1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ким Јо Јонг - малата сестра на диктаторот на пат до власт

Франк Смит
17 јуни 2020

Ледено доба помеѓу Северна и Јужна Кореја - врските се прекинати. Истовремено се чини дека диктаторот Ким Јонг Ун не е во подобра здравствена состојба. Тоа отвора шпекулации за негов наследник.

Kim Yo Jong Nordkorea
Фотографија: Getty Images/J. Silva

Севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун цели 20 дена во април исчезна од јавноста. Повторно се појави на снимки од посета на фабрика за ѓубриво на втори мај. Претходно во светот се шпекулираше околу здравствената состојба на страствениот пушач со прекумерна телесна тежина, се нагаѓаше дали воопшто е се’ уште жив. И, имаше шпекулации во врска со негов евентуален наследник.

„Целосно е нетранспарентно кој ќе биде следен лидер на Северна Кореја“, вели Ли Син-хун од јужнокорејскиот институт Сејонг. „Во тој дел владее неизвесност.“

Брат и сестра

Легитимитетот на севернокорејската влада е нераскинливо поврзан со династијата Ким. Ким Јонг Ун ја презеде власта откако неговиот татко Ким Јонг Ил почина во 2011 година. Тој пак во 1992 година го наследи својот татко Ким Ил Сунг, основачот на државата Северна Кореја. Во 2011 година се’ уште се дискутираше околу тоа дали Ким Јонг Ун не е можеби премлад за да го преземе раководењето во Пјонгјанг, но третиот Ким во годините што следуваа успеа да ја зацврсти својата власт.

Сега, велат експертите за Кореја, помладата сестра на Ким, Ким Јо Јонг, има најдобри шанси да го наследи брата си доколку нему нешто му се случи. Корејските набљудувачи информираат за силна врска помеѓу братот и сестрата. Во доцните 1990-ти тие заедно го минуваа времето во Швајцарија. „Ким Јонг Ун и Ким Јо Јонг имаат многу заеднички доживувања“, вели Бонг Јангшик, научник на универзитетот Јонеи во Сеул и додава дека односите на братот и сестрата останале блиски и по враќањето во Северна Кореја.

Сестрата и братот имаат близок однос: Ким Јо Јонг и Ким ЈОнг Ун гледаат парада во Пјонгјанг во мај 2016 годинаФотографија: picture-alliance/Kyodo

Која е Ким Јо Јонг?

Во јануари 2017 година американското Министерство за финансии воведе санкции против тогаш 28-годишната Ким Јо Јонг и други претставници на севернокорејскиот режим. Образложението гласеше „тешки повреди на човековите права“.

Во октомври 2017 година Ким Јонг Ун ја назначи сестра си за заменик член на Политбирото, како наследник на неговата тетка Ким Кијонг Хе, која беше влијателна фигура во времето на Ким Јонг Ил.

Во интервју за ДВ во јануари 2014 година севернокорејскиот експерт Мајкл Мејден, соработник на универзитетот Џонс Хопкинс, ја опиша Ким Јо Јонг како една од „најблиските луѓе од доверба“ на севернокорејскиот диктатор. „Ким Јо Јонг е најмлада од седумте деца на Ким Јонг Ил. Нејзината мајка, танчерката Ко Јонг Хуи, беше член на престижната музичка и танчерска група Мансудае Арт и стана трета сопруга на Ким Јонг Ил“, рече Мејден.

„Ким Јо Јонг добиваше приватна настава и во 1990-те и раните 2000-ти, заедно со Ким Јонг Ун беше во две училишта во близина на швајцарскиот град Берн.“ Подоцна студираше во Северна Кореја, а има посетувано и семинари во западна Европа, наведува експертот.

Во јавноста Ким Јо Јонг е првпат видена во септември 2010 година, кога на собир на Работничката партија стоеше покрај Ким Ок, секретарка и наводна љубовница на нејзиниот татко. Во 2012 година, според расположливите информации, ги организирала патувањата на својот брат за Националната комисија за одбрана.

Се вели и дека Ким Јо Јонг во октомври 2014 година ги презела државничките работи додека нејзиниот болен брат бил лекуван. Од 2015 година таа е директорка на Министерството за пропаганда и агитација. „Како блиска соработничка на својот брат таа презеде и други задачи - примаше извештаи, го известуваше брат и’, ги проследуваше неговите укажувања и повикуваше на разговор високи членови на власта“, ја објасни Мејден нејзината улога во интервју за ДВ пред шест години.

Во текот на изминатата година Ким Јо Јонг беше видена до својот брат на различни самити и средби, како оној со јужнокорејскиот претседатеч Мун Џае-ин и американскиот претседател Доналд Трамп. Нејзина задача, како што се вели, е да ја подобри сликата за нејзиниот брат во меѓународната јавност.

По пропаднатиот самит помеѓу Ким Јонг Ун и Доналд Трамп во виетнамскиот главен град Ханој во 2019 година, Ким Јо Јонг исчезна од јавноста и повторно се појави дури по неколку месеци. Според расположливите информации, сестрата на Ким е сопруга на Чве Сонг, синот на Чве Рјонг-хе, официјалниот претседател на Северна Кореја.

Ким Јо Јонг и јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин се ракуваат во Сеул, на 10 февруари 2018 годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/K. Ju-sung

Подготовка за идните задачи

Критичарите на Ким Јо Јонг сметаат дека таа е премлада и е неискусна за да ја преземе власта во Северна Кореја. Освен тоа, севернокорејското општество е многу патријархално и на една една жена и’ е тешко да стои неоспорно на врвот. Други пак сметаат дека во актуелната ситуација таа е најдобра опција.

Пред преземањето на власта во 2011 година, Ким Јонг Ун беше подготвуван за преземање раководни задачи од страна на својот татко и на партијата. Севернокорејските медиуми го преплавија со пофалби и го презентираа како нареден лидер. Сега неговата помлада сестра исто така извршува успешно официјални задачи и е претставена во позитивно светло во севернокорејските медиуми.

Ли Син-хун од институтот Сејонг смета дека Ким Јо Јонг веќе сега, поради својот семеен бекграунд, ужива „неофицијален статус на човек број два во Северна Кореја“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми