Државата, на крајот, не учествуваше во оваа игра. Никој не постапи неразумно, не долеа масло во огнот, флеш-мобот се растури и сите се разотидоа дома.

И сега?

Не 9, туку 10 ноември е денот на кој треба да се почне да се поставува каталонското прашање, во светлина на разумот. Сега, откако сеператистите го изиграа својот спектакл, а владата на Рахој не претрпе никаква штета на имиџот, дојде моментот мирно да се дејствува. Премиерот Мариано Рахој веќе изрази желба за разговор со претседателот на провинцијата Каталонија. Мас од своја страна најави намера да испрати писмо до Рахој и повторно да го придвижи замрзнатиот политички дијалог. Ако двајцата не се забарикадираат на своите позиции, можат да ги сондираат можностите, како на пример уставна реформа, која би тендирала кон федерален модел и реформа на автономијата на Каталонија.

Писмото на Мас до Рахој меѓутоа може повторно да го содржи истото: барање за обврзувачки референдум за независност. Мас не треба да ја повтори истата грешка и по којзнае кој пат со државата да преговара за максималистички барања. На една држава не може да и‘ се рече: или се‘ или ништо. Зашто, одговорот тогаш гласи: ништо.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми