1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киднапирана Европа или трагедијата на Западен Балкан

8 јули 2022

Двојно лицемерие на Европа - кандидатски статус на Украина, а нам, 17 г. во чекалната, ни ја сервираат путинистичката теорија на моќ, сега инкарнирана во бугарските барања, негирања, ревизии и вето. Пишува Ивор Мицковски

Ивор МицковскиФотографија: Privat

Латентната криза предизвикана од закочените евроинтеграции на Македонија, еднаш промовиран францускиот предлог, кој суштински ги европеизира бугарските барања, се претвори во драматична и отворена егзистенцијална криза за македонскиот народ и држава. 

По којзнае кој пат излегоа на виделина сите наши политички и општествени контрадикции, се кристализираа и забрзаа домашните поделби, каде покрај политичките повторно еруптираат и оние етничките, дојде до израз ниското ниво на политичка и демократска култура, која нѐ прави неспособни за дијалог, дебата и национален консензус. 

Веќе на сите им се познати експертските и критичките агрументи против францускиот предлог, кои властите упорно ги игнорираат и негираат како лажни. Но, од вистината нема бегање. Што странските, што домашните експерти јасно потенцираа дека предлогот „го вметнува билатералниот спор во преговарачкиот процес на ЕУ, давајќи им легитимитет и охрабрување на  идните членки на ЕУ да ги блокираат земјите кои пристапуваат“. Дека предлогот „во основа ја прифаќа националистичката логика на бугарската влада сугерирајќи дека постои проблем со дискриминација на Бугарите во Северна Македонија“. Дека не е точно тврдењето дека во францускиот предлог „нема историски прашања како одредници во европскиот процес“. Повеќе експерти укажаа дека историските прашања произлегуваат од Договорот за добрососедство со Бугарија, а тој билатерален договор е во Преговарачката рамка и е подложен на оцени во „годишните прегледи“, кои се само друга фраза со исто значење за досегашните „протоколи“. Како што не е ни точно дека имаме „чист македонски јазик“, затоа што ЕУ ќе ја забележи нивната позиција за негирање на македонскиот јазик. Да не зборуваме колку е проблематично внесувањето на Бугарите во Уставот и каде во протоколот го потврдуваме ставот дека нема да се мешаме во внатрешните работи на Бугарија, вклучувајќи и во правата на граѓаните кои не се наши државјани. 

„Дејтонски компликации“ 

На еден перверзен начин, испаѓа дека и онака кревката мултиетничка реалност на Македонија се обременува со дополнителни од „дејтонски“ калибар компликации, кои утре наместо да создадат поголема национална кохезија само ќе придонесат поделбите и недовербата да растат, додека во исто време не го решаваат македонско-бугарското прашање и ќе го замрзнат пристапниот процес.

Во исто време, нашите власти и нивните поддржувачи комплетно ја игнорираат суштината на проблемот, кој се заканува да биде долгорочен и нерешлив, па преку релативизми, дефетизми и сериозна доза на политичка заслепеност создаваат еден фалшлив наратив за моментален и брз успех и напредок. 

Постојаното повторување на „моментот е сега” стана императив со оваа Влада, гарнитура и коалиција. Демек сѐ е ургентно, сѐ мора брзо, возот не нѐ чека.

Забораваат дека само режимот го буткавме преку 10 години, ама никогаш не побрзавме околу реалните реформи и напуштањето на политичкото насилство и самоволие.

Голема заблуда е брзањето кон ЕУ, затоа што самиот суштински процес не е брз и ќе трае најмалку 15-20 години. Притоа сите го игнорираат фактот  дека ЕУ ја очекуваат системски реформи,  како отстранување на едногласноста и силата на ветото. За неколку години Бугарија ќе нема со што да нѐ уценува. Да, ЕУ ја очекуваат и концентрични кругови на интеграција, ама тоа ќе се случи и да си во преговори и да не си.

Така што, времето не е сега и никаде не гори за да се потпише ваков лош договор без јасен исход и без можности ние нашиот дел да го оствариме. 

Второ, ако ова го прифатиме правиме вистински цивилизациски и културен масакр од европските вредности и од нашите национални интереси, јазик, култура, историја и образование. Конечно, има нешто што се вика историска вистина, морална исправност, национална гордост, кои ако еднаш во животот не ги демонстрираш и не се заложиш за нив, нема никогаш да бидеш почитуван од поголемите и посилните.

Затоа властите не треба ни нам, а ни на Европа да ѝ прават лоша услуга. На крајот ќе испадне дека ќе дадат сѐ - за ништо.

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и македонскиот премиер Димитар Ковачевски на прес конференција во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Наративот на Путин  

Но, постои и уште еден, далеку поголем проблем од однесувањето на нашите политички елити. Тоа е однесувањето на Европа која го легитимира наративот на Путин, овој пат пренесен преку нивните бугарски сателити, кој по ништо не се разликува од суверенистичките и  империјалистички претензии на Москва кон Украина.  Европа и Брисел, прават двојно лицемерие, каде додека на Украина ѝ доделуваат кандидатски статус, нам кои сме во чекалната веќе 17 години, ни ја сервираат путинистичката теорија на моќ, овој пат инкарнирана во бугарските барања, негирања, ревизии и конечно, во замаскираното вето.

Доктрината на Путин,  овој пат во мирнодопски услови, се пресликува во бугарскиот наратив кон Македонија, па така и Русите и Бугарите тврдат дека Украинците и Македонците се вештачки народи, грешки на историјата, создадени од Ленин, односно Тито. Украина е руска земја, додека Македонија е бугарска. Македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, додека украинскиот е дијалект на рускиот. Правата на Русите/Бугарите се загрозени и тие мора да бидат вградени во соодветните устави.

Кризата во македонско-бугарските односи, заслепеноста за брзи резултати на нашите власти, европеизацијата на бугарските барања, нѐ принудуваат уште еднаш, по којзнае кој пат да се запрашаме: Која е нашата идеја за Европа? Во 1986 година, Милан Кундера ќе одговори на следниот начин: Европеец е оној кој што има носталгија за Европа. Затоа денес, исто како и порано, за нас делува дека Европа може да биде само чувство од минатото. Кундера во своите толкувања се обраќа на сеќавањата од 1956-та и влезот на Црвената армија во Будимпешта. Тогаш ќе излезе и пораката до светот: Тука се гине за Унгарија и за Европа. И денес се гине за  Украина и за Европа. И секако, за среќа без воена агресија, но и кај нас се гине за Македонија и за Европа. Во моментот кога ни се претставува дека сме најпрегрнати од европските раце и дека конечно после сите можни блокади и перипетии ни се отвараат вратите кон ЕУ, верувам дека повеќето од луѓето во Македонија се чувствуваат напуштени од Европа. Или да не речам полошо, се чувствуваат како Европа да им станала непријател. 

Дуалната Европа  

Кундера во 1983 година ќе објави текст по име „Un Occident kidnappé, ou la tragédie de l'Europe Centrale", „Киднапираниот Запад или трагедијата на Централна Европа“. Интересно е како сега таа приказна се пресликува и перпетурира во последниот неунифициран европски регион - Западен Балкан. Кундера ќе напише: Малата нација е една реалност чие постоење може во секој момент да биде ставено под знак прашање, која може да исчезне и што не друго. Тоа што тие мали нации го имаат како заедничко не е ниту јазикот, ниту културното наследство, туку искуството за нивната слабост наспроти големите империи или соседи кои ги опколуваат. Тоа не е нивни заеднички идентитет, туку слични искуства за една кршлива и проблематична егзистенција. Искуства кои се рефлектираат во нивното сликарство, во музиката, во нивната книжевност. Факт е дека малите нации наспроти големите империи, се приморани повеќе од другите, да се носат со проблемот за нивните колективни искуства. Токму затоа, прашањата поврзани со сувереноста на државата, односите со Другиот, на јазикот и на историјата, сите големи филозофски прашања на 20-иот век испитани од психоанализата, лингвистиката, од романите на Брох и Кафка, токму тука наоѓаат плодна почва и од тука идејно се црпат. 

Протести против францускиот предлог во СкопјеФотографија: Arbnora Memeti/DW

Кундера ја објаснува тогашната дуалност на Европа, судирот на двете Европи, едната империјална, асимилаторска, наметлива, прескриптивна, и другата, која се бори и спротивставува на доминацијата и асимилацијата. Две спротивставени сили, едната центрифугална, другата центрипетална, што ја објаснува и структуралната слабост на Европа. Тоа и објаснува, според Кундера, како во втората половина на 20-от век, токму Прага, Варшава и Будимпешта се центарот на длабоко демократски бунтови, поддржани од целата популација, против политичките режими наметнати од СССР. 

Левијатан на негрижа  

Денес гледаме како оваа историја на таа двојна и контрадикторна Европа, на тие мали народи и нации кои и самите пребродиле серија на помали или поголеми режими, векови на империјални наметнување и силеџиства од поголемите соседи, и понатаму се соочуваат со истата битка, со истата опасност по своето постоење на овој лизгав терен денес наречен Западен Балкан. Само што делува дека денес Европа е обединета да го прифати и инкорпорира антиевропското лудило на една своја членка, која и самата морала да ги преживее ризиците за кои Кундера зборува. Нашиот суверенитет и независност се нападнати, нашиот јазик, култура, историја и идентитет, и тоа како една мала нација која веќе направи огромни отстапки за доброто на пристапувањето во ЕУ, поголеми од која било друга земја. 

Ова чудовиште, овој Левијатан на негрижа за своите идеали и вредности, ја има киднапирано денешна Европа, која за едните се однесува како мајка, а за други како маќеа. Недемократскиот карактер на ЕУ во моментов, нејзиниот склеротичен наратив, нејзините празни и разочарани ветувања, нејзината бирократија која сака сѐ да хармонизира и во сѐ да најде фалшлив компромис, всушност денес ги уништува идеалите кои се основата на  европскиот проект и обединување

Со своето однесување кон Македонија и целиот Западен Балкан, Европа го демистифицираше својот лик, ја искина својата цивилизациска и космополитска маска, се одрече од своите така тешко и крваво стекнати вредности и се минимизираше до нивото на својата најлоша, најсиромашна и најкорумпирана членка. 

Жалосно е како некој кој секогаш настапувал проевропски, човек да дојде до овие сознанија, но за жал, реалноста е таква и никако поинаква. 

Жалам, но ова не е нашата идеја за Европа! 

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми