По најновиот ракетен тест на Северна Кореја, нејасно е каков ќе биде идниот курс на САД. Од претседателот Трамп и од министерот за одбрана Матис доаѓаат различни тонови. А, Ким Јонг Ун не престанува да провоцира.
Реклама
Американскиот министер за одбрана Џим Матис, според сопствените зборови, сѐ уште е за дијалог со севернокорејскиот режим: „Нам никогаш не ни снемува дипломатски решенија“, рече тој пред средбата со својот јужнокорејски колега Сонг Јанг Мо. Тоа ги истакнува јасно разликите меѓу Матис и неговиот шеф, претседателот Доналд Трамп. Зашто тој само неколку часа претходно на Твитер напиша: „Разговорот не е решение“ и заклучи: „САД со Северна Кореја разговараат 25 години и се уценувани за пари.“ Трамп и пред тоа потенцираше дека на маса се и воени опции.
Севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун, пак, го заострува тонот уште повеќе и најавува нови ракетни тестови. Според него, неопходни се нови тестови со балистички ракети „чија цел ќе биде Пацификот“. Лансирањето на ракетата во вторникот преку јапонската територија е почеток на „одлучувачки противмерки“ на тековните воени маневри на САД и Јужна Кореја, вели Ким. Тој додава дека на тој начин ќе се држи „скротен“ островот Гуам, кој според севернокорејскиот претседател е „филијала на инвазијата“ на САД во регионот. На Гуам има американска воена база во која се стационирани илјадници војници.
Во меѓувреме, Јапонија врши притисок за натамошно заострување на санкциите против Северна Кореја. Неопходна е „силна резолуција“, за што ќе бидат усогласувани ставовите со САД, најави јапонскиот амбасадор во ОН, Коро Бешо. Расположение за ново заострување на санкциите има и кај други членови на Советот за безбедност, иако казнените мерки беа заострени на почетокот од август. Застапниците на ставот за заострување на санкциите аргументираат дека најновиот ракетен тест се разликува од досегашните во важни точки. На пример, за разлика од сличниот инцидент во 2009 година, сега немаше предупредување дека ракетата ќе прелета над Јапонија. На нови санкции се противат Русија и Кина. Тие се за заострување на казнените мерки само ако биде направен нукеларен тест или ако се испали ракета со долг дострел.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.