1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сега е важно да се зачува мирот

СБ/сн/со/во/ен28 септември 2015

Каталонските политичари се задоволни и порачуваат оти победата на сепаратистите на регионалните парламентарни избори е „историска“. Некои веќе повикуваат на цивилна непослушност. Но, нема да има едноставни решенија...

Фотографија: Getty Images/D. Ramos

Интернет изданието Шпигел онлајн пишува: „Леворадикалната партија ЦУП ја искористи победата на сепаратистите и уште во текот на ноќта ги повика граѓаните на цивилна непослушност. Резултатот од изборите јасно ја покажа суверноста на Каталонија, рече шефот на ЦУП Антонио Банос во Барселона. Од утре, Каталонците би требало да престанат да ги почитуваат законите- денес е родена Републиката, рече Банос […] Конзервативната Народна партија (ПП) која е на власт во Мадрид, веднаш ја оспори победата на симпатизерите за независност. И натаму ќе ја браниме сувереноста на Шпанија, додаде портпаролот на партијата Пабло Касадо.“

„Шпанскиот премиер Рахој се’ уште не се огласи“, потсетува Цајт онлајн: „Секој груб гест кој би можел да го упати во насока на Каталонија, би создал уште поголема одбивност. Во Велика Британија, премиерот Дејвид Камерон прашањето за шкотската независност го реши доста елегантно: ги пушти Шкотите легално да одлучат за својата судбина- и сепаратистите загубија. Меѓутоа, во Каталонија расположението е малку поинакво. Многумина зборуваат за жестоките дискусии во семејствата, или за тоа, како кога патуваат низ Шпанија, ги подбуцнуваат сограѓаните со зајадливи забелешки. Останатите во Шпанија се веќе многу иритирани од горделивоста на Каталонците.“

Фотографија: Reuters/S. Perez

„Каталонија и Шпанија и по 27. септември остануваат меѓусебно зависни. На Каталонците ќе им биде потребен благослов од Мадрид за спроведување на плановите за создавање држава. Шпанија, од друга страна, не сака да го загуби својот најсилен економски регион. Со оглед на компликуваната ситуација во која важна улога играат и емоциите, за двете страни би било најдобро сега меѓусебно да разговараат и тоа без закани и воинствени гестови. Но, поверојатно е дека сега ќе дојде до долго натегање- при што Рахој нема да сака своите конзервативни симпатизери во цела Шпанија да ги разлути со преблагиот став кон Каталонците.“

„Порталот Јуроњуз по повод изборите во Каталонија објави текст со наслов „Мадриѓаните не се импресионирани“: „Загубата на најсилниот економски регион на североистокот на Шпанија би имал несогледливи политички и економски последици за Шпанија. Луѓето на улиците имаат поделени мислења. Една жена вели дека е против отцепување, едно момче смета оти работите мораат да се променат: Не знам дали тоа баш мора да биде независност, но односите меѓу двете страни би требало да се променат. Но, не верувам во отцепување на Каталонија. Веќе со месеци помеѓу Каталонија и владата во Мадрид постои клима на омраза- тоа ќе може да го променат дури идните генерации. А Карлос Марласка, репортерот на Јуроњуз од Мадрид, вели: привидниот мир кој владее во шпанскиот главен град, е во контраст со периодот на нестабилност кој сега би можел да започне.“

„Спорот околу тежнеењето на Каталонија за независност внесе раздор во шпанското царство. Јазот меѓу овој средоземен регион и остатокот од државата веќе со години се продлабочува. Заканувачкиот колапс на државното единство е најголем предизвик за шпанската демократија. Како можеше да дојде до ова? Во Европа која всушност сака соединување? Во ЕУ, која за првпат е во ситуација една нејзина држава-членка да може да се подели на две држави? Претераниот национализам, кој попречува да се согледаат вистинските општествени проблеми и ги храни каталонските партии кои бараат независност, секогаш има важна улога во ваквите конфликти. Но во овој случај постои и еден одлучувачки елемент: целосна неподготвеност за дијалог и дипломатија во Мадрид.“

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Morenatti

„Конзервативната влада со години се однесува кон Каталонците со непочитување. Дрвениот шеф на владата Рахој, кој сите барања на Каталонците за поголемо признание, поголема надлежност и самоуправа ги отфрлаше со само едно ладно ’не’ придонесе до разгорување на оваа криза. Рахој дури го стави надвор од сила и каталонскиот регионален устав, кој го одобри шпанскиот парламент. Тоа беше капката која ја прели чашата. Конфликтите за независност се решаваат поинаку, како што тоа беше примерот со Шкотска или со канадски Квебек. Таму граѓаните имаа право кое на Каталонците им е ускратено: сосема легално да гласаат за независност. Во двата случаја, мнозинството беше против отцепување.“

Каталонците во срцето не се фанатици, туку пријатни луѓе, како што тоа го знаат милиони туристи. Во случај на отцепување, за туристите нема многу да се промени- тие годишните одмори не би ги поминувале во Шпанија, туку во Република Каталонија.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми