Квалитетот ја победи страста
9 јули 2014Одлучни во нападот, искусни во одбраната, тактички надмоќни - по овој настап на германските фудбалери може сѐ да се фали. Против Бразил, Лам и останатите имаа најдобар учинок во рамките на турнирот. Со оглед на значењето на натпреварот и притисокот да мора да се настапи против домаќинот тоа беше најдобриот учинок во ерата на селекторот Јоахим Лев.
Постигнување со историско значење: Бразил никогаш не примил седум гола. Никогаш порано немало повисок резултат на едно полуфинале на Светско првенство во фудбал. Никогаш претходно еден голгетер не постигнал повеќе погодоци на СП од Мирослав Клозе, кој во 23 минута од натпреварот го постигна својот 16 мундијалски погодок.
Зрели за титула
Со оглед на текот на натпреварот привлечно е да се користат суперлативи, но сепак сѐ уште не е ништо освоено. Големиот глад за титулата на германските натпреварувачи и фановите сѐ уште не е згаснат. Можеби најголем комплимент би било на „златната“ генерација околу Швајнштајгер и Лам да им се признае зрел настап. Овојпат во едно полуфинале тие беа сосема будни и присутни. Во полуфиналето на домашен терен во 2006 година едноставно не беа стигнати до таму. Тие драматично потклекнаа пред италијанската мудрост. Во 2010 година, по тесниот пораз од подоцнежниот светски првак Шпанија, делуваа вкочането, згмечени од „тики-така фудбалот“ на пиринејците. На ЕП 2012 репрезентацијата на тренерот Јоахим Лев сѐ уште не беше сигурна во својата јачина. Тактиката беше сменета, а тимот испадна благодарение на Италијанците. Но, репрезентацијата извлече поука од овие поглавја. Таа и покрај повеќе слабиот настап против Гана и Алжир веруваше во себе и во одлучувачкиот момент ја покажа својата јачина на теренот. Зрел учинок. Зрел за титула, би можело исто така да се каже. Притоа германскиот „елф“ со ова историско полуфинале самот си наметна бреме за крајниот натпреваер. Улогата на фаворит сега веќе не можат да ја отфрлат.