1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Квалитетните кадри ги избегнуваат партиите - или обратно?

Катерина Блажевска18 ноември 2015

Партиите не покажуваат подготвеност да се демократизираат и да го укинат „султан-системот“ на управување, со што ги затвораат вратите за квалитетни кадри кои би му пркоселе на тој еднокоманден систем

Фотографија: MIA

Ако ги прашате партиите со каков кадровски потенцијал располагаат, без двоумење ќе одговорат: со одличен! Меѓусебе, пак, редовно разменуваат обвинувања за дефицит на кадровски квалитет кај другиот, за „стари, истрошени и искомпромитирани лица“ кои со години се вртат низ истите партиски лавиринти. Но, и кога во партиите ќе се појават нови лица, тие најчесто се непознати за јавноста. Оние, пак, познати по интензивен и квалитетен јавен ангажман во разни сфери, остануваат далеку од местата на одлучување и креирање политики. Зошто партиите никогаш не се „пресретнуваат“ со нив? Бега ли сам кадровскиот квалитет од партиите или тие не сакаат да вклучат во своите редови лица кои со својот авторитет би му пркоселе на принципот на слепа послушност?

Анонимноста е пожелна

Кога станува збор за кадровските капацитети на двете најмоќни партии во Македонија, постои само една видлива разлика: ВМРО негува технократска филозофија, а на СДСМ се' уште не ни е позната, вели Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки - Скопје.

„Новите кадри на првиот ешалон на СДСМ се анонимни, ниту знаеме кои се, ниту пак знаеме според која филозофија се нашле на чело на партијата. За ВМРО, исто така, важи принципот на доделување исклучително одговорни позиции на личности без профил и препознатливост во јавноста. Ова не е неважно прашање, бидејќи јавноста треба да се согласи да биде водена од лица за кои нема ни најмала претстава кои се и, според тоа, не може ни да знае зошто би им укажала доверба. Според тоа, довребата ја гарантира лидерот на нацијата, чија одлука, очигледно, не може да биде испитувана или проблематизирана. Со ова, се инаугурира симболен систем и култура на автократија и јавност која ја подразбира автократијата. Дури и министрите се појавуваат и исчезнуваат само затоа што 'тој кажал дека така треба да биде'. Многу од некогаш анонимните министри денес се ноторни, но тоа не значи дека не беа анонимни кога премиерот ги инсталираше на тие позиции“, укажува Колозова.

Според неа, освен што ваквите кадровски одлуки за функции јавно ја упатуваат автократската порака дека треба слепо да му се верува на лидерот на нацијата, тие испраќаат уште една штетна порака.

„Таа извонредно штетна порака е следнава: за да бидете на јавна функција не само што претходно не сте морале да направите ништо за и во таа јавност, туку токму неучеството во јавниот живот е, очигледно, пожелно. Со тоа ВМРО го инаугурираше технократско-менаџерскиот модел 'разведен' од граѓанската одговорност, која подразбира учество во јавниот живот, како кадровски идеал. СДСМ, како да следи сличен идеал на промовирање кадри невидливи во јавноста. Можеме да заклучиме дека и во едната и во другата партија доминира авторитарниот, па и автократски модел на одлучување, при што лидерот ги избира кадрите според сопствени критериуми, а партијата послушно ги одобрува тие одлуки. За ВМРО е јасно дека интрапартиското напредување е клиентелистички условено, а медиокритетството се негува токму преку негувањето на моделот 'анонимен кадар', па, според тоа, пробивот на способните и извонредните е системски оневозможен. За СДСМ се' уште не можеме да знаеме дали е така, но со оглед на тоа дека и таму се оперира според идеалот 'анонимен кадар, рачно избран од лидерот', не верувам дека има многу простор за вклучување и напредување на нови и надарени кадри. И едниот и другиот лидер, пигмалионски, од кал ги вајаат своите кадри и им задаваат име и идентитет штом ќе ги инсталираат во центарот на јавниот живот“, оценува Колозова.

Kако партиите ќе го демократизираат општеството, ако не се внатрешно демократизирани?Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Самоукинување на централизираноста

Во тој контекст, главното прашање е - како партиите ќе го демократизираат општеството, ако не се внатрешно демократизирани?Ако не можат да ја демократизираат сопствената структура со 5 или 15 илјади членови, илузорно е да се очекува дека ќе можат да демократизираат општество со два милиони граѓани. Голем дел од аналитичарите предлагаат „убивање“ на системот на султан - партии, преку „самоукинување“ на нивната централизираност. Но, партиите досега не покажаа дека се подготвени да го жртвуваат моделот на еднокомандно управување. Аналитичарот Башким Бакиу вели дека токму таквиот модел темелно го уништува системот на вредности.

„Политичкиот живот во Македонија е многу долг. Причина за тоа е системот на функционирање на партиите, кои се централизирани и контролирани од лидерот или неговите олигарси. Тоа го уништува системот на вредности и најчесто оневозможува напредок во политичката кариера. Во такви услови квалитетните кадри немаат мотивација. Пример за тоа се дури и оние јавни повици за мотивација за конкурирање за одредени места. Однадвор гледано, не постои впечаток дека се пријавуваат квалитетни кадри. Но, дури и да има мал дел, кога тие ќе се соочат со функционирањето на партијата, се демотивираат“, вели Бакиу.

За партиите кои повеќе години се во опозиција, смета дека не може да се зборува за кадровски квалитет или неквалитет, бидејќи немале шанса да ги покажат нивните капацитети и можности. Но, смета дека начинот на функционирање генерално е ист кај сите - и кај македонските и кај албанските партии. Тогаш, што може да иницира поголема флуктуација на квалитет во домашните партии?

„Услов за тоа е партиите да се реформираат и статутарно, бидејќи токму партиските статути ја фаворизираат сегашната централизираност и сите деформации што таа ги носи. Почетокот на промени треба да наметне и систем на одговорност. Досега се соочивме со многу примери на неодговорност кај одредени политичари, но не и со механизми за нивно санкционирање или повлекување. Санкционирањето на неодговорноста, може да мотивира многу квалитетни и одговорни лица да се да се вклучат во работата на партиите“, смета Бакиу.

Што покажуваат истражувањата? Никола Спасов од „Рејтинг“, агенција која се занимава со испитување на јавното мислење, вели дека во услови на економско и политичко незадоволство, граѓаните во истражувањата секогаш се изјаснуваат дека во политиката се потребни нови лица.

„Но, ова е всушност барање за менување на политиките и состојбите на подобро, а не толку за потреба од менување на личностите. Во таа смисла, ова барање се однесува на целата политичка елита, а не на поединечни партии. Сепак, и покрај високиот процент на испитаници кои тоа го бараат, далеку е понизок процентот на оние кои би поддржале нови политички субјекти, бидејќи не се сигурни дали новите лица ќе ги гарантираат очекуваните промени“, објаснува Спасов.

Според дел од аналитичарите, и однесувањето во стилот „битни се промени, а не кои лица ќе ги спроведат“, не може да има неограничен рок на траење. По повеќе изборни циклуси во кои на власт ротираа исти партии, не е исклучено дека во еден миг избирачите ќе решат да „ризикуваат“ и да им дадат бланко шанса на новите, ако веќе се увериле дека од старите не може да очекуваат ништо ново.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми