1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Зошто многу странци остануваат во Украина

Николас Конели
31 јануари 2022

Додека некои западни амбасади го повлекуваат својот персонал од Украина, многу странци остануваат во таа земја. ДВ разговараше со дел од нив за нивниот поглед кон конфликтот со Русија - одвнатре и однадвор.

Ukraine | Alltagsleben in Kiew
Брачна двојка пред катедралата во центарот на Киев, 21.01.2022Фотографија: NurPhoto/imago images

На Јенс Деслер не му се брза. „Телефонот ми е полн со пораки,“ вели овој Германец со по малку уморна насмевка. Тој е инструктор за кариерен развој и вели дека најголемиот дел од пораките му се од пријатели и роднини кои го прашуваат дали ќе го напушти Киев. Слична е приказната и кај многу други странци кои живеат и работат во украинскиот главен град. Иако тензиите помеѓу Русија и Украина не се ништо ново,неодамнешната одлука на САД и други западни земји да го повлечат персоналот од амбасадите, е сигнал дека војната е многу реална опција.

„Порано со моите родители се слушав еднаш месечно, а сега се слушаме на два дена“, вели Кен Херберт, кој пред две години во Украина се преселил од Сиднеј. Со оглед на тоа дека и Австралија ги повлекува своите дипломати од земјата и им препорачува на своите граѓани да не патуваат таму, Херберт добил повик од амбасадата со прашање дали планира да замине. Прашање кое, како што вели, го фатило неподготвен. Но, како и повеќето со кои разговараше ДВ, и Херберт останува во Киев.

Невидлива закана

Одлуката да се спакуваат и да си одат е за нив уште потешка поради тоа што во нормални времиња Киев е многу безбеден град во однос на криминалот. „Генерално овде се чувствувам многу побезбеден отколку во Австралија. Во Сиднеј не би се шетал сам на улица навечер, за разлика од Киев“, вели Херберт.

Заканата од трупите на Владимир Путин засега е сѐ уште оддалечена неколку стотини километри.

„Не гледаш вооружени војници, не гледаш авиони да надлетуваат, не гледаш ништо што може да те асоцира на војна или закана“, се согласува и Деслер. Наместо тоа, секојдневниот живот си продолжува, а покани за отворање на нови ресторани низ градот се појавуваат на социјалните мрежи речиси исто како и медиумските вести од границата.

Јенс Деслер вели дека едноставно не може да ја препознае сликата за Украина која ја претставуваат меѓународните медиуми. За него „сонцето сѐ уште грее, има пица и суши, има сè."

Животот во Киев се одвива непреченоФотографија: Sean Gallup/Getty Images

Светско внимание

„Ситуацијата се промени за луѓето надвор од Украина – одеднаш станаа посвесни за тоа што се случува овде“, вели американската експертка за комуникации Кари Хипко-Одерман, која се преселила во Киев со сопругот и децата во 2018 година.

На мештаните веќе им е „нормално“да живеат во состојба на закана одконфликт со Русија, оти тоа започна уште пред една декада, во 2014 година, кога Москва го анектираше Крим и ги поддржа проруските сепаратисти на истокот, појаснува таа.

„Украинците се во овој вител повеќе од осум години“, вели Хипко-Одерман. Според неа, тоа е причината зошто луѓето однадвор ја доживуваат актуелната ситуација подраматично отколку локалното население.

Хипко-Одерман признава дека иако засега таа и нејзиното семејство остануваат во Киев, тензии сепак се забележуваат - доста деца кои учат со нејзините веќе не одат на училиште поради тоа што дел од нивните соседи странци веќе го напуштиле градот.

Дел од странците иселеници, пак, особено оние кои може да работат од дома, заминале на подолги патувања во надеж дека тензиите ќе се намалат и тие ќе може безбедно да си се вратат.

Противречни пораки

Противречните пораки кои изминативе недели доаѓаа од првите луѓе на украинската влада само придонесоа за поголема конфузија. Во една видео порака, претседателот Владимир Зеленски ја минимизираше заканата од ескалација на ситуацијата и ги повика Украинците да останат мирни и да не прават панична залиха на намирници.

Многу странци засега остануваат во КиевФотографија: DW

Но, веќе следниот ден, на репортерот на Вашингтон Пост му рекол дека вториот по големина град во Украина, Харков, кој е на 40 километри од руската граница, е најверојатно мета за окупација од страна на Русите.

Во Украина ова се сметаше за гаф, со оглед на обидот на Зеленски да ја ублажи ситуацијата. Висок украински генерал, пак, неодамна изјави дека руската инвазија ќе се случи најверојатно на 20 февруари, што се поклопува со завршувањето на Зимските олимписки игри во Кина. Аргументот е дека Кремљ не би сакал да ги налути своите сојузници во Пекинг со започнување воена интервенција која би ги засенила игрите – како што беше случај со игрите во Пекинг во 2008-та, кои се поклопија со руската интервенција во Грузија.

Во истовреме, на брифинг со новинари, високи соработници на Зеленски го опишуваат трупањето на руска армија долж границата како политички блеф. Оттука не е и ни чудо што и експерти и многу обични Украинци си ја трескаат главата во обид да разберат што точно се случува во нивната земја.

Украина се надева на поддршка од Западот

Во овие моменти на конфузија многу иселеници согледуваат дека нивните украински пријатели се свртени кон Западот за да добијат гаранции дека земјата нема да ја остават сама во конфликтот со Русија.

Украинските резервисти се подготвуваат за евентуална руска инвазија

03:06

This browser does not support the video element.

Воздржаноста на Германија да испрати оружје за одбрана на Киев е болна точка и нешто што според многу иселеници негативно влијаело на сликата што обичните Украинци ја имаат за Германија. Деслер си посакува „германските политичари да направат исчекор и да дадат јасен сигнал за поддршка на Украина“.

Неодамнешните испораки на муниција и антитенковски проектили од САД, украинската јавност ги прими многу позитивно, што и не е некое изненадување. Староста на американскиот претседател Џо Бајден, која често се третира како негова слабост, овојпат може да му биде предност, смета Хипко-Одерман. „Тој знае како се води политика на студена војна”, заклучува Хипко-Одерман.

Да се замине или да се остане?

Додека меѓународната дипломатија работи со полна пареа, многу често без украински претставници на преговарачката маса, од луѓето во Украина се бара да бидат подготвени за брзо бегство доколку ситуацијата ескалира. Спакуван куфер, пари во готово и подготвена кутија за прва помош, во случај на нужда може да бидат одлучувачки дали ќе се успее да се отпатува навреме или не. 

Препораките во медиумите и различните форуми за тоа како треба да изгледа пакетот со работи за случај на нужда одат од водка до средства за дезинфекција на рани, па дури и до факели за сигнализација со кои би се свртело вниманието врз себе ако тоа е потребно. Колку плановите за бегство се и изводливи, во случај улиците да бидат блокирани, а каналите за комуникација прекинати, е сосема друга работа.

Сепак, не секој граѓанин на Киев има вакви планови или спакувани куфери за случај на нужда. И странците во Киев се поставени поинаку кон ситуацијата. Деслер вели: „Колку повеќе гледаш германски или американски вести, толку повеќе уплав имаш”. Неговиот рецепт е гледање помалку вести.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми