Ким Јонг Ун го оправдува погубувањето на тетинот
1 јануари 2014Со чистката против „партиските и контрареволуционерните фракции“ единството на земјата е зајакнато стократно, рече Ким Јонг Ун во својот новогодишен говор. Тој не го именуваше својот тетин, погубен во декември, но набљудувачите се согласни во оценките дека мислел на него. Јан Сонг Таек беше втор најважен човек во Северна Кореја. Тој беше осуден од страна на воен суд за „предавство и приграбување на власта“, по што беше егзекутиран.
Во говорот пренесуван на телевизија севернокорејскиот лидер рече дека на Корејскиот полуостров ќе му се случи нуклеарна катастрофа доколку тука повторно започне војна: „Се соочуваме со опасна ситуација во која еден мал, случаен воен судир може да резултира со сеопшта војна“, истакна Ким. Тој додаде дека нема да моли за мир и вети дека ќе ја штити својата сиромашна, но нуклеарно вооружена земја со силни одбранбени мерки против непријателите.