1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Киев ја тужи Москва во Хаг

Роман Гончаренко
6 март 2017

Украина ја тужи Русија пред Меѓународниот суд за правда поради „терор“ во Донбас и дискриминација на малцинствата на Крим. Бившиот судија од овој суд, Бруно Зима вели - процесите против големите сили се компликувани.

Niederlande Den Haag Friedenspalast Internationaler Gerichtshof IGH
Фотографија: picture-alliance/dpa/Guus Schoonewille

Процесот кој почнува денеска (6 март) би можел да биде еден од најспектакуларните во последните години. Пред Меѓународниот суд за правда во Ден Хаг почнува прелиминарното сослушување во процесот кој Украина го почнува против Русија. Највисокиот суд на ОН прво четири дена одвоено ќе ги сослушува страните во процесот.

Во тужбата од 45 страници детално се говори за наводно кршење на конвенциите на ОН. Владата од Киев тврди дека Русија , поддржувајќи ги сепаратистите во областите Доњецк и Луганск, ги прекршила меѓународните конвенции за сузбивање на финансирањето тероризам. Сепаратистите во тужбата се опишани како „илегални вооружени групи“ кои дејствуваат преку „решавачка руска поддршка“. Русија ги отфрла тврдењата дека на било каков начин ги помага борците во Донбас.

Вториот дел од тужбата се однесува на ситуацијата во која се наоѓаат кримските Татари и етничките Украинци во улога на малцинство, откако Русија во март 2014. година го анектираше Крим. Русија на Крим наводно ги крши одредбите на конвенцијата за спречување расна дискриминација, меѓу другото со апсења или забрана на организацијата Меџилис на кримските Татари.

За доказ се приложени извештаи на ОН, ОБСЕ, како и извештајот на меѓународниот тим за соборување на малезискиот цивилен авион над источна Украина. Се бараат и воени репарации.

Авионот на лет МХ17 беше соборен од ракета над источна УКраинаФотографија: Reuters/S. Zhumatov

Последна надеж?

Тужбата е поднесена дури во јануари, речиси три години по почетокот на настаните кои се предмет во неа. Причината за тоа експертите ја гледаат во намалените шанси Киев да ја „истера“ правдата пред некој друг суд, на пример пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг, основан за процесуирање на воените злосторства. Рускиот претседател Владимир Путин на крајот на минатата година рече дека Русија нема намера да го ратификува Римскиот статут со кој е основан овој суд. Истиот статут не го ратификуваше ниту Украина, но во овој случај на Судот му додели ограничено полномошно за настаните од крајот на 2013. година наваму. Во тек е предистражна постапка.  

Пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Украина има поднесено веќе пет тужби против Русија, шестата е во подготовка. Но, рускиот Уставен суд донесе одлука според која тој го има последниот збор кога станува збор за примена на казни изречени од овој европски суд. На крајот, тоа значи практично непримена во Русија на одлуките донесени во Стразбур.

Меѓународниот суд на правдата е друга приказна. Тој е основан во 1945. година и Русија го признава без било какви ограничувања. Како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, Русија има привилегија меѓу петнаесетте судии секогаш да има и еден руски државјанин. Украина ќе може за овој процес да именува еден судија.

Како изгледа тоа во пракса? Минхенскиот професор по меѓународно право Бруно Зима од 2003. до 2012. година беше судија во овој суд. Во тој период Грузија ја тужеше Русија поради војната во Јужна Осетија во 2008. година. Токму како сега Украина, и Грузија тогаш тужеше за кршење на Конвенцијата за забрана на дискриминација. „Беше многу контроверзно“, се присетува Зима во разговор со Дојче веле. Судот, со тесно мнозинство од еден глас, до донесувањето конечна одлука, прво ги повика двете страни да прекинат со кршење на Конвенцијата. Следеше редица приговори од Русија, по што Судот во 2011. година се прогласи за ненадлежен.

Постапката пред Меѓународниот суд на правдата би можела да трае околу три годиниФотографија: AP

Тешко против голема сила

Нешто слично е можно и во овој процес, смета Зима. Тој признава дека на Меѓународниот суд на правдата „секогаш му е тешко да се занимава со случаи во кои воено се вмешани големите сили.“ Освен тоа, Конвенцијата за забрана на расна дискриминација има една „закачка“ - предвидува пред тужбата пред Меѓународниот суд, двете страни да мора да водат „сериозни преговори“. Русија и Украина вистински преговараат за конфликтот во Донбас во рамките на форматот од Минск. Но, Русија одбива секакви разговори околу Крим.

Професорот Зима очекува процесот да трае до три години. „Во април би морало да има прелиминарна одлука, една година подоцна би се одлучило за надлежноста, а една до еднаипол година потоа би требало да падне конечната одлука“. Тој верува, со оглед на досегашното искуство, дека и донесувањето привремена  одлука би бил испех за Украина. 

Надежите во Киев се темелат на еден постар случај. Имено, во 1986. година Меѓународниот суд на правдата донесе позитивна одлука по тужбата на Никарагва против САД. Стануваше збор за американска воена поддршка на т.н. контраси во крвавата борба против левичарската влада. Беше констатирано кршење на меѓународното право од страна на САД. „САД не платија казна, но пропагандниот успех за малата Никарагва беше голем. Истовремено, случајот му донесе симпатии на Судот во улога на вистинска независна институција на ОН“, истакнува Зима. Сепак, тој не се осудува да се впушти во прогнози дали ист случај ќе биде со тужбата на Украина против Русија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми