1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катар: „Расположението е многу опуштено“

Фридел Таубе
9 јуни 2017

Од понеделникот Катар е изолиран од своите соседи. Како се одразува изолацијата врз секојдневието на луѓето во Емиратот? За Дојче веле известува Катрин Лемке, која живее во Доха.

Katar Die neuen Hochhäuser der Innenstadt von Doha
Фотографија: Picture alliance/AP Photo/K. Jebreili

Дојче веле: Како ја примија изолацијата жителите на Катар?

Катрин Лемке: Не би зборувала за комплетна изолација. Во понеделникот, кога стигна веста дека соседните држави целосно ги прекинуваат дипломатските односи со Катар, се почувствува навистина вознемиреност.Многу луѓе попладнето навалија во супермаркетите, стравувајќи од прекин во снабдувањето со прехранбени производи. Се купуваа особено месо и млечни производи, зашто тие се увезуваат од Саудиска Арабија.

Но, морам да истакнам дека ситуацијата е повторно мирна, нема тесни грла во снабдувањето, регалите во сите супермаркети се полни, владее „бизнис ес јужал“.

Како ги доживеавте сцените во супермаркетите?

Бидејќи јас лично не се плашев од снемување производи, не бев ниту да купувам. Накратко поминав во супермаркетот во близина на мојата канцеларија, беше добро снабден, немаше хаос или хектика.

На што се должи Вашиот лежерен став?

Тој е последица на сознанието декавакви тензии не се ништо невообичаено во регионот. Пред две години имаше ваква слична ситуација, беа повлечени амбасадорите на одделни држави. Но, ситуацијата по неколку месеци повторно се смири. Точно е дека во моментов постои поинаков квалитет на тензиите, но ние сме уверени дека наскоро ќе се најде дипломатско решение.

По првите вести за изолацијата, граѓаните навалија во супермаркетитеФотографија: picture-alliance/AP Photo/Doha News

Постојат ли последици во Вашето секојдневие?

Јас работам во Надворешнотрговската комора на германското стопанство. Се разбира, добивме куп прашања од нашите членки-претпријатија кои се засегнати, зашто увезуваат или извезуваат стоки во Катар, па не е јасно какви ограничувања ќе претрпи нивната дејност. Во моментов тоа е најголемиот проблем.

Аеродромот во Доха е главната артерија на земјата. Како се одразува забраната за прелет од земјите како Саудиска Арабија, Египет и Обединетите Арапски Емирати?

Летовите кон Европа и кон САД се одвиваат нормално. Доаѓа повремено до доцнење или одлагање на летовите, а бидејќи мора да се заобиколува иранскиот воздушен простор, летовите траат подолго. Но, севкупно, сѐ е целосно регулирано.

Владее ли револт и гнев кај народот и против кого?

Не, општото расположение е многу опуштено. Се дискутира за ситуацијата, се прават претпоставки накаде би се движел развојот. Но, нема гнев, нема тензии. Оној кој подолго живее овде, не е ни навикнат поинаку.

Какво е расположението кај странците кои живеат тука, планираат ли заминување или останување?

Моментно, не постои апсолутно никаква причина да се размислува околу напуштање на земјата. Не познавам никого кој поради актуелната ситуација донесол одлука да замине од Катар. Ситуацијата е многу динамична, секојдневно добиваме нови инфорамции. Германската заедница овде е релативно мала, компактна, расположението е напнато, но не владее несигурност.

Катар има амбициозни планови за наредните години. Дали Вие и Вашите познаници разговарате на пример околу Светското фудбалско првенство 2022?

Светското фудбалско првенство всушност е трајна тема, зашто е движечки фактор за економијата. Многу се инвестира. Во врска со темата постојано има негативни медиумски извештаи. Но, овде и натаму нема двојба дека Мундијалот ќе се одржи.

Катрин Лемке е претставник на Германската надворешнотрговска комора во Доха, главниот град на Катар. Таа во земјата живее уште од 1998 година. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми