Поранешниот португалски премиер Антонио Гутереш добил најмногу гласови и на синоќешното, трето по ред, неформално гласање за нов генерален секретар на Обединетите нации.
Реклама
Според Хафингтон пост, водството на Гутереш воопшто не значи и дека тој со сигурност ќе биде наследникот на Бан Ки Мун на престижната функцијата. За разлика од претходното неформално гласање на 15-те земји членки на ОН, овојпат Гутереш добил и три гласа „против“, покрај 11 „за“ и еден „без мислење“. Во гласањето минатиот месец, Португалецот не добил ниту едно негативно мислење.
Македонскиот кандидат Срѓан Керим засилено ја губи поддршката за својата кандидатура. Во третиот круг гласање Керим добил 6 „позитивни“, 7 „негативни“ мислења и две воздржани. Тоа го става на шестата позиција во вкупниот поредок.
Пред него се Словакот Мирослав Лајчак, кој добил 9 позитивни, 5 негативни и едно воздржано мислење, Бугарката Ирина Бокова и Србинот Вук Јеремиќ, кои го делат третото место, како и аргентинската министерка за надворешни работи Сузана Малкора.
Функцијата Генерален секретар досега вообичаено ротираше меѓу географските региони. Овојпат, местото, согласно неформалниот договор, треба да ѝ припадне на земја од Источна Европа. Тоа го потврди и рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин кој рече дека неговата земја „преферира“ кандидат од тој регион. Во тој контекст, новинарите кои известуваат од ОН го гледаат и зголемениот број „негативни“ мислења за кандидатурата на Гутереш.
Кои се кандидатите за шеф на ОН?
Да се живее во Њујорк, да не се плаќа данок и да се залага за мир во светот? Звучи како работа од соништата. Во тек е претставувањето на кандидатите за генерален секретар на ОН, меѓу кои е и Срѓан Керим.
Фотографија: Getty Images/K. Betancur
Спорна: Ирина Бокова
Кандидатка со големи изгледи е Бугарката Ирина Бокова, која од 2009. е директорка на агенцијата на ОН за култура УНЕСКО. Потекнува од комунистичката елита, студирала на московскиот државен Институт за меѓународни односи, како и шефот на руската дипломатија Лавров. Силните врски со Кремљ би можеле да ѝ помогнат. Русија и онака се залага нов генерален секретар на ОН да биде некој од Источна Европа.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Adayleh
Ценета: Хелен Кларк
Се верува исто така дека по 70 години постоење на ОН е редно генерален секретар да стане некоја жена. Затоа силна кандидатка е Хелен Кларк, шефицата на развојните програми на ОН. Таа не сака да биде во предност само затоа што е жена, туку „жените да имаат фер шанса“ за секоја водечка функција. Лидерско искуство има собрано како премиерка на Нов Зеланд од 1999. до 2008.
Фотографија: Getty Images/AFP/S. de Sakutin
Либерална: Весна Пусиќ
Хрватска ја номинираше својата поранешна шефица на дипломатијата Весна Пусиќ. Таа е пратеничка од 2000. година, а во 2009. безуспешно се кандидираше за претседателка на Хрватска. Пусиќ во седумдесетите години од минатиот век беше меѓу основачките на првата феминистичка група во Југославија, а во 1990. година учествуваше во основањето на левичарско-либералната Хрватска народна партија.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Barukcic
Амбициозна: Наталија Герман
Поранешната министерка за надворешни работи и потпретседателка е помалку позната од своите конкурентки. Но Наталија Герман исто така има искуство во повеќе агенции на ОН. Во своето мотивациско писмо наведува: „Без оглед дали станува збор за борба против гладот и војната, заштита на правата на сите или спас на нашата планета - ефикасни Обединети Нации никогаш не биле толку важни како денес“.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Sohn
Познат: Антонио Гутереш
Антонио Гутереш до крајот на минатата година беше комесар на ОН за бегалци и тука го затекна мамутска задача. Неговиот мандат, без негова вина, заврши со тажен рекорд - официјално во бегство се 60 милиони луѓе во светот. Како претседавач со Советот на ЕУ беше еден од двајцата претседавачи на првиот самит ЕУ-Африка. Гутереш од 1996. до 2002. година беше премиер на Португалија.
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Maina
Уметнички: Срѓан Керим
Поранешниот шеф на македонската дипломатија Срѓан Керим меѓу другото беше и амбасадор на својата земја во Германија. Беше и претседател на Генералното собрание на ОН во 2007. и 2008. година. Во своето кандидатско писмо тој истакнува дека е потребно да се јакне суверенитетот на индивидуата и оти во фокусот треба да се врати човековото достоинство. Керимови страсти се поезијата и фотографијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck
Перспективен: Игор Лукшиќ
Најмлад меѓу кандидатите е Игор Лукшиќ. Со неполни 40 години, тој зад себе има голема кариера во Црна Гора. Уште во 2004. година беше министер за финансии, а во 2010. стана и премиер. Припаѓа кон најжестоките заговарачи на евроатлантската интеграција на Црна Гора. Одмор од тешката политика и тој бара во поезијата. Неодамна објави нова збирка под наслов „Книга на стравот“.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Искусен: Данило Тирк
Поранешниот словенечки претседател Данило Тирк (2007-2012) поголем дел од кариерата има минато во Њујорк отколку во Љубљана. Од 1992. година цели осум години беше амбасадор на Словенија во ОН. Потоа тогашниот генерален секретар Кофи Анан го повика за свој политички асистент. Овој правник важи за борец за почитување на човековите права посебно во вооружени конфликти.
Фотографија: AFP/Getty Images
Испробан: Вук Јеремиќ
Поранешниот министер за надворешни работи на Србија и претседател на генералното собрание на ОН конечно доби официјална поддршка од неговата земја за кандидатурата. Во февруари 2013. година исклучен е од Демократската партија и оттогаш не е политички активен во Србија. Иако е западен ученик-студирал на Кембриџ и Оксфорд- Јеремиќ би можел да ужива поддршка од Русија во Советот за безбедност на ОН.
Фотографија: picture-alliance/dpa
9 фотографии1 | 9
Победничкиот кандидат треба да ја добие поддршка на 9 членки на Советот за безбедност, без ниту една од нив да го искористи правото на вето.
Актуелниот генерален секретар Бан Ки Мун, чиј мандат истекува на крајот на годинава, апелираше функцијата во иднина да ѝ припадне на жена. Единствена преостаната жена од регионот на источна Европа е Ирина Бокова од Бугарија, откако од кандидатурата се откажа Весна Пусиќ од Хрватска.
Следното неформално гласање ќе се одржи до крајот на месецот.