Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун изразил „огромно задоволство“ од писмото што го примил од претседателот на САД, Доналд Трамп. Тој веќе се занимава со техничките подготовки за состанокот со Трамп.
Реклама
Како што јавуваат севернокорејските државни медиуми, Ким бил многу задоволен од „доброто лично писмо“ од Трамп. Тој изнесол големи пофалби за американскиот претседател, поради неговата невообичаена решителност и неговата волја за решавање на проблемите.
Писмото на Ким му го донесе неговиот близок соработник Ким Јонг Џол, кој минатата недела се сретна со Доналд Трамп во Белата куќа. Американскиот претседател по средбата изјави дека вториот самит со Ким веројатно ќе се одржи на крајот на февруари.
Како можно место на одржување на средбата се споменува Виетнам. Севернокорејските државни медиуми пренесуваат дека Ким изразил задоволство од разговорите во Вашингтон и распределил задачи за добри технички подготовки за вториот самит.
Двете земји работат на договорот за денуклеаризација на Северна Кореја за да му стават крај на повеќедецениското непријателство.
Лидерите на САД и на Северна Кореја за првпат се сретнаа во Сингапур во јуни минатата година. Тогаш потпишаа прилично неодреден документ во кој Ким се обврза на денуклеаризација на Корејскиот полуостров, но без конкретни ветувања до кога комунистичката земја ќе се разоружа од атомскиот арсенал и како би изгледале отстапките кои за возврат би требало да ги направи Вашингтон.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.