1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катарина Вит: најубавото лице на социјализмот

Штефани Хилер30 јануари 2009

Светската првенка во уметничко лизгање, Катарина Вит, прво беше блескав симбол на престижот на ГДР – подоцна стана и првата светски позната спортска ѕвезда од обединета Германија.

Светската првенка во уметничко лизгање, Катарина Вит
Живот меѓу обврска и избор: Катарина ВитФотографија: AP

„Секое пладне, со другарките брзав од градинка кон салата за уметничко лизгање и знаев дека сум создадена за тоа: да лизгам и да скокам и луѓето да ме гледаат. Тоа го сакам и тоа го можам - сосема сум сигурна во тоа“, пишува Катарина Вит во нејзината автобиографија. „Годините што ги поминав меѓу чувството на обврска и славата“, објавена во 1994 година.

Лизгањето и скоковите, со кои и’ го одземаше здивот на публиката, беа нејзини адути на мразот. Во 2008 година, таа како најуспешна натпреварувачка во уметничко лизгање на светот, засекогаш го напушти лизгалиштето што за неа беше се’ и ја заврши блескавата и понекогаш оспорувана кариера, што ја почна во 1970 година во спортскиот клуб во градот Карл-Маркс-Штат.

Со игра до успех

Принцезата во уметничко лизгање со нејзиниот тренер Јута МилерФотографија: AP

Уште во првата година откако врвниот тренер Јута Милер ја зеде во свои раце, Катарина Вит, тогаш одвај 11-годишното девојче, ги освои првите златни медали на Спартакијадата за деца и младинци во 1976 година. Малата Кати беше типична спортистка од ГДР: таа беше членка на Организацијата на социјалистичката младина (ФДЈ), куќата на нејзините родители беше просечна, таа не одеше во редовно училиште, туку добиваше индивидуална настава и тренираше, тренираше, тренираше...

Нејзиниот талент и харизма, во комбинација со трудољубивоста и амбициите, бргу ја доведоа до победничкиот пиедестал. Најпрво на националните првенства (од 1981 до 1988 година таа беше првенка на ГДР), а потоа и на меѓународните натпревари: од 1983 година таа шестпати по ред беше европска првенка, во 1984 година го освои златниот медал на Олимписките игри во Сараево, а истата година по првпат, од вкупно четири пати, стана и светска првенка.

Социјализам, капитализам, социјализам, капитализам

Катарина Вит на Олимписките игри во 1988 годинаФотографија: AP

На Олимписките игри во Калгари во 1988 година „убавата ќерка на Маркс“ стана се’германски спортски идол, почитуван на истокот и на западот од Германија. Таа го урна Берлинскиот ѕид во главите на Германците, во најмала рака кај оние што го обожуваа спортот. Но, границите меѓу општествените системи останаа и понатаму. Катарина Вит се присеќава и ја коментира борбата за златен медал против Американката Деби Томас: „Апсолутна класна борба. Истото чувство преовладуваше и кај Американците и кај нас. Тоа беше битка меѓу општествените системи“.

Во тоа време, излетите во капитализмот веќе со години беа дел од животот на Катарина Вит, како и слободното патување поради спортските активности. Откако го достигна врвот на кариерата во Калгари во 1988 година, Катарина Вит се прости од кариерата во спортот, односно од уметничкото лизгање, и ги постави темелите за кариерата во шоу-бизнисот. Од ноември 1988 до март 1989 година, таа учествуваше во американското шоу со уметничко лизгање „Холидеј он ајс“, што беше сензација во времето на ГДР. Со тоа навлезе уште еден чекор подлабоко во „циркусот на славните“, на кој неизбежно му припаѓаше по падот на Берлинскиот ѕид.

Од најубавото лице на социјализмот до „коза на владејачката партија“

ГДР со години се китеше со нејзините спортски достигнувања. И не само тоа, балерината на мраз дома носеше и девизи. Осумдесет проценти од нејзините приходи од настапите завршија во државната каса на ГДР. Од друга страна, Катарина Вит, како миленичка на функционерите, имаше и привилегии, на пример, автомобил или машина за миење садови, поради што по мирната револуција мораше да се соочи со критики од нејзините сонародници.

Поранешната светската првенка во уметничко лизгање, Катарина Вит во 2006Фотографија: AP

Независно од тоа на Катарина Вит и’ претстоеја тешки времиња. Додека порано медиумите ја славеа како „најубавото лице на социјализмот“, по пресвртот, весникот „Билд“ осамна со наслов „Коза на партијата СЕД“. Кога во 1992 година во печатот беше објавено обвинувањето дека била соработничка на тајната служба на ГДР, таа поднесе тужба и успеа да го добие судскиот процес против новинските куќи, што издаваат таблоиди во покраината Саксонија. Портпаролот на Службата за обработка на досиејата од тајната полиција на ГДР, Давид Гил, изјави дека нема причина да се вршат проверки за контактите на Катарина Вит со Штази.

Привилегирана и шпионирана

Десет години подоцна, Катарина Вит повторно се најде во фокусот на јавноста кога поднесе тужба пред Административниот суд во Берлин против објавувањето на нејзиното досие кај тајната полиција на ГДР. Кусо потоа таа ја повлече тужбата. Ополномоштеникот на германската влада за документацијата на Службата за државна безбедност на поранешната Германска Демократска Република, Маријане Биртлер, во февруари 2002 година објави: „Берлинскиот Административен суд донесе одлука по итна постапка: државната служба за документите на Штази не смее да објавува документи од досието на Катарина Вит. Маријане Биртлер смета дека, според овие документи, Катарина Вит уживала привилегии од Службата за државна безбедност, Штази“.

Но, допирните точки на Вит со државната безбедност имаат и опачина. Поранешната спортистка од ГДР, која од страна на Службата за актите на Штази беше етикетирана како „привилегирана“, од 1973 година била постојано под присмотра. Нејзиното Штази-досие, што се водело под оперативно име „флоп“, затоа е многу дебело. Од него за јавноста се достапни 181 страница. Содржината беше шокантна за Катарина Вит. Во нејзината автобиографија ќе прочитате: „Ќе беше подобро некои работи воопшто да не ги дознаам. Не бев шпион, но не бев ниту борец на движењето на отпорот. Не бев жртва, туку повеќе објект“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми