„Катастрофален избор“ за Светска Банка?
7 февруари 2019Американскиот претседател Доналд Трамп го предложи Дејвид Малпас за нов претседател на Светска банка. 62-годишниот економист и државен секретар на Министерството за финансии треба да го замени Џим Јонг Ким, кој неочекувано го објави своето повлекување во јануари.
„По разговорите со многу заинтересирани, знаев дека Дејвид е вистинската личност", рече Трамп. Според него Малпас е „високо почитуван" и „брилијантен" човек. Од Белата куќа се вели дека процесот на внатрешен избор го водел министерот за финансии Стивен Мнухин заедно со ќерката на претседателот Иванка Трамп. Последниот збор го имаат телата на Светска банка.
„Неефикасна, често корумпирана“
Искусниот политички стратег Малпас веќе работел во администрацијата на претседателот Роналд Реган во рангот на секретар за финансии. Кај наследникот на Реган, Џорџ Буш постариот Малпас беше активен во Стејт департментот. Тој зборува француски, руски и шпански јазик, и веќе долго време ја познава Светската банка и има дадено повеќе критички изјави за мултилатералните организации. Институциите како што се Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) „трошат многу пари" и не се "многу ефикасни". Нивната практика на давање кредити е „често корумпирана".
Влијателни противници
Уште пред официјалната номинација на Малпас, имаше жестоки критики за ваквото кадровско решение. Нобеловиот лауреат за економија Пол Кругман на Твитер се осврна на погрешните оценки на Малпас за финансиската криза во 2008 година. Поранешниот портпарол на поранешниот американски претседател Џорџ Буш помладиот, Тони Фрато, ја опиша номинацијата на Малпас како „катастрофален, токсичен избор". Весникот „Фајненшал тајмс“ сумираше: „Малкумина во Светската банка и во владите ширум светот ќе се радуваат за овој избор".