Каталонската регионална влада наскоро планира да прогласи независност од Шпанија. Притоа, меѓутоа, нема да може да се повика ниту на меѓународното ниту на европското право.
Реклама
Правото на народите на самоопределување е важен принцип на меѓународното право, но исто така е и заштитата на територијалниот интегритет на една земја. На првиот принцип се повикува каталонското движење за независност, на вториот шпанската влада. Меѓутоа со меѓународното право не е предвидено правото на сецесија, освен ако во тоа се согласни двете страни, што во Каталонија очигледно не е случај.
Создавањето на нови држави не е секогаш проблематично. Кога Чесите и Словаците се раздвоија во 1992 година, тоа беше извршено со согласност на двете страни. Кога во педесеттите и во шеесеттите години од минатиот век народите во Африка прогласуваа независност, колонијалните сили делумно пружаа отпор, но правото на народите на самоопределување беше водечки принцип во Обединетите нации.
Штефан Талмон, професор по меѓународно право од Бон, смета дека Каталонците не можат да се повикаат на тоа: „Правото на народот за самоопределување предвидува дека постои еден народ кој може да се повика на тоа право. Дел од народот во рамките на национална држава, дури и да има определен идентитет, во меѓународно-правна смисла не е народ, кој може да се повика на правото на самоопределување“, објаснува Талмон во разговор за ДВ.
Тоа не би можеле да го направат ниту баварците, доколку еден ден одлучат да се отцепат од СР Германија. Исто како и косовските Албанци, тие не важат за народ во меѓународно-правна смисла. Косово независност од Србија прогласи во 2008 година, но меѓународно-правниот статус сѐ уште не е разјаснет. Србија на Косово и натаму гледа како на дел од сопствената територија. Меѓународниот суд на правдата во 2010 година донесе заклучок дека прогласувањето на независноста на Косово не е прекршување на меѓународното право. Судот меѓутоа не го дефинираше прашањето на статусот и ја потврди резолуцијата 1244 на ОН, која го гарантира суверенитетот и територијалниот интегритет на Сојузна Република Југославија, чиј правен наследник е Србија.
Во случајот на Косово, меѓутоа, работите беа доведени пред свршен чин - во меѓувреме повеќе од половина од речиси 200 членки на Обединетите нации го имаат признато Косово како независна држава. Шпанија го нема направено тоа до денес, зашто токму владата во Мадрид стравува дека на примерот на најновата балканска сецесија можат да се повикаат Каталонија и некои други региони, кои се стремат кон независност.
Нема правни услови
Поинаков случај е Шкотска. Британската влада под раководство на Дејвид Камерон правно не беше принудена да го одобри референдумот за шкотска независност. Сепак, го одобри во 2014 години, со цел прашањето да биде политички разјаснето. Резултатот гласеше: 55 насто од граѓаните гласаа за останување на Шкотска во Обединетото Кралство. Според анкетите, и по одлуката за Брегзит - на која се противеше мнозинството Шкотланѓани - ова мислење не се промени значително. Прашањето за независност на Шкотска, се чини, засега е затворено.
А Каталонија? За тоа дека Каталонците и нивната култура денес се изложени на притисок, во споредба со времето на генералот Франко, не може да стане ниту збор. Каталонија има широка автономија. Штефан Талмон не гледа правна основа за каталонското движење за независност: „Ни во шпанското, ниту во меѓународното право нема правна основа за независност на Каталонија“.
Саине Рисел од берлинската Фондација за наука и политика, пак, вели: „Каталонските сепаратисти сакаат својот регион да го прогласат за независен. Уставно-правно тоа не можат да го сторат, тоа е во спротивност со меѓународното право, со оглед дека имаат автономија“. Доколку сепаратистите би успеале да се отцепат, последиците би биле несогледливи. „Доколку договорите кои ги склопиле државите ги доведеме во прашање, тогаш ќе имаме нови судири, а можеби и повторно војна во Европа“.
Постоечките држави не сакаат промени
Не само меѓународното, туку и европското право го штити статус-квото. Во членот 4 од Договорот за Европската унија стои дека државите водат сметка за „својот национален идентитет, кој е изразен во основните политички и уставни структури, вклучувајќи ја регионалната и локалната самоуправа“, како и за „територијалниот интегритет“. Тоа значи дека отцепување е непожелно.
Кога е во прашање меѓународното право, Штефан Талмон додава: „За меѓународното право задолжени се постоечките држави. Затоа тоа во делот на територијалниот интегритет е многу отпорно на промени. Никој не си ја сече гранката на која седи“. Доколку државите би дозволиле отцепувања „поради субјективни чувства на идентитет“ на некои групи народи или области, за кратко време, уверен е Талмон, во светот веќе не би имало околу 200, туку 300 или 400 држави.
Каталонскиот министер за надворешни работи Раул Ромева меѓутоа верува дека ЕУ може „натамошно да се развива“, и оти таа е „прагматичен и динамичен проект, кој се прилагодува на реалноста“. Но во овој момент не е така. Претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер веќе предупреди: „Денот по отцепувањето Каталонија не би можела да биде членка на Европската Унија“.
Значи, би морала повторно да се кандидира за членство, за повторно да стекне право на користење на еврото и на пристап до европскиот пазар. А во случај на нова каталонска кандидатура доволно е само една од земјите членки да се спротивстави за пристапот кон ЕУ да биде спречен. А тоав во секој случајв би го сторила шпанската централна влада, а веројатно и други членки кои стравуваат од сепаратизам. Значи сепаратистите, ни правно, ниту политички немаат добри карти во рацете.
Историјата на каталонското движење за независност
Стремежот на Каталонците за независност има долга историја. А во текот на таа историја имало подеми и падови, засилување на автономното право и угнетување. Ова се некои од најзначајните случувања.
Фотографија: Reuters/A.Gea
Богато античко наследство
Каталонија рано ја населиле Фениќаните, а потоа Етрурците, па Грците. Грците ги населиле пред сѐ Росас и Ампуриас (на сликата). Римјаните продолжиле со изградба на населби и инфрастукура. Каталонија остана дел од Римското царство сѐ додека не ја освоија Визиготите во 507 година по Христос.
Фотографија: Caos30
Грофовства и самостојност
Во 711 година Каталонија ја освоија Арапите. Карло Велики го запре нивниот продор во 732 година кај Тур на Лоара, а веќе во 759 година северот на Каталонија стана повторно христијански. Во 1137 година каталонските грофовства влегоа во сојуз со кралството Арагон. Во 13. и почетокот на 14. век Арагонското кралство владее со западното Средоземје и ги освои Мајорка (на сликата) и Валенсија.
Фотографија: picture-alliance/Prisma Archiv
Автономија до војната за престоли
Во 13. век се создаваат институции на каталонска самоуправа, наречени „Generalidad de Catalunya". По обединувањето на земјите под круната на Арагон со кралството Кастиља во 1476 година, Арагон можеше да ги задржи своите автономни иституции сѐ до завршувањето на шпанската војна за престоли (1714 година) - со пауза за време на селската буна (на сликата) од 1640 до 1659 година.
Фотографија: picture-alliance/Prisma Archivo
Годишнина на еден пораз
Откако Барселона на 11 септември 1714 година ја освои бурбонскиот крал Филип V каталонските институции се распуштени и ѝ е ставен крај на самоуправата. Секој 11 септември Каталонците се потсетуваат на укинувањето на нивните автономни права (на сликата се демострациите од 2015 година во Барселона).
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gene
Федерални идеи и прва шпанска република
Откако абдицираше Амадео I на 10 фебруари 1873 година е прогласена првата Шпанска Република, која траела помалку од една година. Симпатизерите на републиката се неединствени. Едните сакаа централистичка република, другите федерален систем. Симпатизер на федерализмот бил и Франциско Пи и Марагал (на сликата), еден од петте претседатели на краткотрајната република.
Фотографија: picture-alliance/Prisma Archivo
Неуспешен обид во 19 век
Обидот Каталонија во Шпанската република да создаде сопствена држава дополнително го заостри конфликтот меѓу републиканците. Во 1874 година повторно е воспоставена монархија на чело со Алфонсо XII (на сликата) од династијата Бурбон.
Во периодот меѓу 1923 и 1930 година, генералот Примо де Ривера воспоставува во Шпанија диктатура, со помош на кралот Алфонсо XII, војската и свештенството. Каталонија станува центар на опозицијата и отпорот. Политичарот Франческ Масиа (на сликата) успева да избори за Каталонија важни автономни права по крајот на диктатурата.
Самоуправа во втората Шпанска Република
За време на втората Шпанска Република, каталонските пратеници го изработија Статусот на автономија од Нурија, кој во 1932 година го прифати и шпанскиот парламент. Франческ Масиа по изборите за каталонскиот парламент беше избран и за претседател на самоуправата на Каталонија. Победата на генералот Франко во шпанската граѓанска војна (1936-1939),меѓутоа значеше крај на втората Шпанска Република.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Крај на сите слободи под Франко
Режимот на Франко (1939-1975) за Каталонија значеше и укинување на демократските слободи: забрана на сите политички партии и прогон на нивните активисти, укинување на автономниот статус и потиснување на каталонскиот јазик и култура.
Фотографија: picture alliance/AP Photo
Повторно воспоставување на автономијата со нов статут
По првите слободни избори по падот на Франковата диктатура „Generalidad de Catalunya“, во 1977 година е привремено повторно воспоставена. Врз основа на шпанскиот демократски устав од 1978 година, Каталонија наредната година доби нов статус на автономија.
Жорди Пујол, долгогодишен претседател на владата на Каталонија
Првиот статус за автономија по времето на Франко ги признава самостојноста на Каталонија и каталонскиот како самостоен јазик. Во споредба со статусот од 1932, проширени се овластувањата на Каталонија во областа на образованието и културата, но се ограничени во областа на правосудството, финансиската управа и јавниот поредок. Жорди Пујол беше претседател на каталонската влада од 1980 до 2013 год.
Фотографија: Jose Gayarre
Јакнење на самосвеста
Стремежот на Каталонците за независност повторно се засили во последниве години. Во 2006 Каталонија доби нов статус на автономија со проширени овластувања. Но, по тужбата на конзервативаната партија ПП, шпанскиот Уставен суд ги укина проширените овластувања.
Фотографија: Reuters/A.Gea
Прв обид за референдум
Референдум за незвависност на Каталонија беше предвиден за 9 ноември 2014 година. Неговото прво прашање гласеше: „Сакате ли Каталонија да биде држава?“ Кој ќе се изјаснеше „За“ требаше потоа да одговори на прашањето „Сакате ли таа држава да биде независна?“. Но, Уставниот суд го стави гласањето надвор од сила.
Фотографија: Reuters/G. Nacarino
Двобој на двајца премиери
Од јануари 2016 година Карлес Пуџдемон е претседател на каталонската влада. Тој го продолжува националистичкиот курс на својот претходник Артур Мас и и покрај сите напори и полициско насилство на 1 октомври 2017 година го спроведе референдумот за независност, кој шпанскиот премиер Маријано Рахој го отфрла како противуставен.