Кери бара прекин на нападите, Ердоган обвинува за тероризам
15 јули 2014Во писмената изјава објавена од Стејт департментот, Кери ја поздравува одлуката на Израел да го прифати предлогот за примирје.
„Египетскиот предлог за примирје и преговори дава можност за ставање крај на насилството и враќање на мирот“, вели Кери. „Ја поздравуваме одлуката на израелскиот кабинет да го прифати тоа“, додава тој.
Хамас одби да го прифати египетскиот предлог да се запре еднонеделното насилство. Во него загинаа 190 Палестинци.
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган се вмеша во проблемот обвинувајќи го Израел за спроведување „државен тероризам“ преку воздушната офанзива во Газа.
„Израел продолжува да спроведува државен тероризам во регионот. Никој освен нас не кажува тоа да запре“, изјави Ердоган пред пратениците од неговата партија, обвинувајќи го Израел дека спроведува „масакар“ врз Палестинците. „До кој степен светов ќе остане да молчи на овој државен тероризам“, праша Ердоган. Според турскиот премиер во моментов не станува збор за некакво нормализирање на затегнатите односи меѓу Израел и Турција.