Нова надеж за конкретни чекори за разоружување: американскиот претседател и севернокорејскиот властодржец наскоро би можеле повторно да се сретнат. Како што се вели, подготовките за нов самит веќе се во тек.
Реклама
Доналд Трамп добил писмо од Ким Јонг Ун, во кое тој го моли за втора средба, соопшти портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс. Трамп, како што се вели, е отворен за такво нешто. Веќе се прават проверки кога би можела да се испланира втора средба.
Писмото на Ким е „многу срдечно, многу позитивно“, тврди Сандерс. За останатата содржина од писмото таа даде само општи информации. Писмото, како што рече, ја документира волјата на Ким да се концентрира на „денуклеаризација“ на Корејскиот Полуостров.
Историско ракување
00:42
На првата средба со американскиот претседател Трамп, во јуни во Сингапур, севернокорејскиот властодржец Ким изрази генерална подготвеност за нуклеарно разоружување на својата земја. Меѓутоа, не беше наведен временски план, ниту пак контролни мерки за процесот на разоружување, поради што договорот беше критикуван како многу недефиниран.
Во текот на летото американската влада изразуваше сѐ поголемо незадоволство од Северна Кореја. На крајот на август Трамп го откажа планираното патување на американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео во Пјонгјанг. Откажувањето беше образложено со тоа дека „нема доволно напредок при денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров“.
Во последните недели Трамп повторно демонстрира оптимизам. На Твитер американскиот претседател се пофали дека Ким имал „цврста верба“ во него. „Му благодарам на претседателот Ким. Заедно ќе успееме“, напиша Трамп.
Политичари кои станале пријатели
Можат ли светските врвни политичари да бидат пријатели? Одговорот гласи: и да и не. На Денот на пријателството ви ги прикажуваме политичките пријателства и оние кои само наликуваат на тоа.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Naltchayan
Забава над облаците
Германскиот канцелар Хелмут Кол и американскиот претседател Бил Клинтон во 1998 година се шегуваат во американскиот претседателски авион Air Force One кој лета кон Франкфурт. Дали ќе имаше толкава срдечност доколку лево седеше актуелниот американски претседател Трамп, а десно актуелната германска канцеларка Меркел? Веројатно не. Хелмут Кол и Бил Клинтон важеа за вистински пријатели.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Naltchayan
Збогување од еден пријател
Вистинското пријателство често се препознава дури во клучни моменти. Дека Клинтон и Кол беа поврзани со вакви пријателство можеше да се види на комеморацијата по смртта на поранешниот германски канцелар, во 2017 година. Бил Клинтон не само што присуствуваше, туку изгледаше вистински трогнат - повеќе од актуелната канцеларка Меркел, која го теши.
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Murat
Фатени за рака
Целата галерија би можела да се состои од фотографии на Кол и неговите пријатели, зашто поранешниот канцелар имаше близок однос со голем број светски државници. Делот за Кол го завршуваме со можеби најпознатата фотографија која сведочи за едно машко пријателство: Кол и францускиот претседател Франсоа Митеран во 1984. во Вердан фатени за рака им оддаваат почест на загинатите во двете светски војни.
Фотографија: ullstein bild/Sven Simon
Сличен вкус за облекување
И наследникот на Кол, Герхард Шредер, негуваше и негува пријателства со моќниците во светот. Но, Шредер повеќе тендира кон Исток. Него го врзува блиско пријателство со рускиот претседател Владимир Путин и до некаде сличен вкус за облекување. На фотографијата двајцата во 2014 година срдечно разговараат во летната резиденција на Путин на Црното Море.
На средбата се разговараше за европска политика, како приближувањето на Русија кон ЕУ. Она што го прикажува фотографијата е навистина близок однос на двајцата државници при прошетката крај брегот. Двајца луѓе, куче, плажа, залез на сонце - слики кои вообичаено се доказ за некој семеен одмор. Во 2004 година Шредер го нарече Путин „чист демократ“, за што е критикуван до денес.
Фотографија: Jürgen Gebhardt/BPA/dpa/picture-alliance
Не бакневче, туку вистински бакнеж
Иако можеби изгледа како нешто повеќе, и во овој случај станува збор за пријателство. На одбележувањето на 30-годишнината од постоењето на ГДР, на 5 октомври 1979 година, првиот човек на ГДР и генерален секретар на Централниот комитет на СЕД, Ерих Хонекер и советскиот претседател и шеф на КПР, Леонид Брежњев, фотографите го забележаа т.н. братски бакнеж на двајцата државници.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Spiegl/S.Simon
Пријателство меѓу нации
Дваесет години претходно почна едно неочекувано пријателство. Првиот германски канцелар Конрад Аденауер (д.) и францускиот претседател Шарл де Гол првпат се сретнаа во 1958 година. Двајцата брзо изградија срдечно пријателство, што беше изненадување. На фотографијата двајцата државници се во Бон, во 1962 година, а во позадина се луѓе кои демонстрираат за обединета Европа.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Хорст Зехофер и...?
Кого го има прегрнато во 2016 година тогашниот баварски премиер Хорст Зехофер? Тоа е унгарскиот премиер Виктор Орбан. Двајцата се толку цврсто прегрнати, што меѓу нив „не може да се стави ниту лист хартија“. Веројатно затоа Зехофер листовите ги држи в рака. Дистанцата кон Ангела Меркел е поголема - кај двајцата. Но, дали Зехофер и Орбан се вистински пријатели? Веројатно не.
Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се разбираат прилично добро. Придонес за тоа има Трамповиот зет Џеред Кушнер, врз кого Трамп радо се потпира кога станува збор за политиката на Блискиот Исток. Според Њујорк тајмс, таткото на Кушнер и Нетанјаху се пријатели. Кога Нетанјаху доаѓал во посета, спиел во собата на Кушнер, а тој морал да се сели во подрумот
Фотографија: Reuters/R. Zvulun
Од максимална ескалација до светски мир
„Малиот ракетен човек“ и „сенилниот со побелена коса“ наголемо се фалеа меѓусебно по средбата на 12 јуни годинава. Ким Јонг Ун и Доналд Трамп претходно беа во вербална војна, а по меѓусебната средба делуваа вчудовидувачки хармонично. Она што ги поврзува е - непредвидливоста. Оттука, некакво пдооцнежно пријателство меѓу двајцата не би требало барем да се смета за незамисливо.