Каталонија: „Шкотскиот пример инспирира“
14 септември 2014Дојче веле: Стотици илјади луѓе излегоа на улиците во Барселона за да побараат референдум за независност на Каталонија. Дали „Движењето за независност на Каталонија“ е под влијание на можното отцепување на Шкотска од Велика Британија?
Клаус-Јирген Нагел: „Со сигурност. Шкотскиот пример ги охрабрува Каталонците. Британската влада го дозволи одржувањето на референдумот за незавинсност на Шкотска на 18 септември. Тоа е она што мнозинството тука го бара од шпанската влада, но таа го отфрли тоа“.
Дојче веле: Значи, не би се одржал референдум во Каталонија како оној во Шкотска?
Клаус-Јирген Нагел: „Барем не изгледа така. Шпанската влада, како и опозицијата и долниот дом на Парламентот во Мадрид ги отфрлија сите барања во оваа насока“.
Дојче веле: И покрај тоа многумина се надеваат на независност?
Клаус-Јирген Нагел: „Да, и мнозинството од населението го поддржува тоа. И владата во Каталонија одлучи да одржи референдум на деветти ноември годинава, и покрај противењето на Мадрид. Од правна гледна точка, тоа ќе биде необврзувачки референдум. Но, прашањето сега е дали шпанската влада ќе го забрани гласањето, како што се закани“.
Дојче веле: Ако мнозинството од гласачите се одлучат за независност, дали од референдумот, и покрај тоа што е необврзувачки, би имало некакви последици?
Клаус-Јирген Нагел: „Со сигурност. Кога во демократијата мнозинството го дава гласот и го прави тоа на сериозен начин, тогаш е тешко да не се земат предвид таквите гледишта на луѓето. Во случајот со Шкотска, дури и одлука со мала разлика против независноста ќе доведе до ширење на шкотската автономија“.
Дојче веле: Дали во Барселона се одвива дискусија за можните негативни ефекти од независноста, како што се прави во Единбург?
Клаус-Јирген Нагел: „Да. Има тешки дискусии, како меѓу аналитичарите, така и меѓу политичките партии и советодавното тело формирано од страна на каталонската влада. Досега имаше осум извештаи за различни прашања што беа побарани од парламентот во Каталонија. Шкотската ситуација дефинитивно е поинаква. Таму има складирани нуклеарни оружја. Но, посебно економските последици се и тука дискутирани“.
Дојче веле: Какви економски последици очекуваат експертите?
Клаус-Јирген Нагел: „Сценаријата вклучуваат се’ - од рај до пекол, во зависност од тоа на која организација за креирање на јавното мислење и’ верувате. Мнозинството од аналитичарите се согласуваат дека нема нешто многу да се промени. Независна Каталонија може да преживее сама од себе. Но, се работи за тоа како да се спроведат преговорите за независност со Мадрид и како Европската унија би се позиционирала себеси“.
Дојче веле: Ако Шкотланѓаните се одлучат за независност, што мислите дека би се случило со Каталонија?
Клаус-Јирген Нагел: „Тоа очигледно дека ќе им даде поттик на оние кои се борат за референдум и за независност од Шпанија. Но, секој таму знае и дека независноста нема да се појави преку ноќ. Шкотска ќе се соочи со преговарачки процес кој ќе продолжи и во 2016 година. Има многу теми за дискусија - што ќе се случи со валутата, со националниот долг, со меѓународните договори, со членството во ЕУ и така натаму. Обемни преговори се неопходни и за Каталонија“.
Клаус-Јирген Нагел е професор по политички науки на Универзитеот „Помпеу Фабре“ во Барселона.