1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Киев: Недостигаат храна, вода и лекови, стравот се зголемува

Олександер Савитски
4 март 2022

Украина бара коридори за снабдување на луѓето со храна и лекови. Во Киев, по два помирни дена, хуманитарната ситуација е стабилна, но стравот се зголемува. Од Киев известува репортерот на ДВ, Oлександер Савитски.

BG: Krieg in der Ukraine - Bilder aus Kiew und Charkiw
Фотографија: Valentyn Ogirenko/Reuters

По два релативно мирни дена во Киев, ноќеска повторно имаше тешки руски напади врз градот. На социјалните медиуми се споделуваат видеа на кои се прикажани експлозии. Според властите, остатоци од руска граната, која била пресретната од украинската одбрана, паднала јужно од главната железничка станица.

Во текот на денот по улиците на главниот град на Украина можеа да се видат релативно многу луѓе и приватни автомобили. Комуналните служби функционираат стабилно, како и јавниот сообраќај. Но, по уличните борби од пред неколку дена, сообраќајот се одвива според редуциран возен ред. Така, метрото вози само секои 40 минути и не застанува на сите станици. Повеќето од граѓаните на Киев користат метро за да стигнат до важните поврзници, меѓу нив и главната железничка станица. 

Храна, вода и лекови 

И на седмиот ден од одбраната на украинскиот град, најгорлив проблем е снабдувањето со храна, вода и лекови. Сепак, веќе не се гледаат долги редици пред продавниците. Сега се повторно отворени и многу мали продавници, а супермаркетите на големите трговски ланци во моментов повторно почесто се снабдуваат.

Но, свежите млечни производи, зеленчукот и овошјето се луксуз. Тие полици во супермаркетите се празнат брзо. Понекогаш стоката е разграбана уште додека е на палети, на пат до супермаркет. И натаму има недостиг од леб, брашно и мусли.

Големите супермаркети повторно почесто се снабдуваат, но сѐ уште има недостиг од храна, вода и лековиФотографија: M. Berdnyk/DW

Редици сѐ уште има пред продавниците за храна за домашни миленици и особено пред аптеките, но тие не се толку долги како пред неколку дена. Покрај државните аптеки, повторно се отворени и приватни аптеки. Тие одговорија на повикот на Хуманитарниот штаб на град Киев. Тој ја координира хуманитарната помош за деловите од градот и предградијата на север кои се најпогодени од тешките улични борби, вклучително и во Буча и во околината на Гостомел. Со уредба е поедноставена испораката на инсулин до дијабетичарите, кој сега можат да го добијат и од станиците за прва помош. Штабот, исто така, ги повика граѓаните да се грижат за самохраните и постарите луѓе и да им ги обезбедуваат потребните лекови.

Редици сѐ уште има пред продавниците за храна за домашни миленициФотографија: Oleksandr Savytsky/DW

Голема солидарност во време на нужда 

Насекаде во Киев може да се забележи трогателен однос на луѓето едни кон други. Постои голема подготвеност да се помогне. На пример, една млада жена во близина на својот стан во центарот на градот му пријде на новинарот на ДВ Oлександер Савитски и го праша каква е ситуацијата со снабдувањето во најблискиот супермаркет. Кога слушна дека таму има малку да се купи, на репортерот на ДВ му даде неколку готови пакети со храна. „Работам во амбулантата, таму бесплатно добиваме храна, а може да ја носиме и дома. Им носам и на соседите“, вели таа.

Луѓето се обидуваат да си помогнат едни на други колку што е можно повеќе (фото: цивили преминуваат уништен мост во руските напади на периферијата од Киев)Фотографија: Emilio Morenatti/dpa/AP/picture alliance

Дури и ако сирените сега не се огласуваат толку често како во последните денови, локалните власти проценуваат дека околу 15.000 луѓе се засолнети во сместувалишта за итни случаи. На неколкуте станици од метрото каде возовите веќе не застануваат, луѓето не само што лежат на подот на станиците, туку и во паркираните возови.

Лекување во скривници во Киев

01:37

This browser does not support the video element.

Увереност и покрај стравот и бегството

Иако состојбата во Киев во изминатите два дена малку се разлабави, стравот на луѓето постојано се зголемува со оглед на големите руски ракетни напади и бомбардирање на Харков, Чернихив, Житомир и други градови.

Ова бебе се роди пред два дена во подрумот во гинеколошката болница во Киев Фотографија: Efrem Lukatsky/AP Photo/picture alliance

Ситуацијата на главната железничка станица потсетува на исечоци од филмови за Втората светска војна. Голем број луѓе се туркаат и се обидуваат да се качат во возовите кои возат на запад. Меѓу нив има и голем број бегалци од регионите на југ и исток на земјата, каде што се водат тешки борби. На шалтерите за возни билети владее хаос. Едни спијат помеѓу шалтерите, други чекаат во долги редици. Не секогаш стигнуваат доволно брзо до информации за вонредни возови.

Луѓе во Киев чекаат на воз за евакуација Фотографија: Dimitar Dilkoff/AFP

Сепак, и покрај ваквата состојба, првите анкети од почетокот на руската војна против Украина покажуваат изненадувачки резултати. Според наводи на институтот за истражување на јавното мислење „Рејтинг“, речиси 90% од испитаниците веруваат во способноста на својата земја да се одбрани од напад на Русија. 98% од испитаниците ги поддржуваат борбените сили на Украина, а 93% му даваат поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски. 84% од Украинците стојат зад раководствата на локалните власти во нивните градови и заедници.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми