1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кво вадис Ерменијо?

Миодраг Шориќ
25 април 2018

Ерменскиот премиер изненадувачки брзо попушти под притисокот на улицата и се повлече од функцијата. Како сега ќе се развива земјата, е неизвесно. Коментар на Миодраг Шориќ.

Armenien Massenproteste in Eriwan
Фотографија: picture-alliance/dpa/TASS/A. Geodakyan

Ерменците се горд народ. И, за тоа имаат добри причини. На пример, во текот на својата бурна историја преживеале со векови и си го зачувале идентитетот. Тие се прв народ кој го има прогласено христијанството за државна религија. Внимание привлекува и нивната дијаспора ширум светот, која дава поддршка на татковината и го обезбедува нејзиното економско преживување. Сега Ерменците може да бидат горди на мирната револуција од изминатите недели. Притисокот на улицата го принуди премиерот Серж Саркисјан на оставка. Но, тоа може да биде само почеток на промените кои Ерменците веќе долго ги посакуваат.

Корупција кај и да се погледне

Саргсјан е дел од оние кои на власт дојдоа по војната за енклавата Нагорно Карабах. Тие заедно со шака олигарси ја контролираа земјата - политички и економски. Многумина се збогатија на грбот на народот. Зошто цените на храната во Ерменија се повисоки отколку во соседна Грузија? Зошто ретко кој инвестира во домашната економија? Корупција каде и да се погледне.

Народот долго се муртеше. Во текот на изминатите недели излезе на улиците и во Никол Пашинјан го пронајде својот бестрашен лидер. Тој сега вели дека Ерменија не смее да остане „на половина пат“. Оставката на премиерот не е доволна. Неопходни се транспарентни изборни закони, нови избори наскоро, одземање на моќта на мрежата бизнисмени, политичари и службеници за кои државата беше плен. Притисокот на улицата не смее да попушти. Пашинјан и неговите соборци имаат конкретни планови за тоа како треба да се постапува. Тие се реалисти, не се романтитчари кои во моментот на опиеност од победата ја испуштаат од вид иднината.

Миодраг Шориќ

Ерменската револуција беше неопходна. Ерменија има наводно над три милиони жители. Оној кој патува низ земјата знае дека всушност во најдобар случај се уште само два милиона. Многу села се празни. Тоа е безбедносен ризик за една толку мала земја која има делумно непријателски настроени соседи. Но, со оглед на лошата состојба, кој може да му земе за зло на еден млад Ерменец кој сака да си ја побара среќата на друго место? Одамна значително повеќе Ерменци живеат во Калифорнија отколку во татковината на Кавказот.

Русија останува заштитник

Некои стратези во Вашингтон веќе сонуваат за надворешнополитичко преориентирање на Ерменија. Но, тоа има малку врска со реалноста. Русија во догледно време останува заштитничка сила на Ерменија. Сѐ друго значи игнорирање на политичките, економските и културните факти, па и на желбата на самите Ерменци. Тие поради историски причини се чувствуваат многу блиски со Русија. Но, тоа не значи дека Ереван не може и не сака да негува и добри односи со Западот. Договорот со ЕУ од 2017 година нуди добра основа за тоа. Тој го надополнува членството на Ерменија во Евроазиската Унија. Но, што вредат сите договори ако луѓето останат сиромашни? Во рацете на Ерменците се создавањето рамковни услови за повеќе инвестиции, за борба против корупцијата, за одземање на просторот на олигарсите.

Храброст за иднината Ерменците можат да црпат од својата историја. Денес се сеќаваат на геноцидот на нивниот народ за време на Првата светска војна. Исто како што тогаш биле единствени против надворешниот непријател, денес мора да бидат против внатрешниот непријател. Тогаш и револуцијата може да биде успешна.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми