1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Катица Јанева осомничена за „Рекет“

БГ
21 август 2019

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева од денеска е и формално осомничена во случајот „Рекет“. Обвинителството бара притвор за Јанева исто како и за други двајца осомничени, Бојан Јовановски и Зоран Милевски.

Nord-Mazedonien | Staatsanwältin Vilma Ruskovska
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Јавното обвинителство ја гони специјалната јавна обвинителка Катица Јанева како осомничена во случајот „Рекет“. Јавниот обвинител Љубомир Јовески денеска потврди дека истрагата е проширена и на Јанева. Специјалната обвинителка претходно беше приведена од страна на полицијата во нејзиниот дом и донесена во Судот.

„Од почетокот имавме сознанија за нејзина вмешаност, но откако се подигнаа доказите на повисок степен отворивме истрага. Јавниот обвинител сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување“, рече обвинителот Јовески. Јанева за себе и за други лица прибавила материјална корист во значителен износ, тврди обвинителството.

Со проширувањето на истрагата и кон Јанева, за која обвинителството бара притвор, практично се потврдија сомнежите во јавноста кои се засилија по објавувањето на снимките во италијанскиот весник Ла Верита. Обвинителството ги наведува враќањето на пасошот, укинувањето на притворот и олеснувањето на статусот за бизнисменот Јордан Камчев во случајот „Империја“ како докази за директната вмешаност на Јанева. Дополнително, Јанева заедно со другите двајца осомничени во случајот „Рекет“ прибавила „значителна материјална корист“, и примила „предмети и мебел во износ од 298 илјади денари“, како што рече Јовески.

Истрагата досега не е проширена и на други лица. Јовески потенцираше дека нема индиции оти незаконски прибавените средства завршиле кај домашни или странски политичари. Во интерес на истрагата Јовески не открива каде завршиле парите од рекетот врз Камчев.

Катица Јанева по распитот во Јавното обвинителство на 20 август 2019 годинаФотографија: DW/P. Stojanovski

Во СЈО е одземен службениот компјутер на Јанева и се врши претрес во нејзиниот дом, потврди обвинителката Вилма Русковска.

Што се однесува до Специјалното јавно обвинителство, тоа ќе може да продолжи нормално да работи, дури и доколку Јанева заврши во притвор, како што бара Обвинителството. Притоа, Советот на Јавни обвинители треба да констатира дека Јанева е спречена да ја извршува функцијата и да определи в.д. обвинител од редот на актуелните обвинители во СЈО. Јовески прецизираше дека Катица Јанева како обвинител нема имунитет. 
Катица Јанева вчера даваше исказ во Јавното обвинителство, но тврдеше дека била повикана во својство на сведок, иако на настанот се појави со адвокат. 

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми