Каталонија го откажа референдумот
14 октомври 2014Каталонија се откажа од планот да одржи референдум за независност од Шпанија следниот месец, но наместо тоа ќе одржи „консултација со граѓаните“, најави претседателот на регионот Артур Мас (на фотографијата).
Шпанската влада минатиот месец побара од Уставниот суд да го прогласи планираниот референдум за нелегален бидејќи го нарушува Уставот. Судот го суспендираше гласањето сѐ додека не одлучи за случајот, што може да потрае и со години.
Каталонскиот претседател Мас најави дека планираното изјаснување на граѓаните сепак ќе се одржи на 9 ноември, но тоа ќе биде во рамките на законот.
„Ќе има гласачки ливчиња и гласачки кутии. Не можеме да го спроведеме декретот за одржување на референдумот, но ќе биде можно да се гласа“, изјави Мас на прес-конференција во Барселона.
Каталонија е најбогатиот шпански регион на североистокот на земјата, со сопствен јазик и култура. Движењето за независност во регионот има долга традиција, а особено се засили во последната деценија, во добар дел и поради економската криза која ја зафати Шпанија и одбивањето на властите во Мадрид да му дадат поголема автономија на регионот, особено во делот на даноците.
Шпанскиот премиер Мариjано Рахој ја поздрави одлуката на каталонските власти и повика на дијалог. „Фактот дека референдумот нема да се одржи е одлична вест. Потребно ни е сега да започнеме дијалог, да разговараме. Многумина од нас сакаат да живееме заедно затоа што сме сториле толку многу нешта заедно“.
Анкетите покажуваат дека мнозинството Каталонци го поддржуваат референдумот, но се поделени по прашањето на независноста.