1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Квалификациите на бегалците се капитал

Матилда Јорданова-Дуда/З. Јордановски 3 ноември 2015

Како бегалците брзо да се вработат ? Синдикатот и фондацијата „Ото Бенеке“ нудат решенија. Трошоците ќе се компензираат преку зголемени даночни приходи и намалени трошоци за социјални повластици.

Фотографија: Reuters/F. Bensch

При регистрацијата на бегалците сега првенствено се прашува за земјата од која потекнуваат и за причините за бегство, но не и за нивните квалификации. Но, фондацијата „Ото Бенеке“ бара веднаш да се бележат и школската спрема и професионалната оспособеност, барем за бегалците од земји кои не се квалификувани како сигурни. Оти, тие луѓе многу веројатно ќе останат во Германија, па така може веднаш целесообразно да им се помогне. И, не е доволно само едно кратко прашање за нивните квалификации - многумина од бегалците немаат со себе дипломи и свидетелства. „Потребна ни е проверка на талентот“, вели Ханс-Георг Хисерих од фондацијата со седиште во Бон, кој веќе 50 години се занимава со оквалификување на мигранти за пазарот на работна сила.

Потребен е подолг разговор за да може да се утврди кој какво образование стекнал или дека нема формална диплома, но има практично искуство во некој позив. За такви разговори се неопходни оспособени луѓе, како и соодветен прирачник, смета Хисерих.

Во прв момент треба да им се верува на наводите на мигрантите, но подоцна тие треба преку испити да се докажат наводите за одредени знаења. Информациите би можеле да се заведат во таканаречена „карта на таленти“, за мигрантите, во местото во кое ќе бидат распоредени, со помош на тој чип да можат веднаш да бидат упатени на соодветни курсеви.

Веднаш да се бележат и школската спрема и професионалната оспособеност на бегалцитеФотографија: picture-alliance/dpa/S. Rampfel

Школувања за првиот контакт со бегалците

Слични модели веќе се практикуваат во Хамбург, Фридланд и Ројтлинген. Сојузната агенција за вработување тука работи во содејство и со други институции. Но, генерално, претпријатијата кои сакаат да вработат бегалци ретко ги наоѓаат во Агенцијата за вработување, укажува Регина Карш од индустрискиот синдикат за рударство, хемија и енергетика. Според неа, поголема помош за нив се доброволците кои се грижат за бегалците оти ним им посветуваат поголемо внимание. „Тие можат директно да ни кажат во која насока можеме некого натамошно да го оспособиме“, вели Карш.

„Оние, кои се во контакт со бегалците, мора да бидат школувани за специфичните разговори, за да бидат во состојба да препознаат скриени таленти, да ги забележат и на разбирлив начин за работодавачите да прикажат како се школувале мигрантите“, смета Хисерих.

Во фондацијата „Ото Бенеке“ нагласуваат дека не треба да се повторуваат грешките од претходните бранови на доселување, кога не било обрнувано внимание на странските квалификации. Така уште има лекарки кои работат како чистачки, научници кои возат такси или инженери кои работат на фабричка лента. Инвестициите брзо би се исплатиле преку растечките приходи од даноци и намалените трошоци за социјални повластици.

Само малкумина бегалци досега имаат шанса да работат во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Кој не може да докаже дека завршил некакво школување може во најдобар случај да извршува само помошни работи. Синдикатот ги советува советите на претријатијата и мигрантите во врска со признавањето странски дипломи. Претставниците во советите, кои ги застапуваат интересите на вработените, најчесто не се упатени во таа тема, па тука се ангажираат синдикатите - во џунглата од сојузни и покраински закони за различни професии дури ни професионалците немаат целосен преглед.

Образовната институција на Сојузот на германските синдикати школува претставници на советите на претпријатијата, ополномоштеници за миграција или свои луѓе од доверба за „стручњаци за признавање“ на оспособеноста на мигрантите. Даниел Вебер, раководител на проектот, вели дека класична задача на советите на претпријатијата е да спречат новодојдените да бидат вработени под експлоататорски услови - под нивото на нивната квалификација или за помала плата за ист вид на работа.

Има и други инструменти. За признавање на школската спрема често се неопходни квалификации за прилагодување, но вработените не се во состојба да ги платат од свој џеб. Работодавачите би можеле да помогнат финансиски или со интерни школувања во претпријатијата. Оние кои вршат само помошни работи речиси воопшто не профитираат од такви интерни дошколувања. Според Даниел Вебер, советот на претпријатието може да побара раководството на фирмата да направи план за дошколување за сите вработени.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми