Каде „Хотел Мама“ има предност пред осамостојувањето?
8 октомври 2019Сѐ повеќе млади ширум Европа сѐ подолго живеат со родителите. Зошто? Дали е во прашање линија на помал отпор, или едноставно немаат пари да се осамостојат?
Актуелните статистики покажуваат дека во просек младите Европејци го напуштаат родителскиот дом дури на 26 години. За споредба, Александар Велики на 26 години ја освоил цела Персија.
Разлики меѓу југот и северот
Токму на југот на Европа младите денес најдолго живеат со мама и тато. Хрватите, Бугарите и Италијанците уживаат во благодетите на родителскиот дом дури и во четвртата деценија од животот, додека кај младите Грци и Шпанци тоа се случува малку порано - околу 30-тиот роденден.
Оваа тема беше обработена и во последното издание на видео-магазинот #ЕУРОПЕО:
Од друга страна младите Скандинавци на северот на Европа се осамостојуваат веќе со полнолетството. Швеѓаните го држат рекордот со 18,5 години, а следуваат Данците и Финците кои остануваат кај родителите малку подолго - до својата 20-та година.
Повеќе за темата:
-Хотел мама: Ќе се отселам кога ќе се омажам!
Младите на северот и на југот на Европа очигледно имаат различно сфаќање за самостојноста. Што е причината?
Лошата економска ситуација на југот на Европа и константно високата стапка на невработеност меѓу младите е сигурно една од главните причини. Бидејќи, без сопствени извори на приходи младите тешко можат да си дозволат самостоен живот.
Еманципација или удобноста на семејниот дом?
Но, не е само тоа, тврдат социолозите. Имено, за младите Скандинавци напуштањето на родителскиот дом е одлучувачки чекор кон конечното пораснување и тие сакаат да го направат тоа што е можно побрзо.
На југот на Европа, пак. семејството е во преден план. Општествените структури се базираат на семејните вредности и кој расте во големо семејство многу полесно се вклопува во општеството, сметаат младите од југот на Европа.